Новите и необични раскази – бајки во книгата „Човечулец“ од Александар Прокопиев
Апстракт:
Во овој труд станува збор за расказите-бајки на писателот Александар Прокопиев, како пример за современо, актуелно и привлечно четиво не само за младите, туку и за возрасните читатели. Оваа книга најилустративно потврдува дека денес треба да се пишува современо, актуелно и провокативно, т.е. на теми и мотиви кои се универзални, космополитски и недоволно експлоатирани. Прокопиев тоа го прави необично, бајковидно и надреално.
Предмет на овој труд се расказите-бајки од книгата „Човечулец“, како необичен, специфичен и оригинален спој и резултат во современата македонска литература за деца и млади, но и за возрасни. Расказите-бајки како жанр се поедноставни, поразбирливи и попривлечни за најмладите читатели. А, овој пример најилустративно укажува дека бајките се наменети и за возрасните, но и дека расказите за возрасни во вид на бајки може да ги читаат и децата. Доказ за квалитетот на оваа негова постапка е високото меѓународно признание – наградата „Балканика“, доделена за оваа ретка, значајна и оригинална книга.
Во овој труд ги користевме дескриптивниот и компаративниот метод, а целта ни беше да покажеме и докажеме дека денес треба да се создаваат нови и оригинални раскази (во овој случај како бајки) за кои сме сигурни дека ќе им се доближат и допаднат на младите читатели.
Клучни зборови: бајка, Прокопиев, стварност, фантазија, дигитална ера, виртуелен свет
Современи бајки
Дали е бајката страшно нешто? Не поради тоа што најчесто во бајките има многу насилство, крв, страв, па и оружја и што се плашат децата додека ги читаат, или поради тоа што родителите мораат да ги заменуваат зборовите или да ги толкуваат значењата и дејствијата додека им ги покажуваат или прераскажуваат бајките. Туку, многу е пострашно: што многу нешта од бајките – навистина се случуваат!
Можеби се бајките пророштва, или подобро речено – имаат пророчка моќ, бидејќи тие во најголем број случаи и се остваруваат. Макар што изгледа многу идилично денеска да се замисли Црвенкапа како оди сама низ паркот или шумата, весниците се полни со црни хроники и вести, каде се нападнати девојки или незаштитени деца. Но, уште пострашно е кога некој ќе се препознае во Алибаба со четириесетте разбојници.
Но, тоа не значи дека бајкописците не треба да продолжат да измислуваат бајки (читајте: да пишуваат и живеат во и со бајките, зашто тоа би значело дека на ридовите не треба да паѓа снег – за да се открие зајачката трага…
Реалистите и сега велат дека не веруваат во мистичноста на бајката, исто како што не верувале ни тогаш кога на некој мистериозен начин прелесно и пребрзо спојувале еден со друг крај, но надреалистите, исто така, не сакаат да се предадат ни денес, зашто со право тврдат дека пофантастични примери никогаш не ни имало!
И, така, според навиките, додека сè уште на децата им читаме бајки, сметајќи дека барем тие во нив веруваат, се пробудува и побунува понекогаш и детето во нас, не сакајќи повеќе да зборува и слуша лажни зборови, независно дали тие се однесуваат на шумата или прашумата, на волците или мечките, на ајкулите или школките, на скржавците или арамиите…
Се знае дека бајките имаат добри и лоши јунаци, убави или грди ликови, исто како што и луѓето имаат убави имиња во личните карти а грди во прекарите, или како што некоја кутра валкана чистачка нема ни да дознае, осознае, а не и да се препознае како референтка за хигиена, така и бајкописците и теоретичарите ќе продолжат да спорат околу тоа што е чудно а што е чудесно…
Бајки и за возрасните
Бајките не се наменети само за децата, туку и за возрасните, а тие пак (овие вторите), носат поголеми очила и со поголем диоптер, со кои можат побрзо и полесно да ги воочат деталите, да ги регистрираат измамите, да ги одбегнат подметнувањата и шпекулациите…
Никому денес, се чини, не му е дојдено веќе до нереални и исконсттруирани бајки. Кому му е веќе потребна зашеќерена водичка, обланда во целофан, празни ветувања и шарени лаги…
Со или без мечеви и шлемови, победници се само измислувачите на поуверливите, пореалните и поприфатливите бајки, за кои успеале да најдат слушатели, почитувачи, но и идни прераскажувачи… Можеби еден ден, не така задоцнето, и тие ќе ги дополнуваат истите, ќе ги освежуваат и доосмислуваат, или ќе градат сосема нови и дијаметрално спротивни од претходните. Со или без козметички поправки и додатоци, новите бајки ќе бидат полични и потрајни од претходните, до новите избори, до новите приказничари, до новите фантазери, до новите политичари…, но и до новите хипер-реалисти, закоравени прагматичари и несудени критичари…
Роман од раскази
Книгата „Човечулец“ од Александар Прокопиев е книга со раскази – бајки за возрасни, која слободно може да се чита и восприема и како книга со раскази, односно и како роман во бајковидна форма.
Тоа, човечето, најчесто е самиот автор, а многу често и некој мал човек од соседството, но и од надреалниот свет, од фикцијата и фантазијата. Како да паднало од Марс или од Венера сред овој наш реален свет – полн со противречности, апсурди и контроверзи.
Прокопиев постојано укажува на сите аномалии и на боите на тој т.н. црно-бел свет, трудејќи се од петни жили (како што обично се вели) доброто да го победи лошото, да надвладее правдата и вистината над хипокризијата и хиерархијата.
А, бајките, сееедно дали се од левиот или од дејниот џеб, а во случајов се од левиот џеб, зашто најверојатно авторот тргнал од онаа народната поговорка лева рака – десен џеб или обратно, па создал неверојатни приказни, стории, во кои луѓето се најубави во своето огледало и сосема неправедно и неосновано секогаш сметаат дека на соседот треба да му цркне козата за нив да им биде подобро, или дека лошото и грдото постојано (треба да) им се случува на другите, или пак дека со пари може да се купи сé, па и среќата, љубовта и искреноста.
Но, во тој и таков метафизички, хиперпоболизиран и антагонистички човеков ареал, Прокопиев успева да ја најде златната жица, зрнцето бисер, како трагач и номад низ лавиринтите на човековата несовршеност, алчност, суетност и злобност, докажувајќи уште еднаш дека некои нешта се универзални, неповторливи и мошне поучни.
Бајките за големи деца се бајки за добро утро, а не само за добра ноќ, зашто многу повеќе опоменуваат отколку што заспиваат. Прокопиев е вешт и луциден наратор, па не случајно предвидуваме дека и оваа негова најнова книга, ќе биде и читана, и почитувана, но и препрочитувана и прераскажувана!
Всушност, во оваа специфична книга се потврдува космополитската димензија на расказите, создадени во духот на бајките за возрасни, од кои произлегуваат и зрачат: искуство, зрелост, копнеж и надеж, бројни дилеми и загатки, прашања и одговори…
„Човечулец“ е оригинално авторско остварување од сферата на уметничката авторска бајка. Тоа е дело пишувано на современи и актуелни теми, каде авторот ги реинтерпретира и интегрира дел од најпознатите светски бајки во својот новосоздаден прозен ракопис, при што одново го перцепира светот околу себе и неговите појавни облици и димензии преку изострена диоптрија и најмалку двојно зголемена објективизација. Притоа, посебно е нагласена и значајна интроспекцијата на личноста и дискурсот на самиот автор.
Александар Прокопиев, по неговите добропознати, позитивно оценети и веќе масовно прифатени анти-упатства, со оваа своја нова книга со бајки за возрасни – уште еднаш го потврдува не само постоењето и функционирањето, туку и значењето и високото место на македонската прозна авангарда од крајот на минатиот и почетокот на овој век.
И, на крајот, да додадеме уште само дека Александар Прокопиев, не случајно, со оваа книга беше избран претставник од Република Македонија на Меѓународниот конкурс и ја доби престижната награда „Балканика“.
Осовременување и надградување
Потрагата по новото и необичното во бајките одамна е започната, сѐ уште трае, но најверојатно така ќе биде и во иднина. Денес, и во современата авторска бајка – сведоци сме и протагонисти на нејзиното осоврменување, приспособување и надградување според актуелните барања, стандарди и тенденции.
Бајкописците живеат во и со бајките. Впрочем, тие никогаш и не живееле надвор од својот простор и своето време. Па, токму затоа, слободно можеме да кажеме дека бајкописците секогаш постојат и опстојуваат во својата стварносно-фантастична реалност, која е колку имагинарно бегство од стварноста, толку е и враќање и приземјување од фантазијата во сегашноста.
Современите бајки се преполни со нагли пресврти и неочекувани изненадувања. Присутно и доминантно е осовременувањето наспроти застареноста и здодевноста, па старомодноста често ја заменува дури и помодноста, но во секој случај – како да нема веќе место за баналноста и површноста, туку само за луцидноста, игривоста, духовитоста и остроумноста.
Некои од теоретичарите, со право, констатираат дека и бајките не се она што некогаш биле. При настојувањето и напорот како да се сочува и преживее бајката – денес се ползуваат најразлични постапки и методи, а крајниот резултат е евидентен, за почит, но и за прочит.
Виртуелно време и дигитална ера
Сред виртуелното време на дигиталната ера, во измешаниот сајбер свет свое место наоѓаат и современите, актуелни, па и провокативни авторски бајки, кои истовремено опоменуваат и подучуваат, а најмалку се сувопарни и празни измислици и лаги, туку се ововремени, креативни, интерактивни, едукативни, полезни, возбудливи и вечни творби.
Денес не е мал бројот и на бајките за возрасни, кои се создаваат како пандан за оние за деца и млади. Во нив повеќе станува збор за грубата и сурова реалност, отколку за волшебната и прекрасна чудесност. Едноставно: како да нема веќе чуда, туку само миговна зачуденост и делумно и повремено очудување, но со широко отворени очи, без лебдеење во воздухот, а со цврсто стоење и тоа со двете нозе на земјата.
И, додека денес, во виртуелното време, во дигиталната ера, во измешаната сајбер реалност, сонуваме за Аладиновата волшебна ламба, или фантазираме за уште поволшебен кавал, боговите, кралевите и принцезите не мораме ни да ги замислуваме – зашто секој ден с повеќе ги гледаме на улицата, или на телевизијата!
А телевизијата не е филм, таму протагонистите не се облечени во туѓи костими, тие не играат други туку главно се прикажуваат себеси, без шминка која се топи пред светлата на рефлекторите, па како тогаш гледачите да ме веруваат во она што го слушаат и гледаат, макар што и бајките веќе не се она што некогаш биле…
Еден од најновите позитивни примери за бајките за возрасни е и книгата „Човечулец“ од македонскиот раскажувач Александар Прокопиев, која не случајно беше овенчана со високото книжевно признание – наградата „Балканика“.
Користена литература:
- Бјелица, Исидора. Бајке за децу 21 века. Нови Сад: Стилос Арт,
- Денић, Сунчица. Демистификација света у књижевности за децу, часопис „Норма“ бр.1. Сомбор,
- Петрески, Христо. Иновативни приступ лектири на примерима српске и македонске ауторске бајке – компаративна анализа (докторска теза). Врање: Учитељски факултет,
- Прокопиев, Александар. Човечулец. Скопје: Магор,
- Росић, Тиодор. Господар седам брегова. Београд: Српска књижевна задруга, 1993.
- Смиљковић, Стана. Импулси европске ауторске бајке и њихово креативно коришћење у бајкама југословенских и српских писаца, часопис „Детињство“ бр.1-2, Нови Сад, 2001.
- Смиљковић, Стана. Ауторска бајка. Врање: Учитељски факултет, 2006.
- Смиљковић, Стана. Чудесно, фантастично и реално у бајкама (по Цветану Тодорову, Карлу Густаву Јунгу, Владимиру Пропу и Бруну Бетелхајму). часопис „Детињство“ бр.1-2, Нови Сад, 2008.
- Спасевски, Мито. Аналитички студии и опсервации за литературата за деца. Скопје: Студентски збор, 2007.
- Стојановић, Буба. Савремени приступ народној књижевности у млађим разредима основне школе. Врање: Учитељски факултет,
м-р Ана Петреска,
Институт за наука, алтернатива, култура и уметност – Скопје