АВТОРСКИТЕ БАЈКИ ВО НАСТАВАТА – ДЛАБОКИ И НЕИСЦРПНИ ПРЕНЕСУВАЧИ НА УНИВЕРЗАЛНИТЕ ЧОВЕЧКИ ВРЕДНОСТИ КАЈ ДЕЦАТА
Апстракт
Бајките, како книжевна форма, сеедно дали потекнуваат од народното творештво или се авторски творби, се темелат на мудрост, ги рефлектираат погледите и смислата на животот карактеристични за времето кога се настанати и ги откриваат универзалните човечки вредности кои се речиси непроменети низ вековите. Иако од содржински аспект може да делуваат наивно, од аспект на значењето бајките се длабоки, неисцрпни и поучни. Преку авторските бајки, полесно се навлегува во детскиот свет и се допира до проблемите кои ги мачат, поуките кои треба да ги научат, сѐ до суштината на животот за кој ги подготвува процесот на воспитание и образование.
Авторските бајки вклучени во наставата, треба да ги насочуваат децата да читаат и да раскажуваат, но и да ги поттикнуваат мисловните процеси, анализата и критичкото размислување, а исто така и ги поттикнуваат на креативност и процес на создавање.
Овоj труд им пристапува на авторските бајки како алатка на наставникот во постигнувањето на целите на часот и стандардите на наставата.
Клучни зборови: авторски бајки, настава, цели на часот
Воведни разгледувања
Авторската (книжевна или уметничка) бајка е стилизирана чудесна приказна, произлезена од усната народна бајка, која со текот на времето станува самостојна и се развива, пред сѐ, според принципите на авторскиот текст. Нејзиниот „премин“ кон пишаната литература не ќе беше можен без видливи трансформации и подреденост на другите жанрови. Во наставните програми постојат повеќе примери на литературни творби кои различно се разбираат и толкуваат во наставната практика, а една од целите на наставата по литература подразбира ученикот да може да ја утврди разликата помеѓу народната и авторската бајка. Во наставната програма по македонски јазик бајката е присутна речиси во сите одделенија на основното образование. На пример, во учебникот за 5 одд застапени се бајките: „Малата самовила“- Словенечка народна бајка, „Последен час“- Славка Манева, „Несреќната книга“- Штефанија Наџен, „Снег“- Јордан Добрески, „Девојчето и дванаесетте месеци“- народна приказна и „Чија мајка е најголема“- Горјан Петревски.
Овој труд нема амбиција да понуди методска обработка на бајката, туку, пред сè, да укаже на некои карактеристики, значења и начини на проучување на бајката, за кои веруваме дека би можеле да бидат од помош при разрешување на дилемите. со кои се соочуваат наставниците при посредување на овој сложен и податен жанр.
Едукативна функција на бајката
Во почетните одделенија секој наставник има можност да ја избере авторската бајка кога треба да постигне некои конкретни цели на часот.
При анализа на бајка наставникот од одделенска настава може да ги постигне следните цели: развој на интерес, желба и навика за читање, развивање на способност за правилно и изразно читање, развивање на култура на читање, способност и желба за самостојно читање, способност за анализа на ликови, развивање на говорот преку збогатување на вокабуларот, развивање на фантазијата, способност да расудуваат, логички да размислуваат, развој на социјални, еколошки, етички вредности, формирање на естетски чувства и вредности, интелектуален и емоционален развој на личноста на детето, развивање на способност за читање со разбирање, способност за анализа, синтеза, вреднување, способност за изведување на логички заклучоци, откривање на причинско-последична врска, способност за содржинска и идејна анализа, откривање на порака од бајката, способност за одговарање на прашања и прераскажување, опишување на ликови, способност за комуникација, критичко размислување, способност за конструктивно решавање на слични ситуации во секојдневниот живот, поуки за животот, идентификување со позитивните ликови, осудување на негативните, учење на позитивни вредности, дека доброто секогаш победува, развивање позитивен однос кон себе, кон другите, кон животните, кон природата, развивање на креативност, творечки способности.
Исто така бајката може да се користи во различни вон наставни активности и преку неа да се вклучат учениците во соодветни содржини кои ќе го поттикнат читањето, критичкото размислување и да пренесат пораки кои допираат до децата заради нивната јасност и прилагоденост на возраста на децата.
Денес, бајките речиси исклучиво се сметаат за жанр наменет за деца, бидејќи како лектира првенствено се поврзани со основното училиште, кое, сакале ние или не, наметнува низа конкретни прашања, како што е, на пример, прашањето за нивната воспитно-дидактичка функција. (Пешикан- Љуштановиќ, 2007)
Генерално, народната бајка не е категорично дидактичка, иако, се разбира, има случаи кога се користи за едукативни цели, а главно се заснова на идејата за бајка како приказна за конфликтот на доброто и злото и задолжителната победа на доброто. Основата за ова гледиште на бајката може да се бара во тој аспект на бајката што го разгледува Андре Џолс (Jolles, 2000). Според него, „бајката припаѓа на едноставните форми, кои – за разлика од уметничката поезија – се формираат речиси спонтано“. (Jolles, 2000: 13) Така Џолс смета дека „текот на бајката е режиран и воден од етиката на настаните, или наивниот морал“ според кој „неправдата мора да се исправи и правдата да триумфира, односно дека основната духовна преокупација на бајката е воспоставување на веќе нарушените морални принципи. Бајката, како што ја согледува Џолс, со својата форма го поништува светот на реалноста, кој го доживуваме како неправеден и неморален. (Jolles, 2000: 169-171)
За разлика од народните бајки, кои се однесуваат за друго време, самите морални и воспитни пораки и поуки кои ги носат се разликуваат од погледите на нашето време, системот на вредности и карактеристиките на денешните ликови и херои. Токму затоа, голем број на народни бајки во голема мера се неприфатливи за денешниот образовен систем (на пр. дека ќотекот е излезен од рајот), додека авторските бајки се прилагодени на современото опкружување и светот во кој живеат децата, заради што се поразбирливи и повеќе допираат до нивните чувства и сознанија и ги развиваат нивните способности.
Наставникот треба да го прошири и развие сопственото разбирање за бајката за да може на ученикот да му понуди поразновидни одговори или, барем, повеќе нови и стимулативни прашања. Неговиот напор, што го вложува при посредување помеѓу детето и бајката како дело, е неопходен, но и продуктивен. Во најопшта смисла, упатувањето од страна наставникот ќе му открие на детето дека тоа и неговото време не се изолирани, дека се дел од сложена дијахрониска низа. Покрај тоа, наставникот секогаш ја има во вид психолошката функција на бајката, која според мислењата на истакнати психолози, ги учи децата на активен став кон животот и им помага во усогласувањето на односот помеѓу свесното и несвесното. (Пешикан- Љуштановиќ, 2007:11)
Според Бруно Бетелхајм, познат психоаналитичар и детски психијатар, бајката овозможува имагинарно решавање на вистински конфликти. Слоевитоста на бајката и нејзините значења, придонесува детето во различни возрасти да го најде она што му треба во бајката. Со својот крај, бајката, според Бетелхајм, ја симболизира состојбата на независност. Бетелхајм истакнува: „Прашањето дали човекот се соочува со животот верувајќи во можноста да ги надмине своите тешкотии или очекува пораз е… важен егзистенцијален проблем.“ (Бетелхајм,1979:256)
Заради фактот дека учениците сакаат да читаат бајки и да зборуваат за нив, во воведниот дел од часот наставникот може да има подготвителен разговор со учениците. Функцијата на овој разговор е да ги мотивира за што е можно поцелосно и повнимателно слушање, читање и толкување на литературен уметнички текст.
Низ бајката, ученикот открива дека постарите луѓе треба да се сослушаат и да се почитуваат, но не треба секогаш слепо да се слушаат. Се нагласува дека секој човек си го бара својот пат и своето место во светот и дека тоа е важно слободниот избор во животот е неискажлив, дури и кога тој избор изгледа погрешен. На учениците им се открива дека секогаш треба да се трудат да ги надминат сите разлики, да ги остварат своите соништа и аспирации, како и да ги надминат сите пречки со истрајност и посветеност. „Токму ова е пораката што бајките му ја пренесуваат на детето на многу начини: дека борбата против огромните тешкотии во животот е неизбежна, дека сочинуваат суштински дел од човековото постоење, но тој – човекот, ако не отстапи, туку цврсто се соочи со неочекуваните и честопати неправедни тешкотии, ги надминува сите пречки и на крајот излегува победник“ (Bethelheim, 1979: 22). Речиси идентичен став има и Гроздана Олујиќ во својот теоретски текст „Поетиката на бајката“ во кој наведува: „Со помагањето на детето да порасне, да дојде во рамнотежа со себе и со светот околу него, да го надмине егзистенцијалниот ужас и страв од непознато, повеќето бајки го прават токму тоа: откриваат колку човек може да издржи, колку нешта треба да надмине на патот кој е најчесто тежок, комплициран, па дури и опасен, но никогаш непремостлив, никогаш затворен до крај“ (Олујиќ, 1981)
Преку обработка на бајките во текот на наставата во основното образование, може да се реализираат следните стандарди по македонски јазик:
Тема: Литература и творење
- Ученикот идентификува на кој литературен вид му припаѓа еден текст (басна, бајка, приказна, расказ, драмска и поетска творба). (Да ги разликува бајките од другите видови текстови)
- Пронаоѓа и објаснува сличности и разлики во литературни текстови (преку настани и ликови).
- Прераскажува (усно и писмено) литературен текст во целост или по делови.
- Одговара на прашања и поставува прашања за содржината на прочитан литературен текст.
- Ги одредува темата, ликовите, местото, времето и хронолошкиот ред на настаните во прочитан литературен текст.
- Препознава реалистични и фантастични елементи (настани и ликови) во прочитан текст.
- Пронаоѓа цитат во даден текст по конкретно барање/прашање (изглед на лик, постапка, опис, настан).
- Наведува цитати од текст за да илустрира лик, постапка, доживување и настан прикажани во текстот.
- Раскажува со промена на граматичкото лице.
- Раскажува со измена на крајот на прочитана содржина.
Тема: Јазик и комуникација
- Издвојува и посочува клучни зборови и фрази поврзани со главната идеја во литературни и нелитературни текстови.
- Препознава, разликува и посочува важни и неважни факти и податоци и описи на лица, предмети и појави од слушнати текстови.
- Согледува и кажува кои се структурните (вовед, главен дел и заклучок) или хронолошките (почеток, развој и крај) елементи на слушнат текст и набројува клучни моменти според редоследот на содржината.
- Составува дијалог во пишана форма според слушнат или прочитан дијалог
- Чита наглас, течно и јасно во согласност со читачката и јазичната возраст.
- Чита наглас изразно (усогласено со видот и природата на текстот)
- Чита во себе по насочени барања (на пример, издвојува информации од текстот).
- Го поврзува значењето на прочитаните содржини со реалните ситуации.
- Користи цитати и аргументи од прочитан текст за да образложи одреден став.
- Користи дигитален речник за пронаоѓање на значењето на непознати зборови и зборови со исто и спротивно значење
- Посочува често употребувани дијалектни зборови и изрази и ги споредува со нивната стандардна форма и со формата во други дијалекти.
- Наведува најмалку три поговорки/пословици на македонски народен јазик.
- Препознава и кажува од кој граматички род се именките посочени во примери.
- Користи описни придавки во соодветен род и број
- Препознава разни видови реченична интонација во усни примери и изговара реченици со соодветна реченична интонација од примери кои ги чита и сам/сама ги составува.
- Користи глаголски форми за изразување дејства во сегашно, минато и идно време.
- Составува разни видови реченици според потребите за изразување.
Заклучни согледувања
Проучувањето на авторските бајки во основно училиште ја развива имагинацијата на учениците, способноста за апстрактно размислување и сензорна имагинација на учениците. Високите уметнички вредности, нивната убавина и темите на авторските бајки можат да ги инспирираат учениците и на креативното изразување и творење.
Вршејќи ја својата задача, херојот на бајката поминува низ развоен процес кон стекнување признание, независност, зрелост и целосна интеграција во тимот. Во бајките, се препознаваат многу сериозни, егзистенцијални, судбоносни проблеми со кои се соочува детето во текот на развојот. Тешките задачи и препреки со кои се соочува јунакот се само сликовито претставени со внатрешните психолошки тешкотии, препреки и кризи со кои се соочува детето додека созрева. Бајката му помага на детето да ги разбере и прифати сопствените животни дилеми и основни стравови: дали е сакано, како да се одвои од родителите и да го надмине стравот што го предизвикува оваа разделба, како да ги открие сопствените сили и да се потпре врз нив, како да го надмине стравот од непознатото и разделбата.
Благодарение на бајките, детето стекнува доверба во себе и во сопствената сила и покрај неговата физичка слабост. Бајката поучува на храброст да се живее и нејзината порака е дека борбата секопгаш се исплати, дека оној што ќе се соочи со сопствените стравови и деструктивни аспирации, може да го најде патот до себе и своето сакано битие.
Задачата на наставникот, во посредувањето помеѓу детето и бајката, станува уште посложена затоа што има можност да се соочи не само со различни видови народни бајки со збунувачки жанровски синкретизам, туку и со авторски бајки, кои се на многу начини блиски но и различни.во однос на народната бајка и посоодветни за постигнување на целите и стандардите во наставата.
Користена литература
Пешикан-Љуштановић, Љ. (2007). „Усмена и ауторска бајка у настави“. Унапређивање наставе српског језика и књижевности. Зборник радова, Нови Сад: Филозофски факултет – Одсек за српски језик и лингвистику, 36-58.
Бетелхајм, Б. (1979) Значење бајки, Београд: Просвета. 256
Козић, А. Д. (2017) Ауторске бајке Гроздане Олујиќ у настави, во „Књижевност и језик“ Vol.64(2017) No.1-2, Београд: Филилошки факултет Универзитет у Београду (p. 247-256) Достапно на https://doi.org/10.18485/kij.2017.64.1_2.17 [Пристапено на 14.10 2021]
Олујић, Г. (1981) Поетика бајке. Достапно на: https://pdfslide.tips/download/link/grozdana-olujic-poetika-bajke [Пристапено на 09.11 2021]
Jolles, A. (2000) Jednostavni oblici, Zagreb: Matica hrvatska
д-р Лили Бошевска
ОУ „Св. Кирил и Методиј“ , Битола
Стручен соработник- библиотекар