Научен собир

Кратките книжевни форми како врвен дострел во литературата  – специфики, карактеристики и резултати

 

Скопје, 24.11.2021 година

 

 

Податоци за собирот:

 

Назив на научниот собир: Кратките книжевни форми како врвен дострел во литературата  – специфики, карактеристики и резултати

Организатор на научниот собир: Институт за наука, алтернатива, култура и уметност – Скопје

 

Краток приказ на тематиката на научниот собир:

 

Кратките книжевни форми (поезија, проза, есеј, критика и краток драмски текст) се неизоставен дел на авторската литература.

За жал, кратките форми многу ретко научно се проследуваат и проучуваат, па овој научен собир е пионерски собир на тој план и е еден од ретките и речиси единствените стручни и научни собири кои ги третираат современите кратки книжевни форми кај нас и во странство.

Досега, најчесто и повеќе се анализирани и елаборирани кратките книжевни форми во народното творештво, но не и авторските и современите кратки книжевни форми.

Инаку, во авторската книжевност тие заземаат посебно место, поради концизноста, јадровитоста, лапидарноста, есенцијалноста и конзистентноста.

Тие се исполнети со одбрани слики, мисловност, контраст, творечка и креативна игра, луцидност, духовитост и проникливост.

Во кратките форми има динамика, пресврти, елиптичност, фантазија, специфичност, привлечност и необичност.

Во кратките книжевни форми вклучени се и застапени елементи и од другите уметности (илустрации, цитати, колажи, репродукции на фотографии, игри со фонтови и физички облици на текстот и слично).

Тоа е вистинска и ретка творечка креација со многу дарба и фантазија на авторите, за развој на логичкото мислење и заклучување, потребна и полезна и за читање, говорење и учење посебно кај помладите генерации.

Со добра и осмислена воспитно-образовна стратегија и програма; децата, учениците и студентите се учат да читаат и пишуваат, се социјализираат и осамостојуваат и образуваат.

На научниот собир за кратките книжевни форми, ќе стане збор како да се доостручнат лицата кои што работат со децата, учениците и студентите, а тоа се воспитувачите,  наставниците и професорите.

Исто така, ќе се разговара и за самата прилагодена програма за воспитување и образование, која треба да биде поедукативна, посовремена, покомуникативна, покомпаративна и поилустративна.   

На крајот од собирот, ќе бидат сумирани сите искажувања во вид на заклучоци, кои ќе најдат теоретска, но и практична примена.

 

 

Кратко образложение за потребата за одржување на научниот собир:

 

Овој научен собир не само што е специфичен и оригинален според својата тема и цел, туку одамна недостасува во нашава средина, како стручна и научна трибина и дебата.

На научниот собир ќе бидат презентирани искуствата и практиките ид странство, но и согледувањата и размислувањата од страна на домашните професори, наставници, воспитувачи, едукатори, теоретичари, практичари и други стручни лица.

Притоа, посебен акцент ќе биде ставен врз воспитувањето и образованието на децата, учениците и студентите преку кратките книжевни форми. За таа цел ќе бидат соопштени и разгледани и можностите, програмите и перспективите на тој план, преку елаборати, програми, сознанија, искуства, нацрти и проекции.

По завршувањето на научниот собир, научните соопштенија (рефератите) ќе бидат публикувани во посебен тематски зборник, а на самиот научен собир се очекува да се развие богата, разновидна, повеќеслојна, компетентна и содржајна дискусија.

Бенефитот од овој научен собир е и за теоретичарите, но и за практичарите и резултатите ќе се очекуваат во континуитет во еден подолг период.