СОВРЕМЕНА АВТОРСКА БАЈКА
(дидактички аспекти)
Спред некои извори, во основа на изразот бајка, е глаголот бае, кој според ТРМЈ (Том I, А-Ж, 2003: 76, ред. Кирил Конески) значи: Шепоти таинствени зборови за лекување болен. Значи магиското, фантастичното е во основата на зборот бае, па оттука и на бајка. Овој израз, го среќаваме и во српскиот, хрватскиот, босанскиот јазик. Во руски се употребува терминот сказка. Сепак, со текот на времето, зборовите ги менуваат и / или модификуваат своите значења. Денес, зборот бајка се употребува за да се означи нешто идилично, нешто со среќен крај: Зимска бајка. Животот му е бајка. Живеат како во бајка. Во нашата теориска литература (Денкова 2011 „Книжевност за деца“) паралелно се употребуваат термините бајка и сказна.
Бајката, како книжевен вид се смета дека се јавува во 17 и 18 век. Во основа на првите бајки се народните приказни. Тоа биле приказни, според еден хрватски блог, со кои се заплашувале децата за да бидат мирни, како кај нас приказната за Баба Рога: Кој чука? Ииии … Баба Рога. Биди мирен. Оттука и некои спорни дидактички елемнети во првите авторски бајки (на Шарл Перо, Јакоб и Вилхелм Грим, Ханс Кристијан Андерсен). Во основа на овие бајки биле традиционалните, народните, дури можеби авторите им дале само различна стилизација, со оглед на тоа што некои од бајките како на пример Црвенкапа и Заспаната убавица / Трнорушка ги има и кај различни автори (Шарл Перо и Грим).
Во излагањето ќе ги опонирам поимите бајка од традиционален вид (како на пр. тие од Перо и Грим) и современа авторска бајка, како род од литературата за деца што е современ и кој се одликува со реални ликови, ликови од животот, од соседството. Всушност, ќе се обидам нешто да кажам за современата литература за деца (сказна сфатена во најширока смисла – како бајка; приказна; но и краток роман за деца). При тоа, ќе се осврнам на неколку поими: симболизам (во бајките), фантастично и дидактика.
Најпрвин нешто за традиционалните бајки кои изобилуваат со фантастични елементи: волшепства, магични стапчиња, магии, вештерки, принцови и принцези. Во овие бајки многу е присутен симболизмот. Прашањето што може да се постави е – колку децата и на која возраст (значи прашањето е од областа на психологијата) се подготвени за симболизам од типот кој го среќаваме во овие бајки? За ловец кој го исекол стомакот на волкот и од таму ги извадил бабата и Црвенкапа, која не била послушна и залутала во шумата? За јаболко што е полно отров и ја заспива Снежана. За мое чувство, ова е премногу груб симболизам за нежната детска душа.
Некој ќе ми забележи дека претерувам. Дека човековата душа има филтри за да се одбрани од лошите пораки, што е навистина така, но дали секој и во кој степен?
Вториот момент на кој сакам да се задржам е дидактичкиот момент. Ќе го поставам прашањето дали овие бајки (без родителска или наставничка интервенција) подготвуваат за живот? Дали животот е бајка? Дали проблемите се решаваат со магично стапче и со бакнеж на принцот? Снежана друг ја спасува, џуџињата во шумата, потоа принцот. Заспаната убиваци ја спасува бакнежот на принцот. Дали животот е бајка? Овие бајки не подготвуваат на борба. Животот е борба, па дури и откако ќе те бакне принцот, започнува борбата дури и со него.
Еден од аргументите за овие бајки може да биде дека го поттикнуваат фантазирањето, мечтаењето. Но јас би коригирала – литературата за деца, и не само литературата, образованието, треба да ја поттикнува креативноста. Креативноста не претставува фантазирање или мечтаење. Таа е повеќе од тоа, иако може да опфати и фантастични елементи.
Авторската (книжевна, уметничка) бајка, според проф. Зорана Опачиќ од Учителскиот факултет во Белград е стилизирана чудесна приказна произлезена од фолклорната бајка, која со текот на времето се осамостојува и развива првенствено по принципите на авторскиот текст. Нејзиното преминување во пишуван облик (од усно творештво) не бил можен без видни трансформации и подредување кон други жанрови. Го подвлекувам она – трансформации и подредување кон други жанрови, значи тематското и жанровско ослободување на современата авторска бајка од магичното, но не и фантастичното, од иреалното и нејзиното доближување кон реалното.
Тоа, според Ана Петреска („Детето во македонскиот современ расказ – најнова литературна продукција, ИНАКУ, Зборник 1) е и карактеристика на македонските раскази за деца од крајот на 20 и почетокот на 21 век: „… третираат современи мотиви и теми и се одликуваат со луцидност, духовитост, читливост и привлечност. … Раскажувачкиот концепт и дискурс главно е дескриптивен, импресионистички и реалистичен, а многу помалку и ретко футуристички, имагинарен, надреален и научно-фантастичен“.
Таква е и современата авторска бајка (и литература за деца), како што ја гаат некои наши автори, ќе ги споменам почитуваниот Христо Петрески кој тука нè собра, Трајче Кацарев, Јадранка Владова, Александар Прокопиев, Горјан Петрески, Васил Тоциновски и др., каква што ја гаи нашата современа литература за деца. Ликовите во оваа бајка и литература за деца се реални, од нашиот живот, од нашето соседство, нашата улица. (на пр. девојчето од книгата „Гледалото зад огледалото“од Јадранка Владова чија мајка е професорка по француски, татко работи во фирма за компјутери, а тоа се чувствува осамено…). Тие се соочуваат со релни проблеми, од кои некогаш може да најдат олеснување и во фантазијата. Фантастичното во современата авторска бајка и воопшто проза се крилата кои ја полетуваат кон уметноста. Во написот „Дечја књижевност“, Саша Делиќ, повикувајќи се на Црнковиќ и Тежак вели: „Детската литература не е ниту слугинка ниту помошничка на педагогијата во која било нејзина насока, иако таа (детската литература) токму како книжевноста и уметноста и тоа како придонесува во воспитанието на децата“ (ИНАКУ, Зборник 1).
Детската литература треба да мотивира и заинтригира. Читајќи го насловот на книгата „Момчето што сакаше да биде пчела“ од Христо Петрески, јас сакам да ја прочитам, бидејќи си го поставувам прашањето – Зошто? Дидактичкото во современата авторска бајка не е и не треба да биде сува, гола дидактика, затоа што тогаш не би било уметност, не би било литература. Книгата „Малиот принц“ од Егзипери е книга за деца и младинци која во суштина е целата дидактичка, има фантастични елементи, но подготвува за живот. Открива тајни. Таква е и таква треба да биде и современата авторска бајка. Затоа и ја сакам.
А најтешко е да се пишува за деца.
ЛИТЕРАТУРА
- Денкова, Јованка. 2011. Книжевност за деца. Штип: Универзитет „Гоце Делчев“.
- Петреска, Ана. Детето во македонскиот современ расказ – најнова литературна продукција. ИНАКУ, Скопје, Зборник 1. https://inaku.mk/category/zbornici/zbornik-1/ (преземено на 22.12. 2021).
- Толковен речник на македонскиот јазик, том I, А – Ж, редактор Кирил Конески, 2003.
- Delić, Saš Dječja književnost. ИНАКУ, Скопје, Зборник 5. https://inaku.mk/category/zbornici/%d0%b7%d0%b1%d0%be%d1%80%d0%bd%d0%b8%d0%ba-5/ (преземено на 22. 12. 2021).
- Opacić, Zorana. Oblici autorske bajke u nastavi srpskog jezika u osnovnoj školi, Inovacije u nastavi – časopis za savremenu nastavu, 2010, vol. 23, br. 3, https://scindeks.ceon.rs/JournalDetails.aspx?issn=0352-2334(преземено на 22. 12. 2021).
проф.д-р Виолета Николовска