Ели Маказлиева: Значење на прирачната литература за деца од предучилишна возраст

Значење на прирачната литература за деца од предучилишна возраст

 

Во современиот начин на живот на детето, прирачната литература зазема посебно место. Потребата од прирачна литература за децата од предучилишна возраст е дотолку голема што таа како своевиден медиум го буди интересот кај децата и има висока сознајна и практична функцијa. Прирачнната литература наменета за децата,  која е значаен извор на информации и средство за стекнување знаења низ игра и забава има посебно место во доловување на границата помеѓу вербалната и визуелната комуникација на детето.

Значењето на прирачната литература за деца во која спаѓаат сите книги или сите илустративно- текстуални материјали е особено големо во време на зголемена конкуренција на електронските медиуми и интернетот. Тоа е затоа што прирачниците ги пренесуваат информациите на посебен воспитен начин и благодарение на нивната педагошка посебност, тие се во интензивна интеракција и влијаат на детскиот развој.

Прирачниците имаат за цел да ги развијат основните функции кај децата од предучилишна возраст и да помогнат во раното учење и развој на детето. Прирачниците се корисни, пред сè, заради подготовка и навикнување на детето на училишните активности, а развиваат и самостојно мислење кај детето.

ВИДОВИ  ПРИРАЧНА ЛИТЕРАТУРА

Прирачниците како текстуално – илустративни материјали егзистираат во различни видови и тоа:

  1. Интегрирани прирачници во кои се опфатени сите стандарди од програмата и сите тематски содржини;
  2. Едукативни прирачници во кои се опфатени сите стандарди од програмата, но само на една тема;
  3. Месечни списанија за деца во кои се опфатени сите стандарди и дел од тематските содржини пренесени повеќе низ игра и забава со актуелни теми;
  4. Сликовници со различни теми, намени и форми;
  5. Боенки со различни теми;
  6. ДРУГИ КНИГИ ЗА ДЕЦА од литературен вид како книги со раскази, песнички, гатанки, сказни, бајки, приказни.

Сите овие видови прирачна литература се од големо значење за развојот на детето од предучилишна возраст. Ако сликовницата е првата книга за детето, за која треба посебно и поопширно да се зборува, и ако секој прирачник е „прв учебник“ за детето, тогаш списанието за деца треба да биде и сликовница, учебник, прирачник, работна тетратка, игра, учење и забава, но мора да ја следи комплетната програма и да овозможува сосема поинаква, поинтерактивна комуникација меѓу родителите/воспитувачите и децата.

Затоа секоја книга создадена за детето од предучилишна возраст си има своја улога и свое посебно значење.

Програмскиот интегриран  прирачник  е основниот, најзначајниот елемент во реализација на програмата и програмските цели и задачи. Според својата концепција, физиономија и структура, како и според содржината, тој треба да биде компатибилен со Документот на стандардите за рано учење и развој. Целите, задачите и темите во интегрираниот прирачник прават единство. Задачите во прирачникот се подредени според критериумите на сложеност и совладување на моторните вештини, перцепцијата, квантитативните и просторните односи, идентификување на звуците во зборови, на броевите итн., а ги развиваат самодовербата и упорноста.

Овие прирачници се и „први учебници“ за децата од предучилишна возраст и обично се наменети за децата од 4 – 6 годишна возраст. Интегрираните прирачниците, освен што се наменети за децата, тие се истовремено и своевиден ВОДИЧ за воспитувачот во реализирање на програмските цели и задачи. Прирачникот е патоказ за реализирање на тематските содржини од страна на воспитувачот.

Едукативниот прирачник е книга во која содржината што се обработува се поврзува со влијанието на развојот и едукацијата на детето од сите области и сите предвидени воспитно -образовни теми, така што илустрациите и текстот се вмрежени во единство и поврзани со активностите на детето од областите за кои детето сознава и учи низ игра.

Списанијата за деца даваат можност со нивна помош да се поттикнуваат разни активности по пат на активно мислење, говорно и ликовно изразување, по пат на цртање, боење, заокружување, сечење, лепење, со што се создава задоволство кај детето и уживање во работата и игрите. Ја поттикнуваат детската креативност, поттикнуваат на истражувачки игри и решавање едноставни проблеми. Списанието има задача да даде и поддршка за развојот на децата, следејќи ги нивните развојни потреби, интереси и специфичности од аспект на нивната различност, независно дали е развојна, етничка или социјална.

Сликовницата обично се нарекува прва детска книга која има когнитивна функција и според нејзиниот концепт содржи илустрации кои се читаат наместо текст, кои се во функција на текстот или се компатибилни со текстот, сообразени според возраста на детето. Според содржината и формата сликовницата е секогаш прилагодена на возраста на детето и се менува во сооднос на неговата возраст и неговите психофизички способности.

Сликовницата ги воведува децата во светот на уметноста и литературата, го поттикнува развојот на перцепцијата, опсервацијата и вниманието, развива меморија, размислување и резонирање, бујна фантазија и креативно размислување. Бидејќи го носи епитетот на илустрирана книга, илустрациите во неа се едноставни и разбирливи за детето. За помалите деца со чисти контури и бои, со помалку детали, за поголемите побогати и покомплексни композиции.

Постојат повеќе видови на сликовници кои се класифицираат според формата и обликот, според возраста, според функцијата итн. Децата почнуваат да читаат од слики и да слушаат читање од возрасните кога се создава посебна емоционална врска помеѓу детето и возрасниот, од кој зависи и правилниот избор на сликовница за детето.

Според воспитно-образовните и педагошко-психолошки елементи постојат:

  • Сликовници за развој на говорот;
  • Сликовници за развој на фантазијата;
  • Сликовници за развој на моторните способности и ситните мускули на раката;
  • Сликовници за развој на когнитивното мислење;
  • Сликовници за развој на творештвото.

Според намената и карактерот постојат:

  • Сликовници со налепници;
  • Сликовници со сложувалки;
  • Сликовници- книги со приказни:
  • Сликовници – книги со бајки и принцези;
  • Едукативни сликовници;
  • Креативни сликовници;
  • Забавни сликовници;
  • Звучни сликовници.

 

Според текстуалниот дел постои група на сликовници од поетски вид и сликовници од сознаен вид.

СОДРЖИНСКИ  КОМПОНЕНТИ  НА ПРИРАЧНАТА ЛИТЕРАТУРА

Изборот на содржините во прирачникот помага детето подобро да се снајде во секојдневната комуникација и да се развие во сигурна личност, развивајќи ги говорните вештини од најмала возраст. Како содржински елементи се текстовите што содржат кратки реченици што брзо се помнат или римувани стихови. Во некои од нив има краток текст што е во функција на разбирањето на сликата – илустрацијата. Преку илустрациите прирачникот го нуди и првиот илустриран речник, истовремено и првата детска игра. Освен тоа некои од нив  содржат и упатства што ги наведуваат децата да споредуваат, предвидуваат, заклучуваат, истражуваат, создавајќи атмосфера на изненадување, што, пак, го засилува интересот и ја поттикнува играта.

Структура на прирачникот

Прирачникот содржи: Текстуални елементи, илустрации, апарат за ориентирање, упатства, прашања, задачи, вежби (во интегрираните, едукативните прирачници и во списанијата за деца), додатоци – прилози (кај интегрираните, едукативните прирачници и во списанијата за деца), упатства за воспитувачот (кај интегрираните прирачници).

ЗНАЧЕЊЕ на текстуални елементи

ТЕКСТОВИТЕ  имаат едукативен и  забавен карактер и ги нагласуваат аспектите од развојот на детето и тоа: социо-емоционалниот (идентификација со ликовите), когнитивниот, развојот на перцепцијата, спознајниот развој (препознавање на предметите и проширување на претставите и поимите), развој на говорот (комуникација, игра со зборови), интелектуален развој (стекнување знаења), развој на меморијата, креативноста и критичкото мислење, естетски развој (чувство за убаво).

Терминологијата што се користи содржи повеќе зборообразувачки елементи со несекојдневни, но привлечни и забавни зборови, со што се овозможува поттикнување на интересот за збогатување на детскиот речник и разбирање на смислата на зборовите.

ЗНАЧЕЊЕ НА илустрациите

Илустративниот дел е најзначајната компонента што пренесува посебна порака од визуелен код и има сознајна функција да ја отслика содржината, сообразена со возраста на детето. Илустрациите создаваат директен начин на комуникација со детето, го поттикнуваат мисловниот процес, ја развиваат имагинацијата. Нагласувајќи ја когнитивната функција придонесуваат за севкупниот развој на детето преку стимулирање на неговата перцепција и развојот на интелектуалниот потенцијал. Современите илустрации од кои детето чита наместо од текст преку визуелно–перцептивни препознавања и воочувања, го поттикнуваат мисловниот процес, како и  детското емотивно, јазично и графомоторно изразување.

Хумористичниот карактер на илустрациите речиси секогаш побудува интерес кај децата. Секое дете сака да биде среќно, радосно, весело и многу лесно смеата се пренесува и им дава можност на другите да се смеат. Според најновите педагошки истражувања, научно е докажано дека хумористичните елементи во илустрациите за децата се она што тие го сакаат. Илустрациите имаат висока уметничка вредност со детски, весели и интензивни бои привлечни за детето и речиси секоја отсликана ситуација претставува дејство и пренесува одредена порака. Тие имаат примарна улога во замена на текст, што значи зборуваат наместо текстот или го дополнуваат, ги претставуваат поимите и доловуваат ситуациите што се прикажани. Тие се соодветни за детското искуство и возраста, исполнети со ведрина и хумористични ликови што позитивно влијаат на емоционалниот развој на децата.

Апарат за ориентирање

Апаратот за ориентирање го сочинуваат, освен нумерација на страниците (пагинацијата), различните бои со кои се обележани страниците, одвојување на додатоците од главната структура, видот и големината на буквите и други компоненти со чија помош технички се обликува страницата. Значаен е од аспект на снаоѓање на детето со книгата.

ЗНАЧЕЊЕ на упатствата, прашања, задачи, вежби

Во содржините на интегрираните и едукативните прирачници како и во списанијата за деца дадени се јасни и кратки упатства што овозможуваат голем степен на самостојност во работата на децата, но и потреба за комуникација со возрасните. Ова ни дава и одлична можност за квалитетно поминато заедничко време на воспитувачите/ родителите и децата.

Прирачниците се создадени на начин да бидат интересни за децата поради интересните прашања во функција на сликите – илустрациите, кои во почетокот се многу едноставни за подоцна да станат посложени. Некои задачи содржат и проблемски ситуации. Со решавањето на различни проблемски ситуации со кои низ предложените активности се соочува секое дете, се обезбедува поттикнување на развојот и зајакнување на моторните, јазичните, когнитивните и социоемоционалните вештини како значајна основа во процесот на развојот.

Задачите и вежбите нудат можност за поврзување на математичките поими со секојдневното опкружување на децата. Има вежби за развој на гласовите, вежби за богатење на речникот со зборови, вежби за развој на реченицата, за говорно творештво и разбирање на текст. Сите заедно ги поттикнуваат децата на самостојност, внимателност и прецизност во работата, следејќи ги знаците и упатствата за изведување на вежбите.

Значење на додатоци-прилози

Прирачникот може да има и додатоци – прилози кои ќе овозможат кај детето да се развива помнењето, фантазијата, мануелните активности и развој на ситните мускули на раката преку сечење, лепење, обликување.

ЗАКЛУЧОК

Со помош на прирачната литература детето стекнува предзнаења од сите воспитно-образовни подрачја, интегрирани со аспектите на развојот. Тие предзнаења се всушност подготовка на детето за поаѓање во прво одделение во основното училиште.

Резултатите што би ги очекувал секој воспитувач/родител од детето по користење на прирачна литература се: детето да ги презема првите чекори за работа и активност, за споредување и разликување (сличности и разлики), да покажува одредени разбирања и способности за изразување, идентификување, опишување, ангажирање, истражување и експериментирање, комуницирање, учествување во разговор и игра, препознавање, именување, групирање, рецитирање, раскажување, броење итн.

Токму затоа прирачната литература го буди интересот кај  децата, но и кај родителите и многу од нив во последно време, се стремат кај своите деца да развијат навики за користење на литература за деца од секаков вид (списанија, сликовници и други книги за деца за реализација на програмските барања)  со цел кај децата да се развијат и стекнат навики, кои понатаму остануваат трајни.

Тука започнува љубовта кон книгата, а децата најдобро растат со љубов!

 

м-р Ели Маказлиева