Евгенија Дика Талеска: Онлајн наставата во време на пандемија со Ковид-19; Предизвици, позитивни и негативни страни од аспект на наставник и родител

Онлајн наставата во време на пандемија со Ковид-19

Предизвици, позитивни и негативни страни од аспект на наставник и родител

 

Сѐ се случи набрзина, некако неочекувано, како „гром од ведро небо“ , што би рекле. Во еден момент бевме во училница, се договаравме со учениците за задачите кои треба да ги завршат за наредниот ден, наредниот час, а веќе неколку часа подоцна од телевизија дознавме дека училиштата се затвораат. Привремено. Никој не кажа колку долго ќе е тоа, сите различно претпоставувавме, сите бевме збунети. Сите имавме многу прашања, недостасуваа конкретни одговори. Зошто? До кога? Како понатаму?…

Потребата да останеме во контакт со нашите ученици, се наметна уште веднаш, сама по себе. Природно и очекувано беше да побараат поддршка од нас, а нам ни беше должност, во тие моменти и сите понатаму, да бидеме „тука за нив“. Заеднички баравме начини, најпрво спонтано, а потоа и поорганизирано, со добар дел од нив, да останеме во контакт, да одржиме континуитет. Се организиравме уште пред да добиеме било какви насоки од нашите претпоставени, од БРО, од МОН. Едноставно моравме и се снаоѓавме кој како може, знае и умее – месинџер, вибер…се што можеше било како да послужи како мост преку оваа вжештена лава, преку надојдената река од страв, неизвесност и грижа за најблиските. Бевме збунети. Следуваше карантин, полициски час…Пресконференциите на Министерот за здравство ги чекавме како нешто од што ни зависи животот понатаму. Во одредена мера , така и беше.

По првичниот шок, се прибравме и сите заедно, наставници, ученици, родители и деца, знаејќи дека мора така, го продолживме процесот на комуникација и учење на далечина. Училниците се преместија во нашите домови, ние наставниците влеговме по домовите на учениците, родителите , поголем дел од нив, станаа дел од процесот. Сите се прилагодувавме , мислејќи – добро е, ќе издржиме кога мора и кога треба, учебната година и онака е прикрај. И дадовме се од себе за таа да заврши „успешно“. И така и би…

Септември 2020…Нов предизвик, нова неизвесност, нови прашања и безброј дилеми. Овој пат ние, наставниците и родителите, бевме тие кои прашуваа, но одговори немаше, или беа конфузни. Први септември, за прв пат го поминавме дома, пред телевизорите, чекајќи одговор на нашите прашања. Едно беше јасно…веќе ништо нема да биде исто и оваа учебна година. По социјалните мрежи поделени мислења, спротивставени ставови, недоразбирања и кавги, чести беа и навреди кон неистомислениците .Наставниците, сепак, ми се чини, со ист став. Ништо не може да го замени училиштето, ништо не може да ја замени училницата, таблата, клупата, ништо не може да се спореди со напнатоста која се чувствува во воздухот за време на „тежок тест“, но и среќата и радоста кои зрачат во воздухот по секој успех, во воздухот на нашата училница. Ништо не може да ја замени вревата по ходниците создадена како со магично стапче, секунда по ѕвонењето на ѕвончето. Тоа беше многу јасно за сите, но…Постоеше едно огромно НО. Тоа нѐ натера да сфатиме дека мора да го одбереме „помалото зло“.

Дел со физичко присуство, оние помалите, се вратија во училниците, во оние училници кои претходно беа дезинфицирани, па обележувани, лепени и прелепувани, боени и пребојувани. Исцртани патеки и стрелки на сите страни. А децата среќни, но и збунети влегоа низ училишните врати со триста протоколи кои мораа да ги научат, запомнат и почитуваат. Останатиот дел седнавме пред екраните. Започна процесот на „организираната“ онлајн настава. Платформата никогаш не профункционира во целост, но ни понуди многу добра основа за да можеме да навлеземе во тој,  за сите нас , нов свет на предизвици, изненадувања, препреки кои сите заедно моравме да ги прескокнеме и да уживаме во сето она што ни го нуди модерната технологија. Процесот е двонасочен, учиме заедно, учиме едни од други, наставници, деца и родители. За првпат како да влеговме во домовите на нашите ученици, научивме многу за нивните семејства, за начинот на кој функционираат, ги согледавме условите во кои живеат и учат, ги согледавме можностите  со кои располагаат. И тоа ни ги прошири погледите, ги промени нашите ставови, ја зголеми емпатијата меѓу нас. Тие , ми се чини за првпат, станаа свесни дека и ние сме луѓе, како и сите други, дека и ние имаме наш приватен живот со проблеми, обврски, радости и таги, но и слободно време кое сега се почесто имаме обврска да го делиме со нив, за да одговориме на секое нивно прашање, молба, жалба, во секое време од денот. А верувајте, ги има илјадници, секаде, секогаш. И не, мене лично не ми пречат. Како наставник, но и како мајка на две малолетни деца, ја сфаќам секоја нивна потреба наставникот да им потврди дека добро ја завршиле задачата, можеби  да им укаже каде погрешиле, да ги пофали кога постигнале успех, да им ги реши дилемите…накратко…да им помогне и да ги поттикне да продолжат да работат без оглед на се.

Во овие услови децата имаат многу повеќе потреба од нас, а наша обврска е да бидеме тука за нив. Технологијата тоа ни го овозможува на безброј начини, интересни и корисни. Останува црна точка оној дел од учениците кои не можат да си дозволат да бидат дел од овој процес, оние кои се ранливи категории, на кои материјалната состојба им е пречка и причина да се разликуваат од останатите, можеби сега многу повеќе од порано. А знам дека добар  дел од нив би дале се да бидат и понатаму дел од целината, нема некој кој тоа не го сака. Посебно тие. Затоа беше повеќе од потребно најпрво да се реши тој проблем, но… Повторно едно големо НО. Затоа треба сите ние , заедно, да искористиме се што можеме и најдобро што можеме , за да излеземе како апсолутни победници во целиот овој хаос. Да бидеме позитивни, да ја бараме светлата точка во тунелот, да бидеме луѓе…

А, во меѓувреме, се надеваме дека сето ова што побрзо ќе заврши и ќе се вратиме повторно онаму каде што ни е местото, сите заедно во училниците, пред таблите, на клупите, по ходниците…заедно со сета напнатост, радост, смеа, љубов и сјај во очите кој не се пренесува преку камерите. И секој ден, секој нов час, посакувајќи си најпрво добро здравје, знаеме дека сме се поблиску до тој момент. Се чуваме себеси и другите, за повторно да уживаме во тие мигови.

Евгенија Дика Талеска, Евгенија Дика Талеска

наставник по македонски јазик во

ОУ „Гоце Делчев“ – Могила