ЗА НАУЧНИОТ СОБИР ЗА СОВРЕМЕНИТЕ АВТОРСКИ БАЈКИ
Краток приказ на тематиката на научниот собир:
Бајката е посебен книжевен вид, а може да биде народна (усмена), или уметничка (авторска) творба. Надприродните случувања во бајките имаат и играат голема улога, поради фантазијата која ја будат кај слушателите, читателите и гледачите, пред се кај најмладите генерации. Системското запишување на бајките и нивното објавување во Европа започнува кон крајот на 17-от век. Голем број писатели по углед на народните усмени бајки започнале да пишуваат и објавуваат свои авторски бајки исполнети со пресврти и фантазија. Најпознати бајкописци во светот се: Браќата Грим, Андерсен, Шарл Перо, Ивана Брлиќ – Мажураниќ, Гроздана Олујиќ, Славко Јаневски, Видое Подгорец и многу други.
Бајките во книжевноста постоеле со илјадници години, а подоцна се осамостојуваат и како посебен жанр. Усната традиција на бајките била пред пишаниот збор. Првите собирачи на бајки се обиделе да ги зачуваат не само фабулите и ликовите на приказната, туку и стилот на кој биле раскажувани. Во некои случаи тие биле и авторски надградувани од страна на собирачите, како што е случајот со приказната Силјан Штркот од Марко Цепенков.
Бајките денес се вклучени, застапени и присутни во книжевноста, наставата, филмовите, театарот, стрипот и во многу други сфери во образованието, науката, културата и уметноста.
На крајот од собирот, ќе бидат сумирани сите искажувања во вид на заклучоци, кои ќе најдат теоретска, но и практична примена.
Кратко образложение за потребата за одржување на научниот собир:
На научниот собир посветен на авторските бајки, покрај другото, ќе стане збор и за тоа: што е тоа литературна бајка (дефиниција и примери), за карактеристиките на литературната бајка, фолклорот и бајката, за народната традиција и книжевните бајки, што е литературната бајка и во што таа се разликува од народната, за потеклото и појавата на авторската бајка и слично.
Целта на овој научен собир е овој популарен жанр, кој е многу привлечен и податлив за децата и учениците, уште повеќе да се развие, подобри, надгради, усоврши и омасови.
Воспитувачите, наставниците и професорите, заедно со писателите кои пишуваат авторски бајки, имаат своевидна, голема и значајна мисија.
Научниот собир е меѓународен и се очекува на него преку изнесување на искуства и позитивни примери да се согледа и компарира македонската со балканкската, европската, па и светската авторска бајка.
По завршувањето на научниот собир, научните соопштенија (рефератите) ќе бидат публикувани во посебен тематски зборник, а на самиот научен собир се очекува да се развие богата, разновидна, повеќеслојна, компетентна и содржајна дискусија.
Бенефитот од овој научен собир е и за теоретичарите и за практичарите, а резултатите се очекуваат во континуитет во еден подолг период.
проф.д-р Христо Петрески,
директор на Институтот за наука, алтернатива, култура и уметност – Скопје