Графитите како кратка книжевна форма
Иако настанале во минатото, кратките книжевни форми продолжуваат да живеат, при непосредната комуникација во која се одомакиниле, но и при авторската книжевност во чии состав се наоѓаат. Овој вид книжевни форми некои теоретичари ги нарекуваат кратки книжевни форми, други пак едноставни облици, а некои – кратки говорни облици. Должината на овие форми варира од една реченица (која може да биде исказна, преку куси песни) па се до долги песни.
Во оваа тема ќе ги опфатам графитите[1] како кратка книжевна форма, кои се за просечниот читател најпрепознатливи (во однос на сите други видови форми). Тие претставуваат неизбежен дел од урбаната средина. Да се замисли град без графити би било исто како да се замисли град без автомобили. Уште од Римско време, од кога датираат и двата легендарни графити од Помпеја: Maxiumus est asimus (Максим е магаре) и Inter leges puellarum est gaudiam puerorum (Меѓу нозете на девојчињата лежи радоста на момчињата) гледаме како Римјаните се забавувале “чкртајки” по ѕидовите од своите градови. Ќе го споменеме и појавувањето во 70-те, сликарот Жан Мишел Баскијат, кој со своите откачени графити со потпис Samo (Сејмо) успеа да го наметне својот стил и начин на размислување. Или: Samo saves idiots (Сејмо спасува идиоти!)
Графитите се насекаде околу нас, ги крадат погледите од минувачите, но временските услови ги прават минливи. Низ деновите, месеците, годините тие постојано се менуваат. Но, секое време прикажува своја емоција и начин на кој се изразува. Во праисторијата тоа било гравирање пораки на ѕидовите на пештерите, малку подоцна усно пренесување на пораки преку приказна или песна, потоа се појавиле книги и весници, радио, телевизија, интернет… Еден од видовите на пренесување пораки денес се графитите испишани на ѕидови и други соодветни објекти, на повеќе или помалку видливи места.
Според некои хроничари на графити, првиот графит во Македонија е напишан во 60-те години на минатиот век. И тој бил со политичка содржина, критикувајќи ја комунистичката власт. Ваквите графити со политичка и со социјална содржина, не се честа појава низ градот Скопје во последните години. И доколку ги има, тие веднаш се бришат или најчесто се пречкртани со црн спреј. Политиколозите кои се занимаваат со човековите права, сметаат дека тоа е знак оти политичките партии, посебно тие на власт, не сакаат да слушнат никаков вид критика. Општините повеќе пати апелираа луѓето да не ја користат креативноста за испишување графити со недолична содржина која може да поттикне верска или меѓуетничка нетрпеливост и која може да ја наруши урбаната култура.
Иако испишувањето графити е забрането и казниво со Законот за јавна чистота, сепак цртачите наоѓаа и наоѓаат начини како на ѕид да ги пренесат своите пораки кои се богати со стилски фигури (споредби, контраст, симбол). Овие книжевни форми се плод на говорната игра, имагинацијата, а неретко имаат и натпреварски дух. Често носат со себе доза на хумор кој може да прерасне во сарказам, дури и понижување, поигрување.
Ќе ги посочам следните графити (забележани низ градот Скопје) кои јас ги сметам за најуспешни, а уште многу други имате во написот, под оргиналниот наслов Скопје, те чекам на крстосницата на Рузвелтова и Орце Николов на Игор Анѓелков: СЛОБОДАТА Е САМО НА СОН; БУРЕК ДА, АЈВАР НЕ; 1000 ЗОШТО? 1000 ЗОШТО ДА НЕ!?; ДОЛУ ВЛАДА!; БОЖЕ ДАЈ МИ ЗНАК; СЛАБО ФАЌАМ СИТЕЛ; ГЛУМЕВ ПОШТЕНА АМА ПУСТИ МЕРАК!; ДАЈ МУ ВРЕМЕ НА ВРЕМЕТО!; ЛЕЛА МАНДАРИНИТЕ ПОСКАПЕА А ТИ УШТЕ СИ МИ СКАРАНА!; РИСТО ВРТЕВ НЕ ТЕ НАЈДОВ; НАРОДОТ НЕМА МИРНО ДА ВЕ ЧЕКА ДА ГО УБИЕТЕ!
Во последно време се повеќе мирисот на свежа боја и колоритот во изобилство ги мами воздишките на случајните минувачи низ градот Скопје. Артистите сакаат да творат во тајност, но се задоволни што добиваат места на кои ќе можат да пишуваат и да цртаат кога и да посакаат. Велат дека со ова Скопје ќе добие една поурбана димензија бидејќи графитите се душата на еден град. Воведувањето “легални ѕидови” е дел од активностите кои ги презема градот за кандидатурата за Европска престолнина на културата за 2028.
Графитите често се оспорувани како некнижевни видови, но и те како ја збогатуваат македонската книжевност, бидејќи сметам дека во себе изнесуваат големи мудрости и расположенија со кои се соочува обичниот човек. Без нив нашата свест ќе биде лишена од сознанието за сфаќањето на животот и светот на “другиот”, предизвикувајќи нежност, сериозност, скокоткање, уживање…
м-р Славица Урумова-Марковска
[1] *Текст или цртеж на фасади на згради и на др.објект.