Skip to main content

Ана Багрјана е поет, прозаист, драматург, преведувач од Украина.

Родена е на 24 март 1981 година во Фастив, Киевска област. Завршила украински jазик и литература на Институтот за филологиjа на Киевскиот национален универзитет „Тарас Шевченко“. Работела како новинар на телевизиjа, радио и во печат. Од 2007 до 2009 година била секретар на Советот на Националниот соjуз на писателите на Украина за работа со млади автори и главен уредник на списанието „Гранословие“.

Член е на Националниот соjуз на писателите на Украина и на Асоцијациjата на украинските писатели.

Автор е на поетските книги „Соцветие од зборови“ (2000), „Сред виолетовите соништа“ (2002), „Меѓу боговите и нас“ (2005), „Прошетка по jаже“ (2008), „Другите линии“ (2009), „Баење од љубов“ (2011); романите „Етимологиjа на крвта“ (2008), „Толку необична љубов“ (2010), „Дошкуљака“ (2012); книгите со проза за деца „Животи на истакнати деца“ (2010), „Приказни од градскиот парк“ (2014), „Генја“ (2015), „Остварени мечти“ (2015); повеќе драмски дела, раскази и критички статии, обjавени во антологии, алманаси и литературни списаниjа. Изведени се претстави со пиеси и либрето на Ана Багрjана во Украина, САД и Македониjа.

Преведува од словенски jазици. Превела дела од македонски на украински јазик од Киро Донев („Весел зоо парк“, „Збркана сказна“, «Јамболиjа што лае»), Натали Спасова („Прва љубов во Розевата улица“, „Запалка“ и “Двете принцези”), Ристо Василевски („Храм, сепак храм“), Разме Кумбароски (“Стаклена гора”), Фросина Пармаковска („Вишнова хроника“), Владимир Костов (“Сватба на Мара”), Трајче Кацаров («Чалик-чамак»), Владо Димовски («И чоек и пес»), Душко Родев «Во очекување на Нобеловата награда», Стоjмир Симjаноски «Евангелието на трите самовили», Ана Стоjаноска «Jас и Лин, отпосле», Сашко Насев «Избрани драми», Бранко Прља «Апокалипса.мк», Драгана Евтимова и Владимир Лукаш «Се гледаме. Е.», Траjче Кацаров «Не паркираj – гаража», а во украински книжевни весници, списаниjа и саjтови обjавила голем број преводи на песни, раскази и драми од македонски автори, како и статии за современата македонска книжевност.

Составувач и преведувач е на „Антологиjата на современата поезиjа на Република Македониjа“ (2012) на украински jазик.

Наградена е со повеќе украински и меѓународни книжевни награди: „Рукомес­ло“, „Коронациjа на зборот“, „Смолоскип“, „Пантелеjмон Кулиш“, со меѓународната украинско-германска награда „Олес Гончар“, „Сребрено перо“ (Бугариjа), „Марусjа Бек“ (Канада), повелбата „Академија на Медитеранот“ (Струга, Р. Македониjа), „Qiriu i Naimit“ (Тетово-Приштина) и др.

Неjзини дела се преведени на полски, азербеjџански, бугарски, руски, македонски, француски, англиски, латвиски, ерменски, албански, српски, хрватски, беларуски и на други jазици. Книгите на Ана Багрjана се обjавени во Белгиjа, Полска, Азербаjџан, Бугариjа, Србија, а во Македониjа: „Толку необична љубов“ (2010) , „Пиеси“ (2011), „Ѓерѓеф“ (поезиjа, 2012), “Приказни од скопскиот парк” (2016).

Учествувала на сите поголеми и позначајни книжевни манифестации што се одржуваат во Република Македониjа: Струшките вечери на поезиjата, Рациновите средби, Карамановите средби, Хераклеjските поетски свечености, Книжевната колониjа во Галичник и др., а трипати учествувала и на Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во Охрид. Од 2009 до 2015 година привремено живееше во Скопје.