Снежана Алексиќ Станојловиќ: Современото творештво за деца и млади денес

 

Современото творештво за деца и млади денес

 

Од секогаш постоело аналитичко прашање: Што е всушност творештво за деца?

Професорите, јазичните аналитичари, книжевните критичари, публицисти и журналисти, научни работници, па и самите книжевници…Сите тие и многумина други се обидувале да ја објаснат литературата за деца, нејзината смисла, причината за нејзиното настанување, пораката која таа ја испраќа, јазикот и стилот со кој таа се создава, на кои читатели е наменета, правилата кои треба или не треба да се почитуваат во процесот на нејзиното создавање…Творештвото – литература за деца и млади е детерминирана со специфичноста на одредена биолошката возраст.

За настанокот на творештвото за деца и млади секако можеме да зборуваме уште од стари времиња, кога настанувала и се спомнувала народната книжевност со разни куси форми за поттикнување на размислување и (не)свесен развој на интелектуалните и говорните можности на децата – загатки, доплнувалки, брзозборки. Освен овие творби, се јавуваат куси песни и приказни со духовита содржина, за децата да се забавуваат, насмеат или пошегуваат и развеселат во тешките времиња и долгите зимски ноќи. Народните бајки се подолги форми во кои се јавуваат измислени ликови и измислени случки, во кои доброто војува против злото и во кои на крајот, по непишано правило, победува доброто, се форми кои ја разбудуваат мечтата кај децата, но со кои возрасните сакаат на децата да им ја пренесат и воспитната порака. Преку дејствување на главните ликови кои, задолжително, се делат на добри и лоши, индиректно се пренесуваат на децата позитивни карактерни особини на саканите јунаци со кои се постигнува индентификација, а чии  особини се всадуваат кај децата. Создавани, со векови пренесувани на младите поколенија и подоцна запишувани на народен јазик, овие творби се прифатливи на децата од деношново време во онаа мерка во која се тие објаснети или доближени од возрасните. Со овие дела, народот и неговите деца го пронашле својот народен јазичен и културен идентитет.

Современата книжевност за деца и млади подразбира книжевен период во кој се јавуваат дела во кои се препознава единство на стилските, тематските и други литературни категории создадени за одредена возраст. Основните принципи кога се создава литературно дело за деца сочувани се и во современата литература, со големо и видливо намалување, речиси сосема исчезнување на одредени теми и грубоста, како во однесување на ликовите, така и во самите настани кои се јавуваат. Со цел денешното дете да се заштити од нештата што би можело да предизвика трауми кај него, понекогаш се оди во крајност, попрецизно кажано – во банализирање. Се критикуваат некои дела кои живеат повеќе векови и со кои многу деца израснале и се воспитувале, а кои се од страна на децата лесно прифатливи. Се заборава дека децата имаат свој внатрешен филтер преку кој делото наменето за нив го прифаќаат или отфрлуваат, честопати без јасно дефинирани правила („Грдото пајче“, „Малечката Црвенкапа“, „Ивица и Марица“, „Снежана и седумте џуџиња“…или делата во кои се раскажуваат приказни од војната…).

Детството, како биолошки и културолошки феномен, исполнето е со своите барања, кои се разликуваат од барањата низ вековите. Намалениот број на деца во денешното семејство, централистичкото место на детето, повисокиот економски стандард, како и појавата на Декларацијата на детските права, ја смениле позицијата на детето, а со оглед на тоа и застапените теми, содржината, стилот, но и јазикот во литературата за деца.

Некогашната литература за деца почесто била подредена на педагогија со истакнати дидактички цели. Писателот – поетот се ставал во позиција на искусен и добронамерен советодавец кој се обидува на детето да му го доближи светот онака како што го доживуваат возрасните. Тоа се поети – дидактичари кои суштината на поезија за деца ја сведуваат на рационална и морална порака. Современата литература за деца неретко ги опфаќа темите од наставната програма (семејството, празниците, сообраќајот, природата, годишните времиња и сл.) и честопати таа цел во песните и расказите станува пренагласена. Ретки се оние поети за деца кои успеваат да ја доловат вистинската мисла на детето. Тие на ненаметлив начин, кој му е е близок на детето, му расажуваат за она што му е блиско нему, што го интересира и што детето го прифаќа/со својата логика. Во таквото дело, на детето не му пречи и некој умен совет или порака, оти таа потекнува од интересна и разбирлива содржина искажана со, на него разбирлив и ведар јазик и стил. Од друга страна, се јавуваат творци кои создаваат творби за деца и млади, исклучително  заради забава, афирмација и профит. Така настануваат стихови во рима, без познавање на психологијата на детето, раскази без познавање на детскиот вокабулар и начинот на кој детето размислува, чувствува, како разбира и како заклучува. Мисловно-интелектуалните процеси во умот на детето не се исти како кај возрасното лице. Искуственото поимање и доживување се разликуваат. Децата имаат свој свет, а возрасните кои пишуваат за деца мораат да го познаваат тој свет, да го разбираат и да го сакаат. Тоа не е лесна работа. Во нивниот свет не смееме само површно да ѕиркаме, туку длабоко и студиозно да влегуваме. Познавајќи едно или две деца, не значи дека ги познаваме сите деца и дека го познаваме нивниот свет. Затоа, да се пишува литература наменета за деца е многу сериозна и одговорна работа. Тоа сознание во современата книжевност многумина го занемаруваат и објавуваат книги за деца без совест и професионалност во таа активност. Површноста и „нафрлување“ стихови, римување само поради самото римување, не е стилот кој му припаѓа на литературата за деца, а кој за жал во современите дела наменети за оваа популација често го среќаваме. Во такви книги честопати повторувани зборови и едноставни реченици, не се употребувани со намера да ја истакнат целта или да го доловат мисловно-едноставно-сложенениот вокабулар на детето, туку се употребувани со сила, во недостаток на совршеното јазично-литературно решение, па затоа прочитаното „не тече“, „не се прифаќа“ спонтано, туку ја сопнува мислата, а зборовите ги гуши. Освен тоа децата и младите не треба само да го согледуваат она што го слушнале или прочитале од книгата, туку треба исто така и да фантазираат за прочитаното. Современата литература за деца и млади не смее да се базира само на задолжителна училишна лектира, туку мора постојано да ги прати интересите и развојот на децата, тековите на современите и популарни случувања. Таа мора да ги задоволи критериумите на детето кое бара дополнителни информации и знаења, но и на она дете кое сака да се разоноди и поигра. Интерактивните книги, книги кои му пружаат  на детето тродимензионално доживување, потоа доживување на разновидни сензитивни сетила и богат емотивен свет. Литературното дело за деца мора во себе да носи ускладеност на детскиот свет и поетскиот израз, зачинет со хумористичен тон.

Според сето тоа, ако е вештината на читањето интелектуална и емотивна активност, тогаш пишувањето на делата наменети за деца и млади, не смее да биде само резултат на  вештината на римување, туку мора да биде исто така израз на голем интелект, талент, големо искуство, образование и голема љубов кон децата.

„Психолозите веќе долго време го потврдуваат фактот дека менталниот развој на децата, нивниот вокабулар и способноста да ги изразат своите мисли во голема мера зависи од бројот и квалитетот на прочитаните книги.“ Доживувањето на светот во голема мера зависи од прочитаните книги. Читањето на печатени книги и визуелизацијата преку илустративни перцепции, и покрај глобалната дигитализација, имаат незаменливо влијание на развојот и образованието на децата и младите.  Добри и квалитетни литературни дела за деца создаваат добри и квалитетни луѓе. Грешките направени во оваа возраст, тешко се надминливи, како за поединецот и неговото семејство, така и за едно општество и целата нација.

Затоа, во современата литература за деца и млади, единствен патоказ во лавиринтот на поетизирањето, единствен светилник во бурата на создавањето, треба да биде – „хармоничноста на размислување и игра во поетската визија на детскиот свет“!

 

Снежана Алексиќ Станојловиќ

Во Нови Сад, 21. март 2022.

 

Литература:

  • Марковић, Ж. С. (1978), Записи о књижевности за децу, Београд: Универзитетски уџбеници
  • Црнковић, М. (1980), Дјечја књижевност, Загреб: Школска књига
  • Чаленић, М. (1977), Књижевност за децу, Београд: Завод за уџбенике наставна средства
  • Илић, П., Гајић,О., Маљковић, М., (2008), Криза читања, Нови Сад, Београд: Нова школа
  • Јоксимовић, Б. (2010), Рецепција лектире у основној школи. Врање: Учитељски факултет.
  • Петреска, А. (2020), Расказот и раскажувањето како услов за правилен говор и креативно изразување” – докторски труд, Скопје: Универзитет „Св. Кирил и Методиј“