Лили Бошевска: Кратките литературни форми како поттикнувачи на јазичниот израз и раното изучување на мајчиниот јазик

Кратките литературни форми како поттикнувачи на јазичниот израз и раното изучување на мајчиниот јазик

 

Апстракт:

Јазичниот израз игра важна улога во наставата за изучување на македонскиот јазик. Кратките литературни форми, како врвен дострел на литературата, заради својата есенцијална природа се првите форми со кои се сретнува секој човек од најрана возраст и во најголема мера влијаат врз развојот на јазичниот израз кај секој поединец. Раното учење на мајчиниот јазик треба првенствено да се фокусира на развојот на успешна комуникација помеѓу учениците, развој на слушање, разбирање и зборување, збогатување на вокабуларот на учениците, поттикнување на креативност и имагинација во изразувањето и развој на логично расудување. Учениците од помлада училишна возраст со кратките литературни форми како што се поговорки, гатанки, шеги, бројалки, брзозборки, анегдоти, песни и кратки приказни, доколку се правилно воведени во наставата на македонскиот јазик, може да бидат добра основа за поттикнување и развој на говорно, а подоцна и писмено изразување.

Овој труд  е теоретски преглед на кратките форми во литературата, кои потекнуваат од дамнешни времиња и продолжуваат да живеат преку непосредната комуникација на народното творештво и како авторски форми, кои го  поттикнуват јазичниот израз на учениците од најрана возраст и во наставата по македонски јазик во почетните одделенија.

Клучни зборови: Кратки книжевни форми, настава

Воведни разгледувања

Во системот на книжевни жанрови, родови и видови, не е така лесно да се одреди точното место на кратките книжевни форми. Ова се должи на фактот дека овие форми се појавуваат и во прозна форма и во стих. Исто така, овие кратки форми често претставуваат поента или се составен дел од многу, по обем, поголеми книжевни жанрови. Земајќи го сето ова предвид, кратките книжевни форми, сепак, формираат посебна категорија.

Широка е примената на кратките форми во процесот на наставата заради нивната бројност и флексибилност. На пример: „поуката на басната може да се изрази со поговорка, од анегдота може да се развие новела,  во составот на одредени епски и лирски песни, има различни клетви, заклетви и благослови, за време на детската игра можат да се применат бројалки и редаленки, родителите можат да им испеат приспивни песни за добар и мирен сон“ (Обадовиќ, 2014:392). Исто така, според Јорданоски и Димовски (1995), гатанките, песничките и кратките приказни можат да се применуваат при изградување на изговорот и говорот за функционално применување на фонемите.

Во зависност од потребите за наставните, слободните и вон наставните активности, наставниците можат да ги користат кратките книжевни форми во сите фази од часот, но и како мотивација за внесување на ведар дух на часот. Исто така се користат и при изградување на изговорот, говорот и јазичниот израз кај децата.

Сите видови кратки литературни форми изобилуваат со стилски фигури, меѓу кои алитерација, асонанца, споредба, контраст, анафора, епифора, метафора и проучувајќи ги, наидуваме на ономатопеја, симбол, лирски паралелизми, симплоха, итн.

Овие литературни форми се плод на игра на говор, имагинација и дух, и често можат да имаат и натпреварувачки карактер. Честопати, тие носат одредена доза на хумор што може да се претвори во сарказам, па дури и потсмев. Кратките литературни форми, како што се брзозборки, редаленки, бројалки и разбројувалки, можат да послужат како еден вид логопедски вежби, бидејќи се состојат од зборови што се составени од групи согласки  кои тешко се изговараат.

Истражувањата, поврзани со примената на кратките книжевни форми во наставата, покажуваат дека: „кратките литературни форми имаат позитивно влијание врз учениците. Покрај тоа што се кратки и интересни, овие форми создаваат повесело расположение и можат да ги поттикнат учениците да бидат покреативни и посигурни во својот говор, како и да развијат размислување и логично расудување“ (Tadić, 2015) и укажуваат „на неопходноста од интегрирање на овој вид литература поради богатиот потенцијал да обезбеди автентичен модел на употреба на јазикот. (Pardede, 2011)

 

Видови кратки форми кои се применуваат во наставата и раното изучување на македонскиот јазик

Како најчести кратки книжевни форми кои се применуваат во раното изучување на мајчиниот јазик, кои ќе бидат поткрепени со примери, се следните:

Поговорки: Поговорката е вид израз кој има структура на реченица и предава некое соопштение или општоважечка порака. Таа е одраз на секојдневниот живот на народот, на неговата мудрост и филозофија. Во себе содржи одредено животно искуство и нуди одредени правила на однесување. Во неа се опфатени сите позначајни моменти од животот на човекот, од раѓањето до смртта, така што тука нашле место неговите занимања, алатките и орудијата за работа, како и непосредната околина, создавањето на светот итн. Како реченица најчесто доаѓа на крајот од одредено кажување и има функција на поента, се користи за да се резимира одредена содржина и да се изведе заклучок, да се сублимира едно животно искуство. Не постои посебен автор кој ги измислил поговорките, тие имаат колективен автор – народот или заедницата. Во македонскиот јазик постојат безброј поговорки кои ги слушаме од постарите, ги читаме од книгите, ги слушаме од медиумите или од наставниците.

Поговорките влегуваат во други книжевни дела – песни, раскази, романи, драми, басни, бајки, итн. Тие се стилистички зајакнати со метонимија, алитерација, ономатопеја и други стилски фигури. Многу поговорки се завршниот дел од одредени приказни или песни. (Обадовиќ, 2014)

Што ќе си посееш, тоа ќе си жнееш.

Бело му е лицето, црно му е срцето.

Брат помогнат од брат, појак е од еден град

Брат против брат, полош е од најголем враг

Гатанки: Во гатанката, содржината које е предмет, намерно е претставена „извртено“ и одоколу, за да биде што е можно потешка за откривање за оној што ја решава. За да се разбере гатанката, неопходно е да се знае контекстот во кој е поставена. Сите гатанки може да се сведат на форма: прашање – одговор. Дијалогот е основната форма на загатката. Се карактеризира со посебна примена на стилски фигури. Покрај метафората, вообичаени се споредба, контраст, асонанца, алитерација и рима.

Сечат като нож, ама нож не се. Бели като бисер, ама бисер не се. (Заби)

Бела нива црно семе, со рака го сејат со уста го берат. (Книга)

Падна Толе в море, ни море се заниша, ни Толе се удај. (Лист)

Покрај народните гатанки, во наставата можат да се применуваат и современите авторски загатки, а исто така можат да се поттикнуваат децата да создаваат нови гатанки и слични загадочни содржини.

Раце, лице а и тело, штом со него миеш

здрав ќе бидеш, драго дете, подобро ќе спиеш  (…….)

 

Бројалки/ броеници: Бројалките претставуваат стихувано набројување на зборови во определен ритам и на тој начин го поттикнуваат изговорот на гласовите. Звучноста и музикалноста се нивните најголеми квалитети. Се користат за игра на наставникот со децата и за игра на децата едни со други.

Топчето ми падна, Калина го грабна. / Дај ми го Калино, не ти го давам, / ќе го продадам за два гроша, / Калина е лоша

Разбројувалки/ Пребројувалки: Разбројувалките се кажуваат кога се пребројуваат учесниците во играта и можат да се составени од произволни, често неразбирливи зборови. Обично се проследени со движење на раката на оној кој пребројува, така што оној на кого ќе падне последниот збор, отпаѓа (откинува) од понатамошно разбројување. Алитерациите, асонансите и римите ги засилуваат звучните ефекти на разбројувалките.

Енци, менци, на каменци, ин, пин, чорапин, дали бали би, супа јадеш ти.

Еден два и три /глувчето се скри /кој го виде? / баш ти!

 

 Брзозборки: Брзозборките се тешки за изговор, се изговараат брзо и при брзиот изговор се прават грешки кои предизвикуваат весело расположение, а истовремено се вежба и усовршува артикулацијата и концентрацијата.

Бел петел бела пепел прета.

Лош кантар црн катран мереше.

Ситна роса ситно трева росеше.

Редаленки: Редаленките се подолги говорни креации во кои индивидуалните дејствија се наредени во причинско- последична низа. Нивна функција е заедничката забава во која детето треба да ги запомне подредените концепти или индивидуални постапки во причинско -последичната врска.

Ај да речиме уште еднаш, /да се сторат седум пати,/седум дена во недела,/шест месеци пол-година/пет прсти рака има, /четири моми на орото, /три на крст пирустија, /две очи мома има, /еднаш мајка јунак раѓа, /еден ми е билбил, /што ми рано пее / рано во мај месец.

Шеги: Шегата е кратка јазична творба која служи за предизвикување комичен впечаток. Најважниот елемент на шегата е да се знае како да се раскаже. Шегата не може да се парафразира. Нејзини најчести теми се оние кои во моментот се релевантни за целната група. Мора да се случи неочекуван пресврт на крајот од шегата. (Обадовиќ, 2014)

Со шегата се поттикнува развивање на говорот, критичкото размислување, помнењето, досетливоста.

Наставникот прашува:

– Ајде, Перо, кажи ми поговорка.

-Кој рано рани, две среќи граби!.

-Браво! Ајде сега друга.

– На умниот, еднаш му е доста!

 

Легенди: Легендата покажува сличности со расказот или приказната, но, за разлика од нив, опишува необјасниви настани и појави. Авторите на легендите се непознати, но нивната втемеленост во историјата и географијата е поспецифична и поконкретна отколку во случајот со митовите. Тие обично зборуваат за потеклото на растенијата и животните или за некои историски личности, места и настани.

Анегдоти: Анегдотата е концизна приказна за некој настан или приказ на некој херој кој имал исклучителна изведба во значајна ситуација. Анегдотите честопати се групираат околу еден тип што луѓето го издвоиле како нивен херој (Гоце Делчев) или мудрец (Насредин-оџа кај Турците или Итар Пејо кај Македонците). За разлика од легендите, кои се засноваат на измислени детали, анегдотите подразбираат животна вистина која е врзана за одредена личност. Краткоста и едноставноста на анегдотите го постигнуваат посакуваниот ефект кој треба да се постигне на часот и ги моривираат децата.

Кратки раскази и песни: При изучување на јазикотмеѓу книжевните жанрови, се чини дека кратките раскази се најсоодветен избор, поради потенцијалот да им помогне на учениците поефикасно да ги подобрат четирите вештини: слушање, зборување, читање и пишување, поради мотивационата придобивка вградена во приказните.“ (Pardede, 2011)

Покрај тоа, кратките раскази и песните, освен во редовната настава,  можат да се применуваат и од стручните лица кои се занимаваат со артикулативно-говорна и јазична проблематика, при усвојување и изградување на фонемите, правилниот изговорот на истите, синтетизирање до „функционално применување во исказ, песничка, приказна (поддржувано и самостојно)“ (Јорданоски и Димовски,1995) и усовршување на говорот кај децата воопшто.

Функционално применување на фонемата Ѕ во кратка приказна:

Еднаш еден цар сакал да направи ѕид низ кој да може да се ѕирка. Дошле децет мајстори со десет ѕвонци што не ѕвонеле. Удриле три пати во првиот ѕвонец– ништо. Удриле петпати во вториот ѕвонец – нешто. Се направил висок и долг царски ѕид. Ем ѕид, ем проѕирен….

 

Споредбено функционално применување на фонемите С, З, Ц, Ѕ во песничка:

Стевче ѕида ѕид, / со цигли ко рид, / Ѕуница го ѕирка, /му пее, му свирка. / Еј ти лична ѕунице, / сончева убавице, /дојди да наздравиме, куќа да направиме/ да играме, да пееме / сложно да живееме. (Јорданоски и Димовски,1995)

 

Заклучни согледувања

Иако потеклото на кратките форми е претежно поврзано и лоцирано во минатото, овие форми лесно се вклопуваат во сегашноста, одговараат во сите времиња и активни се и во книжевноста и во секојдневниот говор за секоја возрасна група.

Заради својата форма, јасност, концизност и разновидноста на темите кои се обработуваат во овие форми, погодни се за користење од најрана возраст при изучување на македонскиот јазик и во наставата по мајчин јазик во почетните одделенија.  Обработуваат човечки слабости, недостатоци и постапки, суштински карактеристики на некое живо суштество или предмет, тековни општествени теми, јазик, животни, логика, итн. Кратките форми: поговорки, шеги, гатанки, анегдоти и сл ги поттикнуваат децата да изговараат и говорат за да го вежбаат говорот, но ги поттикнуваат и мисловните процеси, анализата и критичкото размислување, а исто така ги поттикнуваат на креативност и процес на создавање.

Денес кратките форми земаат „современа” форма, така што сите оние кои се дел од народното творештво и се искажани и запишани во дилалектна форма, често се запишуваат и со современиот стандарден јазик, но авторите создаваат и нови авторски кратки книжевни форми кои се во функција на современата настава. Без оглед на разликите помеѓу видовите кратки литературни форми, заедничката функција на сите нив е забава и внесување на ведар дух во наставата, што во никој случај значи дека тие не носат подлабоко значење, напротив, тие честопати претставуваат голема мудрост во краток текст или во само една реченица.

 

Користена литература

  1. Јорданоски, Ј,, Димовски, В. (1995) Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните, Скопје: Rabbit
  2. Обадовиќ, М (2014) Кратке књижевне форме, во Годишњак Учитељског факултета у Врању, књига V, Врање: Учитељски факултет. Достапно на: https://scindeks.ceon.rs/article.aspx?artid=1820-33961405379O [Пристапено на 13.10 2021]
  3. Цветковски, Р.П. (1993) Македонски народни пословици, Битола:Мисирков
  4. Николовски, Д. Д. (2005) Најубави гатанки книга 2, Скопје: Феникс
  5. Брзозборки, игрозборки, редалки (1993) Ономоно дономоно, Скопје: Просветно дело
  6. Солар, М. (1986) Теорија књижевности. Загреб: Школска књига.
  7. Тартаља, И. (2008) Теорија књижевности. Београд: Завод за уџбенике и наставна средства.
  8. 8. Pardede P. (2011) Using Short Stories to Teach Language Skills, во “Journal of English Teaching”, Vol1 No1, Jakarta: Universitas Kristen Indonesia. Достапно на: https://www.researchgate.net/publication/283724743_Using_Short_Stories_to_Teach_Language_Skills [Пристапено на 12.10 2021]
  9. 9. Tadić, J. (2015) Kratke književne forme i govorno izražavanje učenika na satu hrvatskoga jezika, diplomski rad, Osijek, Slavonski Brod: Fakultet za odgojne i obrazovne znanosti Достапно на: https://www.bib.irb.hr/826947 [Пристапено на 12.10 2021]

 

Д-р Лили Бошевска

ОУ „Св. Кирил и Методиј“ Битола

Стручен соработник- библиотекар