Детето во македонскиот современ расказ – најнова литературна продукција
Апстракт:
Кон крајот на Дваесеттиот и почетокот на Дваесет и првиот век и во Република Македонија се појавуваат раскази за деца од с¢ поголем број писатели, кои третираат современи мотиви и теми и се одликуваат со луцидност, духовитост, читливост и привлечност.
Во сите тие раскази, речиси без исклучок, детето е стожерен лик и носител на дејството. Преку детето и неговиот свет на најубав можен начин се проговорува и за детството, генерациите кои допрва проникнуваат и стасуваат, генерациските разлики, големите очекувања и катадневните размислувања.
Најновата продукција на македонскиот расказ за деца посведочува и потврдува дека тој е разновиден, шаренолик и богат со различни теми, мотиви и идеи. Дел од авторите се занимаваат со минатото, најголемиот број од нив се посветени и ја третираат сегашноста, а помал дел се загледани и се осврнуваат и на иднината…
И покрај тоа што е с¢ помал бројот на раскази, а не и на раскажувачи, зашто и кај нас денес повеќе се создаваат романи отколку раскази, факт е дека расказот постои, не е исчезнат, опстојува и се одржува, иако му е неопходно осовременување, збогатување, освежување и творечко и креативно обновување.
Клучни зборови: расказ, раскажување, проза, писатели, книги, читање
- За расказот и раскажувањето
Расказ е одредница која може да се однесува на повеќе термини во рамките на книжевноста. Расказот е посебна, модерна книжевна форма на кусата проза чија што главна особина е во силната компресија на содржината.
Расказите датираат уште од периодот на традицијата на усменото пренесување, кое потоа ги произведува (произнесува) значајните дела Илијада и Одисеја од Хомер. Тие се пренесени во ритмичен, поетски формат, со рими кои олеснуваат при помнењето на содржината на приказната. Исто така, овие епски приказни се поделени на кратки делови за на раска жувачот да му биде полесно да ги пренесе во делови.
Во Европа, традицијата на усменото пренесување започнува да се претвора во пишувана форма во раниот 14-ти век, а најпознат пример е делото Декамерон на Бокачо. Книгата е компонирана од индивидуални кратки приказни, кои се разликуваат со должината и содржината.
Модерниот расказ како посебен жанр е се појавува и е создаден во Италија во раниот 19-ти век. Во втората половина на овој век поради растот на пазарот на печатени магазини и журнали зголемена е заинтересираноста за краткиот расказ, со должина од 3.000 до 15.000 зборови, а меѓу познатите раскази од овој период е Павиљонот број 6 од Антон Чехов.
Краткиот расказ доживува кулминација во средината на 20-от век. Во 1952 година магазинот Лајф го печател подолгиот расказ (кој често се нарекува и новела) Старецот и морето од Хемингвеј, а изданието е продадено во 5.300.000 примероци и тоа за само два дена.
На крајот од 20-от век се создаваат голем број кратки играни филмови кои траат од една до 40 минути, а се засновани на раскази.
Раскажувањето (нарацијата) е усмено или писмено искажување за некој настан или низа измислени или историски содржини. Во теоријата и практиката постојат три вида раскажување (нарација): ораторско, историско (историографско) и книжевно. Притоа, времето и просторот се најзначајните два елемента на раскажувањето.
Раскажувањето го означува чинот на литературното кажување, кое го има значењето и е содржано во синтагмите техника на раскажување и видови на раскажување. Субјективното раскажување има облик на првото лице еднина (јас-форма на раскажување). Објективното раскажување е најстар вид на раскажување (тој-форма на раскажување).
- Посебно за краткиот расказ
При дефинирањето на поимот краток расказ, наидуваме на неколку дилеми. Пред с¢, колку треба расказот да биде краток. Но, за полесно да се одговори на ова прашање, се прави компарација со романот, па се вели дека краткиот расказ се занимава само со некои фрагменти од животот, а романот со целиот живот; краткиот расказ се занимава со една работа (појава, ситуација, феномен), а во романот се обработуваат повеќе од нив; краткиот расказ е примерок, а романот е целина.
Од друга страна пак, Хенрих Бел ги наведува следниве карактеристики на краткиот расказ: модерен; сегашен; строг; интензивен и најмалку подложен на шаблонизирање.
Значи, краткиот расказ како форма (или жанр) е нешто што е актуелно, ударно, провокативно, неповторливо и прецизно. Краткиот расказ го предизвикува читателот, не се заборава брзо и лесно и е интересно и поттикнувачко (инспиративно) за размислување. Неговата краткост е поврзана со моќта на раскажувањето, исклучителната сила на доживувањата, автентично-препознатливиот авторски потег и зафат, односно најконцизно речено: тоа е еден незаборавен, јадровит и пикантен прозен залак.
Миливој Солар во својата Теорија на книжевноста наведува дека поимот краток расказ се употребува како синоним за новела (називот потекнува од латинскиот збор за нешто ново). Расказот според должината е книжевен вид помеѓу новелата и романот. На почетокот се изложуваат и опишуваат карактеристиките на определен јунак, кои кај читателот предизвикуваат одредени очекувања. Меѓутоа, на крајот најчесто се случува пресврт во дејствието, во форма на неочекувана реакција или настан.
Солар потенцира дека во овој книжевен вид читателот треба да стекне впечаток дека е (ис)кажано точно онолку колку што треба да се рече, ни повеќе ни помалку. Па, имајќи го тоа предвид, можеме слободно да кажеме дека расказот треба да биде најпрецизниот книжевен жанр.
Затоа, некои теоретичари, не случајно, расказот го нарекуваат драма во мало, без оглед дали е дијалогот (монологот) експлицитен или имплицитен. Исто така, генерално земено, сите раскази се одликуваат со динамичност или живост, што е нивен најголем и посебен (специфичен) квалитет.
Инаку, современата проза денес с¢ повеќе покажува дека книжевното создавање е вид на интелектуална игра. Игра на фантазијата и духот, со кои творецот ги обликува уметничките светови според своите критериуми, можности и намери (желби). Во таа игра има бројни возбуди, чудења, неочекуваности и изненадувања, но и збунетост и дилеми.
Постојан и видлив е стремежот за иновации, експерименти и истражувања. Циркулираат творечки постапки и процеси, тенденции и новуми, односно идеи, постулати, поетики, манифести…
За среќа, сведоци сме на најразлични, сериозни и квалитетни творечки креации и конкретни резултати!
- Македонскиот расказ за деца (најновата продукција)
Кон крајот на Дваесеттиот и почетокот на Дваесет и првиот век и во Република Македонија се појавуваат раскази за деца од с¢ поголем број писатели, кои третираат современи мотиви и теми и се одликуваат со луцидност, духовитост, читливост и привлечност.
Во сите тие раскази, речиси без исклучок, детето е стожерен лик и носител на дејството. Преку детето и неговиот свет на најубав можен начин се проговорува и за детството, генерациите кои допрва проникнуваат и стасуваат, генерациските разлики, големите очекувања и катадневните размислувања.
Детето е нестрпливо и збунето, амбициозно и плашливо, понекогаш и несигурно и загрижено, а многу поретко радосно и среќно. Децата предвремено созреваат и зачекоруваат во светот на возрасните, а опишани се и овековечени нивните снаоѓања и неснаоѓања, палавости, итрини, игри, планови, порази и победи – во расказите на: Киро Донев, Александар Поповски, Трајче Кацаров, Александар Кујунџиски, Ванчо Полазаревски, Александар Прокопиев, Христо Петрески, Васил Тоциновски, Љубинка Донева, Мерсиха Исмајлоска, Ана Стојаноска, Дејан Трајкоски, Фахри Каја, Радован П. Цветковски, Драгица Најческа, Славка Арсова, Оливера Николова, Фејзи Бојку, Трајан Петровски, Љупчо Силјановски, Лилјана Стојкоска Ефтимова, Борис Апостолов…
Навистина, широка и разновидна е оваа авторска панорама, која го негува расказот, навраќајќи се на минатото и сегашноста, но и скицирајќи ја и предвидувајќи ја иднината.
Така, во расказот За она што го знаат и врапците писателот Киро Донев пишува за дедото и неговиот внук кои додека седат на клупата во паркот разговараат за минатото и сегашноста. Дедото евоцира спомени за периодот на војната, а детето е далеку и длабоко загледано кон стварноста. Фабулата започнува со парчето бисквита кое го колва едно гладно врапче, а за време на војната и една трошка леб била сон и значела многу…
Ванчо Полазаревски пак, во расказот Приказна за левата и десната рака раскажува за едно дете кое се викало Илија и живеело во Скокот Град. Детето имало лоши навики, па прстите од рацете ги пикало во устата, увото, носот… На индиректен начин се говори за лошите навики, односно за нашите две раце. Расказот е илустративен, духовит и поучен.
Васил Тоциновски, раскажувајќи приказни од градинка, во една од нив ќе проговори и за Космонаутот Симон. Се чини, нема дете кое не сонува за Вселената, Сонцето, Месечината, ѕвездите и планетите, односно за вселенските бродови, ракетите, космонаутите, небото, авантурите… Но, во овој расказ станува збор за едно симпатично дете Симон кое ги сонува девојчињата, а тие го сонуваат него. Значи, темата е љубовта… Онаа посакувана, мечтаена, треперлива и непостојана, копнежлива и нестварна…
Александар Поповски во расказот Добрина на прекрасен начин проговорува за тоа што е добрина и дека таа не може да се вреднува, односно купи и поседува со пари. Една стара Ромка турка количка натоварена со дрва низ една каллива приградска скопска улица и откако ќе заглави коликата во калта не може ни да ја помрдне, а не пак и да је извлече количката од калта. Тогаш малото момче ќе ги соблече чорапите и собуе кондурите и ќе £ помогне на старичката за што ќе добие како награда паричка, но утредента ќе ја врати зашто ќе сфати дека тоа не го направил за пари и дека најмалку му треба да добие награда во вид на пара од сиромашната жена, зашто награда е благодарноста, насмевката, направениот гест и добрина…
Оливера Николова во расказот На улица пишува за Лидија и Зоки (Поки) кои цртаат графити на една зграда и истата по цртањето наместо убаво изгледа грдо. Кога возрасните ќе ги опоменат децата тие ќе се обидат да се оправдаат дека се малечки, па не можат да го избришат и измијат нацртаното, а не се малечки кога прават проблеми и лоши и грди нешта. Поучно и духовито…
Александар Кујунџиски во расаказот Крај силната чешма раскажува за партизаните и за погачата што децата ја носат за да им ја дадат додека тие поминуваат покрај нивната селска чешма. Но, иако мајката рекла да му ја дадат на најдобриот партизан, тие не можат да се одлучат кој е најдобар, зашто сите се добри, па ја подаруваат погачата и велат дека е за сите партизани од колоната, за да ја поделат и секој од нив да добие по малку. И оваа приказна иако говори за минатото содржи порака за хуманоста, човечноста и солидарноста…
- Шареноликост, богатство и идеи
Најновата продукција на македонскиот расказ за деца посведочува и потврдува дека тој е разновиден, шаренолик и богат со различни теми, мотиви и идеи. Дел од авторите се занимаваат со минатото, најголемиот број од нив се посветени и ја третираат сегашноста, а помал дел се загледани и се осврнуваат и на иднината…
И покрај тоа што е с¢ помал бројот на раскази, а не и на раскажувачи, зашто и кај нас денес повеќе се создаваат романи од раскази, факт е дека расказот постои, не е исчезнат, опстојува и се одржува, иако му е неопходно осовременување, збогатување, освежување и творечко и креативно обновување.
Македонскиот расказ за деца најчесто го преферира хронолошкото, ретроспективно и историографско раскажување, а многу помалку расказите се фактографски, стварносни и модерни (ововремени). Исто така, с¢ уште е присутен и дури поголем напливот од настани и случувања во руралните и пасторални средини, отколку на теми и мотиви од актуелниот и урбан амбиент. Значи, на тој комплексен корпус му претстои иновирање, модернизирање, збогатување, оформување и заокружување.
Раскажувачкиот концепт и дискурс главно е дескриптивен, импресионистички и реалистичен, а многу помалку и ретко и футуристички, имагинарен, надреален и научно-фантастичен.
Но, во секој случај, треба да се одбележи појавата и на нови и млади имиња, нови книги и нови раскази, кои се убав повод, добар исчекор и сигурен влог во подемот и развојот на македонскиот современ и актуелен расказ за деца и севкупната македонска литература за најмладите.
Користена литература:
- Тоциновски, Васил, Златна книга на прозата за деца, Феникс, Скопје, 2004.
- Полазаревски, Ванчо, Скокот Град, Феникс, Скопје, 2010.
- Николески, Ванчо, Раскази, Феникс, Скопје, 2008.
- Тоциновски, Васил, Приказни од градинка, Феникс, Скопје, 2010.
- Петрески, Христо, Златното јаболко и други бајки, Феникс, Скопје, 2013.
- Шипинкаровски, Петко, Разбранувани води, Феникс, Скопје, 2017.
- Антологија на македонскиот современ расказ, Библиотека Тренд, книга 6, Феникс, Скопје, 2012.
- Антологија на македонски авторски бајки, Библиотека Тренд, книга 9, Феникс, Скопје, 2014.
м-р Ана Петреска,
Институт за наука, алтернатива, култура и уметност – Скопје