Skip to main content

 

НОВИ СТ(Р)АНИЦИ ВО ЛИТЕРАТУРАТА ЗА ДЕЦА

 

Ако стана веќе по малку здодевно да се говори и пишува за литературата за деца кај нас, главно поради преповторувањето на истите рефрени, флоскули и фрази и замрената, демодирана и застоена ситуација, сега во едрата како да задува нов ветер. Имено, по повеќето расправи и дебати, трибини, тркалезни маси, негодувања и укажувања – конечно започна да се случува нешто ново, инвентивно и креативно. Па, објавените книги за деца и млади не се бројат на прстите од едната, туку од двете раце, се публикуваат македонски книги и во странство и полека но сигурно се пројавуваат и неколкумина нови автори, покрај малкутемина етаблирани автори од претходните генерации.

На литературата за деца и млади со години по ред, да не речеме децении, и беше неопходна творечка, кративна и инвентивна обнова како на тематско-мотивски, така и на стилски и изразен план.

Всушност, дефицитарни се современи и актуелни текстови и нивни помлади, подуховити и полуцидни пишувачи.

Бројот на македонските издавачи кои се занимаваат со овој вид литература постојано се зголемува. И она што е мошне битно кога станува збор за овој жанр, а тоа се илустрациите на македонските илустратор(к)и.

Со поддршка на Министерството за култура и Министерството за образование, се надеваме и очекуваме создавање и публикување на поголем број книги за деца и млади, но и нивни промоции, средби со писатели и слично.

Творештвото за деца во светски рамки е тренд, бизнис и индустрија, а кај нас е потценето, поттурнато и на маргините, иако е воспитно, едукативно и неодминливо при формирањето на младата личност и регрутирањето нови читатели.

Затоа, да не кукаме веќе и лелекаме, да не ламентираме над лошата ситуација и состојба, туку да се ангажираме и да ја преобразиме досегашната сиромашна и анахрона реалност со конкретни дела, проекти и манифестации… Книжевноста за деца и млада и неизорана нива, па каде и да почнете – имате можности за безбројни нови бразди и никогаш докрај нема да биде испишана, завршена и конечна таа нова отворена ст(р)аница…

 

проф.д-р Христо Петрески