МЕНАЏИРАЊЕТО СО ОСНОВНОТО ОБРАЗОВАНИЕ ВО УСЛОВИ НА ПАНДЕМИЈА
Нашето основно образование е организирано како деветтолетка, според системот 3+3+3. Во текот на пандемијата, учениците во пониските одделенија посетуваа настава / комбинирана настава.
Прашањето што ќе го поставиме е дали (со цел да се заштити здравјето на децата и наставниот кадар) е можно да се изведува целосно on line настава, особено во пониските години од основното образование?
Нашиот одговор е дека е можно. Со ова не тврдиме дека овој тип на настава е соодветен еквивалент според сите критериуми за квалитет на наставата со физичко присуство, туку само сметаме дека е можно и со целосна on line настава да се постигнат задоволителни резултати во наставниот процес.
Како што покажа нашето искуство во пандемијата, и како што се и барањата на наставниот процес, посложена е наставата во пониските одделенија, поради возраста на децата вклучени во наставата и поради спецификите на наставниот процес. Имено, во пониските одделенија на основното образование се одвиваат два процеси: процес на описменување и процес на подучување (teaching). Особено е специфичен и со посебни барања процесот на описменување.
Дали е можно и двата процеси да се изведуваат on line? Пред да одговориме на ова прашање ќе кажеме дека во наставниот процес изделуваме три фактори кои се во интерактивен однос: наставата, родителот како партнер во наставата и креативноста на наставниот кадар.
Првиот фактор е наставата. Дали е можно децата да се описменуваат на далечина? Првин да ги разгледаме ресурсите со кои располагаме. За македонскиот јазик, постои една серија со исклучителни образовни и естетски квалитети – серијата „Бушава азбука“, чиј автор е Горан Стефановски, а режисер Слободан Унковски. Се работи за 31 епизода (емисија), посветена на секоја буква од азбуката, составена од различни сегменти. Оваа серија, беше предмет на наша анализа на VI Балкански конгрес за образование и наука (Охрид, 2011), во студијата под наслов: „The Role of Media in Linguistic Upbringing and Education” (Nikolovska, V. The Role of Media in Linguistic Upbringing and Education, in: VI International Balkan Congress for Education and Sciences: The Modern Society and Education, Book of proceedings, Ss. Cyril and Methodius University, Faculty of Pedagogy “St. Kliment Ohridski”, Skopje, 2011, pp. 1251-1257).
Во серијата, децата стекнуваат знаења за пишувањето на буквата, нејзиниот правилен изговор и нешто многу повеќе: стекнуваат, во врска со секоја буква, како играта за деца „на буква, на буква…“ знаења од областа на ономастиката, дијалектологијата, етнологијата, зоологијата, ботаниката… При тоа, графичкиот и визуелниот облик на серијата кај нив го развива чувството за естетика, а присутни се и музиката (АБВ бенд: Влатко Стефановски, Бодан Арсовски и Ана Костовска) и духовитоста. Ќе наведеме некои примери: секоја буква има нешто како лична карта. Се учи како се пишува. Во еден сегмент од емисијата, графички, таа е отсликана со човечка силуета. Тука се и прекрасните анимации за секоја буква на врвниот мајстор Душан Петричиќ. На пример, буквата М е претставена како П која на средината горе ја прекршува чекан и станува М, а коментарот е на истата буква што се изучува – малер! Во друг сегмент, пар од машко и женско дете, облечени како за на свечен прием, кажуваат на што им личи буквата: топка, јадица, „како кога некој ме повикува со прст“… Доволно, за децата никогаш да не заборават како се пишува една буква. Помошта од родителот е само детето да го извежба пишувањето. Тука ќе застанеме и ќе упатиме на споменатата статија за поопширна анализа на оваа серија. Ќе споменеме само дека кога ја работевме статијата, серијата во целост не можеше да се најде на интернет. Треба да се провери кај кого се авторските права, и ако ги има јавниот сервис на МРТВ, да се побара, во овие пандемиски услови, преку соодветен линк, таа да биде достапна на наставниот кадар.
Друга можност е користењето на листот хартија како табла. Само треба да се насочи правилно камерата. Дури некои наставници предавањата ги држеа и од училиште.
Другите предмети, што не се македонски јазик, во кој спаѓа описменувањето, главно се базираат на вербална настава и како такви се поподатни за учење на далечина. Тука секако не спаѓаат уметностите, особено ликовната уметност, но секако дека наставникот преку ангажирање на третиот фактор – својата креативност, може да изнајде решенија. Камера, лист хартија, слики, фотографии на слики, музика пренесена on lajn… Дури и помошните наставни средства што се закачени на ѕидовите на училницата како работна средина за наставниот процес, може да се сликаат и да им се презентираат на децата. Дури децата можат да си ги пресликаат и да си ги имаат и за себе.
Вториот многу важен фактор во образовниот процес, особено во услови на пандемија е родителот. Разгледувањето на родителот како партнер во образовниот процес во науката за образованието не е нова појава и не е поврзана само со услови на пандемија. Уште во 2017 година, мои колешки од Факултетот за образовни науки во Штип имаат изготвено статија на оваа тема (Petrovska, S. and D. Sivevska, Cooperation /partnership/ between school and family and student success, in 12th International Balkan Education and Science congress Education for Life, work and well being, Nesebar, Bulgaria, 2017). Според неа, во Америка, публикации на оваа тема има уште од 1998 година (450), а и две децении претходно, со оваа тема се занимавале 30-тина трудови. Се тврди дека образовниот процес во училиштата во основа го има семејното воспитание. Една од најважните образовни активности на училиштето е да ја зголеми улогата на родителите во училиштето, користејќи различни стратегии за нивното вклучување. Родителите се сметаат за социјален контекст на образовниот процес. Семејството и училиштето се поврзани микросистеми во кои се развива и живее детето. Се поместува фокусот на психологијата како наука: од внатрешните психолошки процеси како детерминатори на развојот на детето кон контекстуалните (улогата на родителите) и ситуациските фактори (учење низ игра, на пример). Педагошките активности на родителите во образовниот процес подразбираат поттикнување на учење и трудољубивост и организација на семејниот живот.
Организацијата на семејниот живот и педагошките активности на родителите се особено важен фактор во образовниот процес во условите на пандемија, кога децата се главно дома, а не на училиште и наставата се одвива на далечина. Во таа смисла, за поздравување е одлуката на Владата на Република Северна Македонија со која на родителите со деца до десетгодишна возраст им беше овозможено (на еден од нив) да останат дома. Ова е секако и поради фактот што на децата од пониските одделенија во образованието им беше потребна техничка помош, но ова им даде на родителите на децата можност да ја преземат, во мера во која можат, улогата на партнери во образовниот процес. Секако, и образовниот процес, но и целокупниот живот на децата (а и на возрасните) бараше поинаква организација на семејниот живот. На крајот, само ќе го споменеме фактот, кој го потврдуваат моите колешки во нивната студија, дека онаму каде што родителот се појавува како партнер во образовниот процес, успехот на децата покажува повисоки резултати.
Третиот фактор кој го споменавме како битен во организирање на наставата на далечина, особено во пониските години на основното образование е креативноста на наставникот во користењето на расположивите ресурси за настава и во користењето на можностите на техниката. Погоре споменавме некои примери, на наведување на примери нема посебно да се задржуваме. Ќе кажеме дека камерата дава огромни можности: да се искористи листот хартија како табла, да се слика содржина од учебникот и да се работи на таа слика итн.
Ќе се задржиме малку повеќе на креативноста како квалитет кој треба да биде развиен во текот на образованието, а на кој му се посветува многу малку внимание. Креативноста на наставникот како фактор во образовниот процес зависи од квалитетот на образовниот систем во високото образование, поточно од квалитетот на наставата на факултетите што подготвуваат наставници. Моето искуство со студентите, како професор на таков факултет, е дека студентите учат напамет. Се меморираат факти, тоа им е полесно на студентите, а тие не се научени да менаџираат со знаењето. Целта на образовниот систем не е учениците да меморираат факти, особено не денес кога постојат толку бази на информации што се лесно достапни (доволно е да се испише прашање на Гугл), туку да се научат учениците да менаџираат со знаењето и да бидат креативни. Ова е и тенденција на образовните системи во повеќе земји.
Образованието е синџир: родител – дете – наставник – наставник во високото образование. Нитките што го поврзуваат овој синџир се комуникација и соработка. Овој синџир треба да биде изработен од квалитетен материјал, а тоа се: стекнување на способност за менаџирање со стекнатите знаења и креативност, во позитивна смисла. Креативност со етичка смисла, за градење на добри нешта. Тука ја вклучуваме и воспитната, етичката компонента. И нормално, сиот овој процес треба да биде исполнет со љубов.
Проф. д-р Виолета Николовска