Елизабета Јанева: Воспитувањето и образованието на децата со посебни потреби – можности, програми и перспективи

Воспитувањето и образованието на децата со посебни потреби – можности, програми и перспективи

 

Апстракт. Во овој текст ќе се обидам да ги опишам можностите што ги нуди  воспитувањето и образованието на децата со посебни потреби и да дадам идеи за перспективни решенија. Инклузивното образование е општоприфатен начин на учење за подобрување на воспитувањето и образованието на децата со посебни потреби. Нуди можности за подобар развој и социјализација на овие деца. Но, брзиот начин на живот во модерното општество, бара брзо справување со сите предизвици, што тој ги носи. Се поставува прашањето: Дали сите семејства на деца со посебни потреби имаат можност да се справат со тие предизвици и што им  нуди инклузивното образование? Целта на инклузивното образование е да ги подготви овие деца за понатамошниот живот, да умеат тие и нивните семејства да се справат со предизвици во општеството. Уште од самото раѓање на детето и негово дијагностицирање на одредени пречки во развојот, започнува „голготата“ наречена прифаќање на реалноста. Истражувањата и секојдневните примери говорат дека  родителите неретко ја прифаќаат таа „нова реалност“ за нив и со тоа несвесно го усложнуваат целиот понатамошен развој на детето. Големо влијание има општествената средина, која не е подготвена да ги смени предрасудите и да ги прифати децата со пречки во развојот како и сите останати деца. Лично сметам дека реално, за тоа ќе ни треба многу долго време.

Клучни зборови: деца со посебни потреби, инклузивно образование, предрасуди, развој, перспективи

 

Резиме. Перспективни решенија за поддршка на децата со посебни потреби и нивните родители, полесно да ги прифатат животните предизвици.

Најважно е општеството да им овозможи на родителите, колку може полесно да научат да ја прифатат реалноста за тоа со кои потешкотии се соочува нивното дете и да се ослободат од сите стигми и предрасуди. Затоа треба да се организираат задолжителни обуки и работилници, за нивна едукација. Тие треба да се организираат прво, во градинките, кои се првите  воспитно – образовни установи, во кои се дијагностицира развојот на детето. Тоа треба да го прави Инклузивен тим, составен од специјализиран едукатор, воспитувач, психолог и педагог. Тој тим ќе врши опсервација и детекција на детето, а и ќе ги следи сите појави и промени кај него. Така ќе се овозможи уште од најрана возраст, детето да напредува најдобро што може. Во училиштата постои Тим за инклузија, чија цел е да помогне колку може во понатамошниот развој на детето. Но, подготвувањето на ИОП ( Индивидуалниот образовен план) од страна на наставникот и прилагодувањето на Наставната програма, според потребите на детето, е голем предизвик за нас наставниците. Според извештајот од опсервацијата и детектирањето на одредена пречка во развојот, на пр: кај дете со алалија (дете без говор), се прилагодува програмата, со тоа што се изготвуваат адаптивни тестови, каде детето ќе покажува што препознава. За да ја постигне целта и точно да се адаптира Наставната програма, треба наставниците да се стекнат со задолжителна едукација, преку обуки, семинари, собири и сл. Искрено кажано, наставниот кадар е многу малку подготвен за тоа. Хартијата трпи се, но во реалноста треба голема вештина и умешност да се синхронизира целото одделение, да го прифати детето со пречки во развојот, да напредува и тоа и сите останати ученици. Затоа што, на крај, резултати треба да има кај сите. Дополнителна помош е ако во училиштето има постојан вработен специјален едукатор или рехабилитатор, кој ќе работи индивидуално со детето, за негов подобар напредок. Тој е стручен во својата област и може подобро да ги препознае сите можности кај овие деца. Но, успехот и ефектите се помали кога еден едукатор, треба да работи во повеќе училишта.

За подобар успех во училиштата, можно е да се испланира Комбиниран модел на настава, каде детето, половина од часовите ќе ги поминува со својот наставник и соучениците, а другиот дел со едукаторот. Сметам дека така би имало подобар ефект. Знаеме дека кај учениците од помала возраст, вниманието многу краткотрајно, речиси до големиот одмор.

Перспективно решение би било и да се издвојуваат посебни Буџети во училиштата, за опремување специјализирани Сензорни соби – училници, (во секое училиште посебно), во кои децата со пречки во развојот би можеле да ги развиваат своите вештини, преку методите на Марија Монтесори и користењето на соодветните реквизити, кои реално се многу скапи за да може родителот да му ги обезбеди на своето дете.

Да се организираат задолжителни работилници за Окупациона терапија (учење вештини за живот), кои ќе помогнат да се откријат потенцијалите кај детето и ќе го подготват за секојдневните предизвици, одкога ќе го заврши основното образование.

Да се отвараат повеќе Ресурсни центри за бесплатна помош и поддршка на родителите. Еден таков центар во Југоисточниот регион е многу малку за да овозможи достапност за сите семејства, кои имаат дете со посебни потреби. Патните трошоци го оптеретуваат семејниот буџет, па најчесто тие и не се во можност да го посетуваат Центарот.

Ова е само дел од можните решенија, кои лесно можат да станат реалност, само ако целото општество вложува максимум напори и средства.

 

Напомена: Идеите и ставовите во овој текст се лично мои, согледани при работата во училште како одделенски наставник.

 

Елизабета Јанева – професор по одделенска настава во

ООУ „Ристо Шуклев“, Негорци