УЛОГАТА И ЗНАЧЕЊЕТО НА СПИСАНИЈАТА, ПРИРАЧНИЦИТЕ И ДРУГИТЕ ВИЗУЕЛНИ, АУДИО И ВИДЕО ИЗДАНИЈА И МАТЕРИЈАЛИ ВО ВОСПИТНО-ОБРАЗОВНИОТ ПРОЦЕС

Научен собир

 

УЛОГАТА И ЗНАЧЕЊЕТО НА СПИСАНИЈАТА, ПРИРАЧНИЦИТЕ И ДРУГИТЕ ВИЗУЕЛНИ, АУДИО И ВИДЕО ИЗДАНИЈА И МАТЕРИЈАЛИ ВО ВОСПИТНО-ОБРАЗОВНИОТ ПРОЦЕС

 

Скопје, 18.1.2021 година

 

 

Назив на научниот собир: Улогата и значењето на списанијата, прирачниците и другите визуелни, аудио и видео изданија и материјали во воспитно-образовниот процес

 

Краток приказ на тематиката на научниот собир: Улогата на списанијата, прирачниците и другите визуелни, аудио и видео изданија и материјали во воспитно-образовниот процес е голема и незаменлива. Тие се толку многу значајни и незаобиколни, што слободно можеме да кажеме дека без нив не ни може да се одвива воспитувањето и образованието, односно ќе биде сиромашно, сувопарно и празно.

Со оглед на брзиот и динамичен технолошки развој, неопходно е вклучувањето и примената на визуелните, аудио и видео изданија и материјали, покрај печатените – списанија, прирачници, сликовници и слично, во воспитно-образовниот процес.

За таа цел, воспитувачите и наставниците мора да бидат благовремено запознаени со придобивките на новата печатарска, визуелна, аудио и видео технологија.

На тој план, посебно се драгоцени искуствата во странство, кои се очекува да бидат презентирани на овој научен собир.

Притоа, исто така, се очекува да бидат соопштени конкретни примери, начини и методи за подобрување и збогатување на воспитувањето и образованието на децата и учениците.

По завршувањето на научниот собир, ќе биде објавен и Зборникот од научниот собир, кој како книга со презентираните содржини – се планира да биде и еден вид прирачник, односно практикум.

 

 

Кратко образложение за потребата за одржување на научниот собир:

 

Научните собири на вакви и слични теми и од овој вид редовно привлекуваат големо внимание не само од страна на теоретичарите, туку и од практичарите. Дури, би рекле, практичарите се живо заинтересирани за иновации, експерименти, освежувања и подновувања, бидејќи тие им недостасуваат, а многу би им ја олесниле работата со децата и учениците.

За таа цел, убаво е и полезно да се слушне и види како тоа го прават во странство, да се пренесат тие знаења и искуства и потоа да се применат и кај нас.

На научниот собир се поканети и ќе учествуваат научници и стручњаци од различни профили, со оглед на широчината и разновидноста на оваа проблематика.

Како презентери ќе учествуваат и повеќе автори – илустратори и дизајнери.

Овој научен собир со својата тематика и предвидените аспекти и содржини привлече голема заинтересираност во земјава, но и во странство, посебно во државите од окружувањето.