Улогата и значењето на списанијата, прирачниците и другите визуелни, аудио и видео изданија и материјали во воспитно-образовниот процес
Јас тргнувајќи од моето детство (пред околу пет децении ) кога сите ние како ученици, во многудетни семејства, немавме можност сите да купуваме, Другарче, Наш свет, Колибри, Млад борец,но, нашите наставници не организираа и повеќето деца од исто одделение или постарите братчиња и сестрички ќе земаа , па така сите бевме во можност да ги читаме. Значи со скромните примања на нашите родители списанијата сепак беа достапни за сите нас како ученици. Сега јас кога сум наставник ова ме навраќа на моето детство и јас така секогаш ги упатувам моите ученици и се организираат по неколку деца, се договараат по еден број да плаќаат, ама сите броеви да имаат можност да ги читаат. Денешните списанија се од големо значење за учениците во наставата. Јас како наставник по македонски јазик им ставам голем акцент и нивната употреба им ја потенцирам колку многу е значајна. Денес е време на безброј портали достапни на интернет со употреба на компјутерската технологија. За жал дневниот печат е сé помалку достапен за моите ученици и затоа јас кога работам на часовите имам земено од киосците стари весници и им делам на секој ученик да има пред себе, да разгледува и да си чита. Во денешно време неопходна е потребата на списанијата за деца, од каде може да се научи, поучи или дополни наученото. Во детските списанија често се разработуваат лектири, па преку илустрациите моите ученици ги користат и на поинтересен начин доаѓаат до содржината и карактеристиката на ликовите. На тој начин како пример ги користат списанијата. Моите ученици се искрени во своите искажувања дека сé она што не можат да го најдат како одговор на своите прашања, овде го наоѓаат од своите врсници . Во списанијата се нивните омилени глумци и пејачи, нивните постери , поради кои и ќе го купат одредениот број на тоа списание.Во списанијата се објавуваат нивни лични трудови, како што се многу цретежи и литературни творби. Кога сме кај лектирите кога учениците не сакаат да читаат,( а тоа многу често се случува).Многупати учениците ги користат аудио и видео изданијата за да си го олеснат патот за да ја научат содржината ,односно на многу полесен начин да дојдат до ликовите , настаните и случките за лектирата која им е дадена да ја обработуваат на часот по македонски јазик, за да ги доживеат преку глас и слика. Учениците многу често имаат потреба од прирачниците како книга со упатства и практични објаснувања за она што го изучуваат во училиштата или пак покажуваат интерес. Самите прирачници се достапни во самите училишта и тоа во библиотеките. Прирачниците се со различни содржини, многупати ги користат по предметите од природните науки затоа што ги интересираат многупати животинскиот и растителниот свет,ама почесто и видовите на технологијата која е во многу голем подем.
Ленче Китанова
наставник во ООУ „ Методи Митевски – Брицо
Лозово