ДЕЦАТА СО ОШТЕТЕН ВИД
До пред неколку години, децата со оштетен вид, а посебно слепите лица, главно се школуваа во специјалните училишта за слепи и слабовидни деца.
Денес, со појавата на инклузивното образование, се повеќе ученици се образуваат во редовните училишта, заедно со другите ученици.
Најбитно е притоа наставникот да знае и умее, односно да воспостави добар контакт со детето со оштетен вид, при што ќе му дава директни и јасни инструкции, а ќе ги избегнува зборовите: таму, овде, оној и слично.
На учениците со оштетен вид давајте им што попрецизни вербални описи и фатете ги за раката за да им покажете како да ја свиткаат хартијата, како да ја држат ножицата и како да сечат со неа.
Бидете трпеливи и резултатите ќе дојдат малку подоцна, но сигурно нема да изостанат.
За учениците со оштетен вид потребни се повеќе макети и релјефни мапи. На послабовидните ученици дајте им текстови со покрупни букви.
Самиот ученик најдобро се познава себеси, односно своите навики, вештини и можности. Исто така, обидете се и потрудете се учениците со оштетен вид да учат и научат: пишување, читање (со Браево писмо), цртање, па и физички вештини, трчање и пливање, се разбира со помош од страна на наставникот и врсниците.