ОБРАЗОВАНИЕТО ЗА ВРЕМЕ НА ПАНДЕМИЈАТА
Образованието во услови на пандемија, која се уште трае и е глобален цивилизациски шок и планетарна елементарна непогода, треба да овозможи образование достапно за сите и да не го прекине континуитетот на воспитно-образовниот процес.
Значи, и во овие нови, драстично видоизменети, специфични и невообичаени услови- битно е образовниот процес да продолжи и до него да имаат пристап сите обврзани и заинтересирани корисници.
Како никогаш досега, институциите мораа да се приспособат на поединечните можности и барања, но и индивидуите да се привикнат на новонастанатите пандемиски кризни услови.
Образованието се пресели од училниците и амфитеатрите дома, во домашни семејни услови, а за тоа мораа експресно да се опремат и престројат министерствата, заводите, училиштата, наставниците, родителите, учениците, студентите и сите други корисници на образовните и воспитните услуги.
Во прашање се знаења и вештини кои на инклузивен и интерактивен начин треба да се пренесат и усвојат од страна на сите субјекти.
Во таа трансмисија, која главно се одвива како учење на далечина, со комбинирање на дигиталните училници, онлајн платфпормите, самостојното учење, па и следењето на теве програмата, секој од својот домен и на свој начин – придонесува да се организира и пружа настава во новонастанати кризни пандемиски околности.
Во зависност од расположивите и достапни ресурси, мошне значајна стана покриеноста со интернет, ракувањето со него и другите ајти уреди.
На почетокот, мораа да се обучуваат и самите наставници, кои подоцна беа охрабрени да ги користат сите материјали и да ги вклопат во своите онлајн презентации при интеракцијата со своите ученици и студенти.
Образованието на далечина не може во потполност да го замени класичното образование. И едното и другото образование имаат свои предности и недостатоци. Електронското образование е побрзо, повизуелно и помултимедијално, а традиционалното образование е подиректно, поконкретно и повидливо.
Но, учењето на далечина е усвојување на една битна новост, голема значајна и трајна придовивка. И во иднина, кога ќе заврши и исчезне вирусот Ковид-19, онлајн наставата ќе продолжи да се практикува и тоа не само како замена за наставата со физичко присуство, туку паралелно и речиси истовремено со неа.
Затоа, неопходно е да се вложат дополнителни напори и ангажирања за да се развијат сите аспекти на овој нов образовен и воспитен конгломерат и систем во наредниот период.
Сега наставникот и ученикот не делат ист физички простор, но делат исти обврски и задачи и споделуваат знаења, искуства, идеи, размисли, согледби, сознанија и слично.
Притоа, битно е училиштата да располагаат со доволен број современи и исправни уреди, со брз и стабилен интернет, а училиштата да вклучуваат се повеќе дигитални технологии и наставниците да имаат поддршка и во наставата се повеќе да ги користат нив.
За време на пандемијата се создадоа и се развија и дополнителни ресурси, кои претставуваат база со отворен пристап за собирање и чување на новите содржини и материјали.
При ова, посебно се значајни и полезни материјалите кои можат да се користат за комбинирана настава – онлајн (од дома), но и во училница.
Современата и модерна технологија е прогресивна и неминовна во 21-от век. Истовремено со реформите на образовниот систем се случува и трае процесот на воведување, осовременување и иновирање на образовните технологии.
Дигиталните алатки и дигиталните технологии се придобивки на новото време и во воспитно-образовниот процес. Првичниот стрес и шок, и кај наставниците и кај учениците и студентите, треба да се замени со владеење на вештините и акумулирање на знаењето, но и со трансмисијата и интерполирањето на истите кај консументите.
Со оспособувањето и стекнувањето на дигиталните компетенции кај наставниците, како и со практикувањето и применувањето на групната работа, постојано се воведува и зголемува интеракцијата и инклузијата со учениците и студентите.
Тоа значи, дека онлајн комуникацијата и работењето ќе станат побрзи, полесни и поедноставни и ќе можат да се случуваат почесто, дури и во редовните и вообичаени околности.
Досегашните искуства на тој план покажуваат и докажуваат дека училиштата и факултетите релативно добро се снајдоа за време на пандемијата. Најголем број ученици и студенти се вклучени во спроведувањето и реализацијата на учењето на далечина.
Во иднина, претстои концептот на училишни библиотеки со образовни средства и технологии, со мноштво наставни и воннаставни активности, за совладување и развој на дигиталните вештини, учење и настава, за сите ученици и студенти, а посебно за најчувствителните и најранливите категории и групи.
Скопје, 18.1.2021 година
Проф.д-р Христо Петрески
Институт за наука, алтернатива, култура и уметност – Скопје