ОНЛАЈН НАСТАВАТА – НОВ ПРЕДИЗВИК ЗА СИТЕ
Веќе подолго времe (од почетокот на Ковид 19-пандемијата), онлајн-наставата е едно многу актуелно прашање кое предизвикува загриженост и кај наставниците и кај родителите. Дали од септември продолжуваме со нормална настава, или пак со онлајн-настава, ќе зависи од развојот на пандемијата. Со сигурност никој не може да каже ништо. Но, тоа не значи дека не треба повторно да се подгoтвуваме за онлајн-настава, или пак некаква комбинација на училишна со онлајн настава. Но, за да биде успешно реализирана, потребни се големи подготовки.
За жал, кај нас не се забележуваат некои поголеми подготовки на овој план, за тоа што подготовките значат сериозна и темелна обука на наставниот кадар во сите степени на образованието. Од друга страна, пак, некои големи искуства немаме на ова поле.
Но, не значи дека long distance learning е потполна непознаница. Напротив, уште од средината на минатиот век, оваа настава се практикува во некои делови на Австралија, каде оддалеченоста меѓу училиштето и фармите во кои живеат семeјствата е поголема дури и од 500 километри. Се разбира, преку посебно дизајнирани образовни програми кои се речиси идентични со наставата во училиштата.
Децата имаат обврска секој ден да се вклучат во образовната програма (порано преку ТВ, радио и сл.), а денес преку компјутер, во точно определено време наутро. Имаат распоред на часови кој стриктно се почитува, како и во редовната настава во училиштето. Знаат кога завршува училишниот ден. Учениците добиваат многу голема поддршка во овој вид настава, а исто така и родителите, кои се партнери во образованието. Нема импровизации. Сѐ е испланирано како и во редовната настава.
Во онлајн-наставата треба темелно да се испланира како образовната, така и воспитната функција. Во однос на првата (образовната), многу е важно наставниците да бидат свесни дека не треба да пренесуваат само голи знаења и да даваат задолженија, кои некогаш можат да бидат и бесмислени во ова време, како на пример препишување на некоја лекција или дефиниција по 2 или повеќе пати. Тоа, не само што не придонесува за развој на интелектуалните активности, туку може да предизвика одбивност на детето кон соодветниот предмет, па дури и голема фрустрација.
Многу често сме сведоци дека нашите ученици многу брзо го забораваат тоа што го учеле, правдајќи се дека наученото е од „пред три месеци“, од „лани“… И се заборавило. Со право можеме да кажеме дека образованието од сите степени кај нас во најголем дел е насочено кон учење со меморизирање и пасивно репродуцирање. Доколку некој сака да констатира колку учениците покажуваат разбирање за одредени работи, не треба да им даде тест со дефиниции, или пак прашања од типот: „Кој е главен град на Франција, а кој на Јапонија“. Напротив, поголемо значење ќе имаат прашањата од типот: „Што го прави Париз посебен за Франција, а што Токио за Јапонија“?
Од исклучително значење во онлајн-наставата е да се остварува и воспитната функција, чија реализација претставува најслаба алка во нашиот школски систем веќе подолго време. Тоа значи дека не само образовните, туку и воспитните цели треба да се реализираат. Наставниците треба да бидат свесни дека реализацијата на воспитната функција е од исклучително значење во време кога сѐ повеќе родителите немаат време за своите деца. Затоа, доколку се продолжи со онлајн-настава, треба обуките да бидат и во оваа насока. Посебен интерес треба да се покаже како учениците го поминуваат своето слободно време.
Учениците имаат потреба од вниманието на возрасните, а кога тоа недостига, се јавуваат далекусежни последици кои негативно влијаат врз младата личност. Затоа и преку онлајн-наставата, наставникот треба да покаже трпение и интерес за ученикот не само колку и што научил (образовната компонента), туку и како се чувствува, што го мачи, дали има некој проблем.
Исто така, посебен интерес треба да се покаже како децата го поминуваат своето слободно време, кое кога не одат на училиште го имаат во поголеми размери. Но, како правилно да го искористат? Може да иницира на пример, секој ученик да напише краток есеј што корисно во текот на една недела направил за себе, за другите, или за средината во која живее. Или пак, ученикот да си води дневник за секојдневните активности, во кои несомнено место треба да има и за градење на сопствена одговорност, (од местење на кревет, средување на облека, помагање во кујна, до развивање на еколошка свест (селекција на пластични шишиња и нивно одложување во посебен контејнер, како и градење и хуман однос кон другите). Така се развива чувство на одговорност и позивен однос кон себе, кон другите, и кон околината на живеење. Тоа е дел од моралното воспитание.
Исто така, за да ја подобриме мотивацијата за читање која за жал кај нашата ученичка популација е на исклучиво ниско ниво, а имајќи го во предвид фактот дека во најмала возраст наставникот воспитува со сопствениот пример, тој прво треба да ги информира децата дека самиот, секој ден чита. Да поведе разговор со учениците зошто читањето е важно, кои нови зборови ги научиле читајќи некоја книга, што научиле од книгата и што можат да применат во секојдневието…
Да заклучам, доколку се продолжи со онлајн-настава и во периодот што следи, не смее да има повеќе импровизации како претходно. Тогаш бевме затекнати и може да има некое оправдување. И онлајн-наставата треба квалитетно да се изведува, (што подразбира сѐ да биде добро испланирано, и со стандарди низ целата држава) за да не произведеме генерации со огромни празнини во нивниот духовен и интелектуален развој. За да биде онлајн-наставата успешна, обуките на наставниците треба да бидат квалитетни, темелни и во доволен број. И што е најважно, сите наставници во државата без исклучок( град или село) треба да ги поминат.
Галопирачкиот, стравотен корона-налет, поради кој светот застана во својот од и остана затечен, неподготвен и со многу последици, навлезе и кај нас во сите сфери и ги преобликува во досега непрактикувани модели на сфаќање, на однесување, на (не)прифаќање – на живот, конечно. Образованието, пак, како посебен, специфичен општествен фундамент, се преоблече од класично во современо руво и веќе со месеци прави напор трансформирано во дигитализиран аутфит да држи чекор со времето и светот. Учебната година започна со еден месец одложување и тече онака како што налагаат условите по сите основи (растечкиот корона-тренд во комбинација со сезонските вироза-атаци, однесувањето на луѓето кои со нискиот степен на лична одговорност и плиткиот светоглед го поттикнуваат ужасот, техничката подготвеност на сите чинители, почнувајќи од врвот – надлежните институции, па надолу – училиштата, наставниците и учениците, ставовите и желбите на родителите). Општо земено, комплексна слика на животен и образовен вител во кој не е едноставно да се опстане, да се учи и да се научи.
Како би се опишала наставата на далечина, која полека и сосема оправдано добива статус на модел кој дефинира современие, модерна интеракција и неизбежен учебен формат во вакви услови, а останува секако и како модел кој би се применувал и понатаму, во услови на нормализација и крај на пандемијата, на што сите се надеваме? Пред сè, процесот на учење и поучување се одвива во вирално опкружување, со поддршка на дигиталната технологија. Кога сме во прашање ние, наставниците, она што мора да се нагласи е дека сме исправени пред низа предизвици, се соочуваме со низа проблеми и, за жал, покрај сите наши напори и очекувања, сепак сме изложени на осуда, неразбирање и критики. Особено од страна на родителите, кои секогаш, но особено во вакви услови, би требало да се нашата најголема поддршка и образовно-воспитен партнер. Зошто? Од една сосема едноставна причина, прекрасна во сета своја прецизност – со тоа си ги поддржуваат и децата. Тоа е она што го очекувавме, надополнето секако со посуштествената поддршка на надлежните, без веќе познатите стеги и ограничувања, но со инструменти за валидно, чесно и реално следење на нашата работа.
Нејсе. Не сакам сега да пишувам за сето она што некако се наметнува во месециве наназад, формулирано и мерено низ незадоволството и кукањето на наставниците, желботеките и атаците на родителите, талкањето на надлежните, квазизагриженоста на децата дека ќе останат неписмени и многу сакаат да се вратат во клупите, во кои инаку, кога се, со судни маки успеваме да ги задржиме. Она што сакам да го издвојам со писаниево е фокусот НАСТАВНИК и фактот дека за секој од нас наставата на далечина се постави како вистински предизвик и ги извади на површина сите наталожени, затскриени и потиснати лични и колективни деформации, од една страна, а од друга, ја манифестира потребата да се потсетиме зошто сме наставници и која е нашата улога. Секако, доколку сме свесни дека нашата исклучително комплексна улога, поради која се вели дека не може секој да биде наставник, е секогаш истата. Се менуваат само сцените во чии рамките треба да застанеме на „штиците што живот значат“ и да ја одиграме онака како што добриот наставник мора да умее.
Што треба да правиме ние, наставниците, во вакви услови? Кои се нашите предизвици? Пред сè, треба да сме свесни дека онлајн-атмосферата е сосема поинаков и образовен и воспитен образец на однесување. Од децата бара самодисциплина, организирање на времето, самостојност во работата и ред во задачите во услови кога не се со нас. Истовремено, треба да сме свесни и дека овие „вештини“ кај нашите ученици не сме успеале да ги развиеме до ниво кое би им овозможило со интерес и мотивираност да бидат со нас, а без нас, секој ден, врзани пред монитор во невидливи синџири 6-7 часа. За волја на вистината, не успевавме во тоа ниту кога беа со нас, а пандемијата само ги потврди нашите потфрлања.
Затоа сега приодот кон нив во едно вакво вонредие од секој од нас бара многу напор, мерен преку:
-
Осмислување интерактивни формати на учење, во кои, како на пример во „превртена училница“ учениците самостојно ќе се подготвуваат, а часот кој следува ќе биде простор за анализа и рефлексија;
2. Презентирање на новата материја на начин кој од учениците нема да подразбере вклучување како присутност, туку вклучување како активирање;
3. Изготвување распоред на активности за секој час, кој мора да го има предвид недостигот на физичкиот контакт, а поради кој сепак мора да биде флексибилен и ситуационо менлив според воочениот степен на заинтересираност на учениците,
4. Планирање на времето за подготовка и реализација на часот, но и на една порелаксирана комуникација со учениците, поради свесноста дека во основа повеќе им треба разговор и влевање на чувството дека со нас се на сигурно и дека сè ќе биде во ред;
5. Разработка на инструменти за следење на учениците, кои во вакви услови мора да бидат креирани така што нема да им се товар, туку предизвик, со напомена дека нееднаквоста на учениците повеќе доаѓа до израз во услови на вакво учење отколку при физичко присуство – не сите ученици имаат домашен работен простор, квалитетна опрема, поддршка од родителите и еднаква можност за активно учество. Поради тоа, инструментариумот за следење и вреднување мора да ги земе предвид и алтернативните облици на пристап;
6. Праќање јасни и навремени повратни информации за напредокот, со поттикнување ученичко самовреднување и врсничко вреднување;
7. Избегнување монотонија и ист приод низ виртуелните контакти, со напомена дека содржината треба да се приспособува кон алатките и методите, а во сооднос со очекуваните исходи;
8. Насочување на учениците за организирање на сопствениот простор и организирање на содржините по предмети.
Би можела уште многу да пишувам за тоа што значи да си наставник денес. Секој што не работи со деца, не знае. Во услови кога она што не чини со децении треба да се поправи, состави и сошие така што да не се гледаат кривите рабови и погрешните штепови, вшивувани еден врз друг за да личи привидот на реформирано руво, не е лесно.
М-р Мирела Ибраими