Олга Панкина 

Олга Панкина 

 

Позната руска македонистка и преведувачка, поетеса, сликарка, популаризатор на македонската култура во Русија.

Студирала на Филолошкиот факултет на Московскиот државен универзитет “Ломоносов” (1975-1980) каде што дипломирала со одличен успех по струка: филолог, стручњак за словенски јазици и литератури. Била на подолго стажирање на МАНУ. Дипломската теза ја подготвила со научно менторство на акад. Блаже Конески. 1985-1987 – главен уредник и преведувач во Државниот комитет на Русија за радио-телевизија. 1994-2011 – преведувач во Амбасадата на Република Македонија во Руската Федерација. 2007-2011 – предава македонски јазик на Меѓународниот словенски институт и на Академијата за словенски култури во Москва. Ја води рубриката за Македонија во литературно-уметничкото списание “Меценат и свет” што се издава во Москва.

Стожер на нејзината целокупна богата професионална активност исцело посветена на популаризацијата на македонската книжевност и култура во Руската Федерација претставува ангажманот на Олга Панкина во работата и дејноста  на невладината организација “РОО Македонски културен центар” во Москва, формирана по нејзина иницијатива пред 11 година, со цел запознавање на граѓаните на Русија со културата, историјата, јазикот, уметноста и современиот живот во Македонија. Таа како долгогодишен претседател на овој центар, мошне активно и успешно ги презентира македонските културни вредности во Руската Федерација.

Истовремено, Панкина е член на Московската градска организација на Друштвото на писателите на Русија, член на Сојузот на преведувачите на Русија, член на Друштвото на писателите на Северна Македонија и на Сојузот на литературните преведувачи. Член на Друштвото на ликовните уметници на Русија, член на Координационениот Совет на Руските сонародници во земјата.

Олга Панкина е добитник на голем број награди и признанија во Руската Федерација и во нашата земја: медал “Державин” (Русија, 2009), “Кристално перо” (Русија, 2010); “Златно перо” (Македонија, 2010); медал “Чехов” (Русија, 2011), “Григор Прличев” (Македонија, 2011), медал “Грибоедов” (Русија, 2012), медал “Блаже Конески” (Македонија, 2012), “Гоцевата мисла” (Македонија, 2014), “Арт Феникс” (Македонија, 2014), “Почесно Рациново признание” (Македонија, 2015), “Sвезден македониум” (Македонија, 2015), “Арт Глобал” (Хрватска, 2015, 2016), Златна диплома од Меѓународниот форум на словенските култури “Златен витез” за популаризациjа на македонската литература во Русиjа (Русиjа, 2018), државна награда Медал за заслуги за Македониjа (Македонија, 2019), литературна премија “Jугра» (Русија, 2020), “Златен витез” (Русија, 2021) и др. Едновремено Панкина е добитник на благодарници од низа руски и македонски јавни и општествени установи и институции.

Има над 100 објавени трудови: преводи на руски од македонски и од други словенски јазици, како и од руски на македонски. За повеќето автори напишала и белешки во изданијата.Панкина е автор на повеќе статии за Македонија во разни руски списанија.

Нејзиниот научен интерес лежи во доменот на современиот македонски јазик, лексикографијата, теоријата и практиката на преведување од и на словенски јазици.

Олга Панкина е автор на преводите на над 60 книги од македонски писатели, како и на преводите на творби (поетски, прозни, драмски, критичко-есеистички) од 270 македонски писатели, презентирани во рамките на антологиски избори, панорами и одделни објави.

Автор на проектот “Библиотека на литературата на Македонија” – таа приреди, преведе и обезбеди средства за печатање на антологиите: “Македонски раскази” (2009, застапени 50 македонски раскажувачи), “Современа македонска драма” (2010, застапени 8 драматурзи), “Современа македонска поезија” (2011, застапени 64 поети) – досега најрепрезентативни изданија на македонската книжевност на руски јазик

Панкина е автор на значајниот проект “Македонскиот роман на 21 век” (едиција од 10-12 книги) што се реализира во соработка со Серуската државна библиотека за странска литература “Рудомино”. Првите пет романи од едицијата: “Храпешко” од Ермис Лафазановски, “Водената пирамида” (“Патот на јагулите”) од Луан Старова, “Дваесет и првиот. Книга на фантазми” од Томислав Османли, “Азбука за непослушните” од Венко Андоновски и “Маџун” од Влада Урошевиќ се објавени (2014-2019) во Москва во нејзин превод. Наскоро ќе излезе од печат и шестиот роман “Фантомско стапало” од Блаже Миневски.

Преведувач на руски на антологиите од проектот “135 тома македонска книжевност” (вкупно осум книги): Македонскиот расказ, Поезија, Драма и Роман I, II, Литература за деца, Македонската критика и Македонскиот есеј.

Благодарение на нејзиниот зафат Русија се вклучи во меѓународниот проект “Сто словенски романи”. Во превод на Панкина се објавени романите: “Вежби за ибн Пајко” од Оливера Николова, “Азбука за непослушните” од Венко Андоновски, “Разговор со Спиноза” од Гоце Смилевски, “Дива лига” од Влада Урошевиќ, “Недела” од Ермис Лафазановски.

Покраj горенаведените дела меѓу поважните преводи од македонски на руски се:

Проза: “Големата вода” од Живко Чинго, “Пиреј” од Петре М. Андреевски, “Времето на козите” од Луан Старова, “Омраза длабоко” и “Друга мајка” од Драгица Најческа, “Папокот на светот” од Венко Андоновски, “Невестата на змејот” од Влада Урошевиќ, “10 македонски романи на 21 век” (во извадоци), “Аквамарин” од Тања Урошевиќ, “Собирачи на пепел” од Давор Стоjановски, “Доилката”од Лиљана Пандева, раскази од македонски автори во списанието “Великорос” и во списанието “Иностранаја литература”.

Поезија (посебни книги): “Историја на болеста” од Ристо Лазаров, “Мајчин јазик” од Славе Ѓорѓо Димоски, “Храм, сепак храм” од Ристо Василевски, Антологија на современата македонска поезија “Гласови крај водата” (застапени се 65 автори), “Балканска меланхолија” од Ристо Василевски, “Сончев круг” од Матеја Матевски, “Забранета книга” од Веле Смилевски, “Врв” од Санде Стојчевски, “Препеви на Олга Панкина од словенската поезија”, “Моја длабочина” од Славе Ѓорѓо Димоски, “Кога ни гореше под нозете” од Катица Ќулавкова, “Послание” и “Сто песни” од Блаже Конески, “Пејач во кулата” од Влада Урошевиќ, “Македонски монолог” од Гане Тодоровски и др.

Трудови од областа на македонистиката:

Мал македонско-руски речник, Мал руско-македонски речник, Граматички содржини – помагало за почетници, Македонско-руски разговорник, Руско-македонски разговорник, над 50 научни реферати и статии од областа на македонистиката.

Панкина е автор на поетските збирки: “Предзимје” (2013), “Паралелни светови” (2015), “Плисок” (2018) и други.