Skip to main content

Колку сме подготвени за инклузија во основните училишта

 

 

Апстракт :
Трудот укажува на потребата од додатна едукација  на наставниците од областа на развојни пореметувања кај децата за да бидеме повешти и со поголема самодоверба во работа со вакви дечиња. Да изнајдеме ефективни техники и стратегии за да им помогнеме на колегите, учениците и нивните семејства да постигнат позитивни резултати во училиште и дома. Знаеме дека тотална инклузија е невозможна дури и во развиени земји. Таа е тешка за изведување  затоа што бара посебни услови, ангажирања и поголеми финансиски средства од тие што денес ги вложуваме во образованието. Имаме потреба од добро решение, во кое нема да се има дискриминација и каде треба да се земат во предвид сите лица со потешкотии во развој.

 

 

Клучни зборови:  инклузија, пристапно образование, едукација на наставници, учење од дома.

 

Како до сега, така и сега, малку или воопшто не се прашуваме за решение за инклузија во нашиот образовен систем. Во 2019 година во нашето собрание имаше расправа на истата тема  но за жал без присуство на ниту еден наставник. Сега затекнати со пандемија  повторно сме препуштени сами на себе да пронајдеме приод кон учениците  со посебни (образовни) потреби. Само се зборува како е потребна унифицираност, иста можност за сите, но,
делата не ги поткрепуваат зборовите.

Др. Миле Илиќ за инлкузивни училишта вели: [1] „Инклузивно е она училиште која опфаќа  и го вклучува постојано секој ученик со пречки во учењето а и сите останати ученици во сите видови на воспитно – образовните активности во наставата, воннаставните активности, општествено – корисните активности, културно – јавните активности според индивидуалните потенцијали (когнитивни, конативни, афективни, психомоторни) и со максимално очекуваните исходи од учењето, креирањето и поучувањето”

Гледано од мој агол, општествените установи  и  училиштето ги доживувам како установи со развојни потешкотии. Постојат неразумни и реални пречки кои никогаш на никого не му биле приоритет, секој ги заобиколува, дури се создава чувство дека се прават да се поголеми и понесовладиви за оние кои треба да се справат со нив. Дали сме се запрашале какви ни се приодите до училишните згради ?  Дали  училниците  се достапни за сите ученици ?
Дали има нагледност за дечиња со пречки во развојот ?  Дали имаме унифицирани планови и програми ?  Дали наставничкиот кадар е доволно едуциран за работа со деца  со пречки во развојот или се исклучиво за ученици без пречки ?

Многу прашања а нема одговори. Сите во своите годишни планови и програми имаме додадено  ПОП (посебни образовни потреби). Да не заборавиме дека во ПОП спаѓаат и надпросечни, талентирани ученици за кои ретко кој се грижи, каде се претопуваат во просечноста, губејќи ја желбата да се самопронајдат и/или унапредат.

 

 

Во оваа нова Ковид-19 образовна клима, имаме повеќе ученици и семејства на кои им е потребна поддршка и помош од сите аспекти. Наеднаш скоро сите се најдовме во светот на попреченост, технолошки хендикеп (немање опрема), интернет, основни технолошки вештини и компјутерска неписменост.  Изолацијата  се  доживува како  траума во која  останавме без способност за поучување на ученици. Не ни остана ништо освен приспособување, адаптација и брза рехабилитација на сите чинители на образовниот систем. Свесни за состојбата сите си помогавме едни на други и си учевме едни од други. Титулите ни изгубија вредност и тежина, знаењето дојде во прв план а умеењето и вештината  стана единствениот излез од оваа ситуација.  Мораше да се санира сопствениот хендикеп, да се доближиме до нашите ученици

и да видиме со какви проблеми се среќаваат за да се изнајде ефективна стратегија и техника за помош и  да се постигне позитивен резултат во училиштето и дома. Сметам дека ова е можност да се вклучиме во многу важна мисија да го промениме начинот на размислување , учење  и поучување. Наставата од дома даде солидни резултати за сите ученици што ја следат,
дури позитивно се покажа кај интровертните ученици кои на физичките предавања секогаш беа со резерва кон часот, односно, сега се поопуштени и имаат актвивен пристап на online часовите. Новите критериуми за следење и оценување исто така се покажаат позитивно,

придонесуваат полесно да се прифати овој начин на работа и соработка помеѓу учениците, наставниците и родителите. Практичната работа, од идеја до реализација и учење преку грешки на одредени ученици им  влева самодоверба каде се поистрајни во работата и не се откажуваат. Учениците со оштетен слух и говор имаат можност визуелно да се искажуваат и да учат, додека оние со оштетен вид имаат можност со видео запис да се искажуваат и да учат. Исто така овој вид на едукација е најпогоден за лицата со потешкотии во движењето,

наместо да одат на училиште, училиштето им  доаѓа дома. Без разлика за каква посебна образовна потреба се работи (и во вакви услови), овие ученици имаат потреба од помош

па неопходно е потреба од присуство и соработка со родител, односно старател.

Инклузијата не започнува од училиштето, ниту по училиштето.
Инклузија е оспособување за самостоен живот на лицата со потешкотии во развојот.
Ретки се дечиња со развојни потешкотии кои одат во предучилишни установи, тоа е поради прекубројноста во групите во кои треба да престојуваат. Поради недоволно внимание тие остануваат неподготвени и тешко се вклопуваат и во училишната средина.

 

Секоја држава треба да води сметка за опременоста на училиштата и за обученоста на наставниот кадар. Како во секоја професија, без алат – нема занает а кога се во прашање децата, потребна е и тимска работа. Сите училишта треба да поседуваат тимови кои ќе работат во полза на децата со развојни потешкотии (наставник, родител, психолог, педагог, дефектолог, директор) и ќе ги задоволуваат сите потреби кои ги имаат децата со развојни потешкотии. Најчесто наставниот кадар во Македонија се обучува во еднодневни 8 часовни семинари и повеќето немаат посетено некое училиште со тотална инклузија каде би стекнале некакво кратко искуство за тоа како се постапува со ученици со развојни потешкотии. Сепак постојат наставници ентузијасти кои изработуваат посебни програми за учениците со посебни образовни потреби, но, уште се во дилема како да ги оценуваат, како да ги изработат тестовите на знаење, кој метод (и дали има) е најпогоден за некое пореметување и многу др. прашања на кои тешко се доаѓа до одговор без квалитетна едукација на наставниците а и на родителите.

 

Не треба да ги запоставуваме ниту надарените ученици бидејќи и тие имаат свои посебни образовни потреби. Како што вели Јања Шкода во Идентификација на надарени ученици во основните училишта [3] „Надареност може да се набљудува од две перспективи: продуктивна надареност која е резултат на работа на поединецот преку која постигнал натпросечни достигнувања; потенцијална надареност која се темели на потенцијал и предиспозиција кои со соодветно образование и воспитување се развиваат до надпросечен степен.”

Без разлика дали се работи за продуктивна или потенцијална надареност и двата вида  на надареност се погодни и се предизвик да се негуваат и подржуваат со настава на далечина.

Ние наставниците, локалната заедница и држава имаме примарна задача да обезбедиме здрав, сигурен и пријатен престој на сите деца во градинките, во основните и средните училишта како и на факултетите, а кога ќе се најдеме како во сегашнава состојба,

наставата треба да се одвива од далечина, неопходно е на сите ученици да им се обезбеди соодветна технологија, бесплатен интернет и многу електронски бесплатни ресурси кои  ќе го задоволат љубопитството на секое дете без разлика на неговата потреба. Инклузивноста  претставува  комплексна  определба  која  произлегува  од  суштината  на конвенцијата  за  правата  на  детето,  секое  дете  да  добие  еднакви  шанси  во  развојот  и можност да е рамноправен член на заедницата. Во Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, правото на образование е прецизирано и поврзано како со создавањето услови  за  рамноправно  практикување  на  правата  на  лицата  со  попреченост,  така  и  со разбирањето на образованието во неговиот континуитет и траење во текот на целиот живот.

 

 

 

Литература:

  1. Инклузивна настава, др Миле Илиќ, Ффилозофски факултет, Сараево 2009
  2. Идентификација на надарени ученици во основно училиште, Јања Шкода – ментор – др.сц.Анте Колак, доц – Свеучилиште у Загребу Филозофски факултет одсјек за педагогију, 2015
  3. Максимовиќ, Петровиќ, Османовиќ: Професионалне компентенције будуќих педагога, Филозофски факултет Универзитета у Нишу,2015

 

 

Аида Петровска

ООУ “Димитар Миладинов”, Скопје