ВЛИЈАНИЕ НА ДЕТСКАТА ЛИТЕРАТУРА ВРЗ ПСИХОЛОШКИОТ РАЗВОЈ НА ДЕЦАТА И МЛАДИТЕ
АПСТРАКТ
Во овој труд се дискутира за улогата и важноста на литература за когнитивниот, емоционалниот и социјалниот развој на децата и младите. Развојната психологија располага со научни и емпириски наоди кои укажуваат дека користењето на квалитетна литература може да има позитивно влијание врз психолошкиот развој и формирање на идентитетот и може да помогне во надминувањето на емоционалните предизвици кај децата и младите. Во процесот на психолошкиот развој на личноста и градењето на идентитетот, децата и младите минуваат низ различни развојни фази во кои се соочуваат со одредени предизвици и кризи кои се проследени со непријатни емоционални искуства: стравови, грижи, незадоволство, агресија, недостаток на самодоверба и сл. За оптимално совладување на кризите и избегнување на негативните исходи значајни се бројни фактори: наследни, средински (семејство, училиште, врсници) и самоактивноста. Во трудот се анализира еден специфичен сегмент – литературата и нејзиното влијание за совладување и надминување на непријатните емоционални искуства во развојот на идентитетот на децата и младите. Воедно се укажува на начините на кои квалитетната литература може да им биде корисна алатка за родителите, воспитувачите и наставниците да им помогнат на децата и младите во развојот и унапредување на когнитивните и социо-емоционалните компетенции потребни за здрав, исполнет и успешен живот.
ВОВЕД
Развој на личноста е процес на создавање на его-идентитет кој започнува со раѓањето на човекот и се движи од отсуство на идентитет до комплетен идентитет. Овој процес на развој, според теоријата за психо-социјален развој на Ериксон (1958) се одвива во осум фази со научно потврдена психолошка закономерност, а секоја содржи одредени развојни задачи што треба да се завршат пред нејзиното завршување (Erikson,1997). Преминот од една во друга фаза е проследен со психосоцијални кризи кои се чувствителен период проследен со стравови, грижи, незадоволство, недостаток на самодоверба, кои доколку неуспешно се надминат водат кон маладаптивност која може да го загрози идниот развој и да доведе до незрелост на идентитетот со ниска самодоверба, слаба способност и продуктивност. Развојните кризи може да бидат и поволна можност за развој и постигнување на психолошки здрав идентитет со оптимална самодоверба, апстрактно и критичко размислување и напредно морално расудување.
За оптимално совладување на кризите на идентитетот и избегнување на негативните исходи пресудна улога има најблиската околина: родителите, а покасно и наставниците, воспитувачите и врсниците, како и активноста на индивиуата. Во трудот се акцентира улогата на семејна и училишна средината која треба да биде потпора на децата и млади и да им помогнат за развој на идентитетот, со фокус на улогата на детската литература која е значаен фактор за успешен когнитивен, емоционален и социјален развој на децата и младите. Предмет на овој труд е истражување на улогата на литературата како фактор за промовирање на когнитивните, емоционалните и социјалните аспекти на личноста од најрана возраст до младоста. Основни прашања кои се наметнуваат во врска со оваа тема се:
Дали, до кој степен и со кои механизми литературата влијае врз психолошкиот развој кај децата и кај младите?
Кои се доказите за влијанието на литературата врз психолошкиот развој кај децата и кај младите?
Какви се прелозите за ефективна примена на литературата во функција на детскиот развој?
Одговорот на овие прашања ќе помогне да се искористи не само уметничкиот туку и едукативниот потенцијалот на литературата и да помага когнитивниот, емоционалниот и социјалниот развој на детската личност.
УЛОГАТА НА ЧИТАЊЕТО ЗА ПСИХОЛОШКИОТ РАЗВОЈ
Секој литературен текст, покрај својата уметничка вредност и идеи, има едукативно значење, особено за децата и младите, и може да влијае врз развојот на личноста. Постојат голем број на докази за потенцијалот на литературата да го поттикнува психолошкиот развој на детската личност и да им помогне на децата и младите во когнитивниот, емоционалниот и социјалниот развој.
Во последниве години, се поголем број истражувања ја поддржуваат улогата на читањето на квалитетна литература за развој на емоционалната интелигенција. Емоционалната интелиганција (ЕИ) е современа психолошка парадигма, која се дефинира како способност за препознавање на сопствените чувства и чувствата на другите и користење на знаењето за донесување добри одлуки Големан (1995). ЕИ вклучува компетенции за самосвест, самовладеење, емпатија и социјални вештини. Развиената ЕИ овозможува повисока самодоверба, оптимизам и успешни социјални релации, подобри перформанси во успехот и добро ментално здравје кај децата. Ниската ЕИ оневозможува да се гледа на иднината со оптимизам и надеж, ја намалува способноста за сочувство, преговори и соработка и има негативна последици врз меѓучовечки врски и врз академски достигнувања.
Емпириски студии за односот помеѓу литературата и ЕИ потврдиле дека читањето книги и дискутирањето за илустрациите со децата може да ја зајакне нивната свесност за емоциите, препознавање и именување на емоциите кај себе и кај и другите и да поттикне емпатија преку обезбедување јазик за изразување (Gest, Freeman, Domitrovich, & Welsh, 2004). Авторите наведува дека литературата има потенцијал да поттикне емоционални вештини преку обезбедување на емоционални искуства што ги обликуваат механизмите за развој на емоционални компетнции (Gest, 2004) Други студи ги потврдија позитивните ефекти на литературата од најмала возраст, која се обезбедува со ангажман на родителите со активности читање сликовници во домашното опкружување, врз успехот во образованието на детето и емоционалната интелигенција.
Детската литература го поттикнува социјалниот развој. Социјалните вештини се наведуваат како неопходни за формирање на успешни социјални врски кај сите луѓе. Социјалните вештини вклучуваат „широк спектар на активности наменети да имаат корист на една или повеќе луѓе, освен на самите себе – однесување како помош, утешување, споделување и соработка“ (Batson, 1999). Овие социјални компоненти заедно со емоционалните се дел од она што опфаќа емоционална интелигенција. Децата се егоцентрични за време на формирањето на личноста, а литературата за деца може да им помогне да се развијат во грижливи, интелигентни и пријателски расположени луѓе. Развојниот психолог Жан Пијаже (1971) вели дека кога учениците се префрлаат од пред оперативна во оперативна фаза на когнитивниот развој, тие стануваат помалку егоцентрични (според Миочиновић, 2002). Со оглед на тоа што учениците во предучилишна и градинка можат да бидат целосно насочени кон себе, како што стареат учениците, тие почнуваат да ги земаат предвид чувствата и гледиштата на другите. Возрасните можат да ги охрабрат децата да ги развиваат своите способности за емпатија со активно читање на детето и конкретно именување, опишување и објаснување на емоциите и како чувствата се чувствуваат на детето и на другите околу нив. Според Харпер: „Сликовниците можат да обезбедат рамка за градење емпатија, толеранција и пријателства и да ги зајакнат социјално-емоционалните вештини за решавање конфликти кај малите деца“ (Harper, 2016).
Читање на литература има значајно влијае на когнитивиот развој. Помага во совладување на јазикот и збогатување на вокабуларот на ученикот и моделирање на нови јазични структури (Hil, 1986). Може да влијае врз академските достигнувања во областа на образованието, бидејќи меѓучовечките, социјалните и афективните димензии кои учествуваат во конституирањето на овој личен однос кон напишаниот текст, ги мотивираат децата да истраат во учењето и подобрувањето на читањето. Неколку истражувања дадоа насочени прегледи на одлики што го поддржуваат учењето на вокабуларот и поширокото учење, и покажуваат дека својствата на литературата можат да влијаат на учењето на децата (Hopkins, & Weisberg, 2017). Детската литература ја поттикнува креативноста и игра значајна улогата во негувањето и проширувањето на креативноста и фантазијата (Norton, 2010). Уметнички и оригинални книги промовираат развојот на внатрешната имагинација на учениците, (Desnoettes, 2006).
Детската литература може да поттикне толеранција и прифаќање на различности. Книгите и нивните хумани пораки може да ги охрабрат учениците да станат толерантни кон различностите. Одредени литературни дела имаат суптилни пораки кои ги охрабруваат учениците да ги совладуваат кризните во развојот на идентитетот и да развиваат доверба, иницијативност, самооверба, да бидат внимателни и пријателски расположени луѓе, и овие карактеристики можат да бидат во согласност со развојот во квалитетни граѓани.
Конечно, литературата за деца е од вредност бидејќи таа е безвременска традиција, во која „книгите се главните средства за пренесување на нашето литературно наследство од една генерација на друга“ (Norton, 2010).
ВАЖНОСТА НА КВАЛИТОТ НА ДЕТСКАТА ЛИТЕРАТУРА ЗА РАЗВОЈОТ НА ЛИЧНОСТА
Развојот на круцијалната врска помеѓу читањето и личниот живот започнува од домот и расте во односот помеѓу различните социјални простори што се училиштето, семејството, вон наставните активности, групата пријатели. Квалитетната литература за деца има голема моќ да ги плени читателите низ многу генерации. Детската литература е исклучително вредна и во училишниот амбиент и дома. Наставниците и родителите треба да можат да прават разлика помеѓу квалитетна и просечна литература, со цел да им овозможат на децата пристап до најдобрите книги за да ги охрабрат овие важни вредности на литературата и разгледувајќи ги развојните области.
Жанрот литература за деца опфаќа широк спектар на пишани дела со цел да ги забавуваат и упатуваат младите, а вклучува илустрирани сликовници, приказни напишани исклучиво за деца, бајки, басни и други примарно усно пренесени материјали и признати класици на светската литература. Детската литература треба внимателно да се одбере и да се класифицира според жанрот и според предвидената возраст на читателот. Жанровите може да се одредат според техниката, тонот, содржината или должината. Според Андерсон, [89] постојат шест категории литература за деца: книги со слики, традиционална литература (басни, легенди и бајки), фантастика, нефантастични романи, биографија и поезија.
Во однос на возраста на читателот, потребно е да се знае за која возраст е предвидена литературата. Книгите за помали деца се оние кои се напишани на едноставен јазик со големи букви и многу илустрации, а книгите за постари деца користат покомплексен јазик и помалку илустрации. Постојат повеќе обиди за категоризација според возраста на читателот, најчеста е: книги за пред-читатели (0–5 години), за рано читање ( 5-7 години) дизајнирани да им помогнат на децата да градат вештини за читање и станување независни читатели, книги со кратки поглавја ( 7–9 години), книги со подолги поглавја, ( 9-12) години, фантастика за млади возрасни, ( 12–18 години).
На секоја возраст читањето има свои позитивни ефекти. Кај најмалите деца 0-1 година читањето е една од активностите кои нудат големи можности за истражување од најраните денови, но пред се можност за развој на топла и безбедна врска помеѓу мајката и детето. Искуството за безбедност и релаксација што се развива додека чита е основа за подоцнежни блиски односи и можноста да истражува и да учи во контакт со воспитувачите и наставници. Кај пред-читателите најголем ефект имаат сликовниците и книгите со приказни. Од децата на оваа возраст се очекува да научат факти, концепти или вредности и да ги применат во реалниот живот. Сликовниците помагаат во учење зборови и букви, научни концепти, решенија за проблеми и морал. Една цел на едукативните интеракции во читање книги е децата да создадат генерализирано знаење што можат да го научат и да го пренесат надвор од книгите со приказни во секојдневни ситуации. Тековните докази за тоа дали децата можат да учат и да пренесат нова содржина од сликовници сугерира дека е важно да се земат предвид и димензиите на кои се разликуваат книгите и способностите за развој на децата. Постојат докази за влијанието на одликите на сликовниците со одредени карактеристики врз учењето на малите деца за развојни способности симболичен развој, аналогно расудување и расудување за фантазијата.
Помладите училишни деца ги интересираат бајки, басни, чудесни настани, необични пресврти на заплетот, како и митолошки суштества што се појавуваат во бајките, како што се самовили, волшебници, сирени, вештерки, змејови итн. Поврзувањето на литературата со реалниот живот има едукативно значење, особено бајките кои изразуваат морални и етички пораки на многу јасен начин, особено во разликувањето помеѓу доброто и злото. Со читање и анализа на бајките, децата учат за многу одлики и процедури, наидуваат на бројни проблеми и нивни решенија. Со помош на бајките, децата од раното детство го откриваат светот околу нив, нивната личност и животот воопшто. Тие развиваат навики за читање, љубов кон книгите и литературен вкус. Тие не само што стекнуваат одредено знаење од литературата, туку и почнуваат да размислуваат за намерите и постапките на хероите, добиваат различни емоции, како што се сочувство со хероите, идентификација со нив и поврзување на настаните од бајките со нивното искуство.
Младите адолесценти мора да им се даде пристап до основното книжевно наследство на безвременски книги. Тие можат да научат да ги ценат класичните претстави и пораки на кои имаат за цел да ги направат претставите подостапни.
ЗАКЛУЧОК
Да се чита не значи само да се најде значењето на напишаното, туку и да се разбере причината и природата на овој начин на изразување. Младиот читател мора да го сфати прочитаното за да го интегрира во неговите лични искуства така што читањето станува интегрален дел од неговиот живот. Jан-Мари Бесе изјави дека потеклото на отпорот кон читањето што ги имаат толку многу возрасни лица се наоѓа незнаење на значењето и корисноста на пишаните текстови во врска со нашите сопствен живот (Besse, 2005).
Психологијата укажува дека користењето на квалитетна литература има позитивно влијание врз целокупниот развој и формирање на идентитетот и може да помогне во надминувањето на емоционалните предизвици кај децата и младите. Во трудот се прикажува позитивното влијание на литературата врз развојот на идентитетот на децата и младите и се нудат одговори на фундаменталните прашања и дилеми за влијанието кое литературата може да го има врз развојот на личноста кај децата и кај младите, поткрепено со емпириски докази. Според нив литературата може да има значаен позитивен ефект врз развојот на емоционалната интелигенција, врз подобрување на социјалните релации, подобрување на академскиот успех, учење на јазици и врз креативноста. Детската литература е вредна во обезбедувањето можност за одговор на литературата, како и културното знаење, емоционалната интелигенција и креативноста, развојот на социјалата и личноста и историјата на литературата на студентите низ генерациите.
За постигнување на наведените ефекти од литературата од исклучителна важност е способноста за дискриминирање на квалитетна од просечна литература, со разгледување на развојните области. Родителите и наставниците треба да обезбедат квалитетна литература, со цел да им овозможат на децата и младите пристап до најдобрите книги за да ги охрабрат овие важни вредности.
Изложувањето на децата на квалитетна литература може да придонесе за создавање на одговорни, успешни и грижливи индивидуи, зрели и автентични личности.
РЕФЕРЕНЦИ
Batson, C. D. (1999) Empathy‐induced altruism in a prisoner’s dilemma, European Journal of Social PsychologyVolume 29, Issue 7 First published: 29 September 1999
Besse, J. M. (2005) e l’entrée dans l’écrit à un apprentissage durable de la commnucation ècrite. Bulletin du Forum suisse sur la lecture, no. 14/2005, p.63
Gest, S. D., Freeman, N. R., Domitrovich, C. E., & Welsh, J. A. (2004). Shared book reading and children’s language comprehension skills: the moderating role of parental discipline practices. Early Childhood Research Quarterly, 19(2), 319–336. https://doi.org/10.1016/j.ecresq.2004.04.007
Goleman, D. (1995). Emotional intelligence. Bantam Books, Inc.
Harper, L.J.. (2016). Using picture books to promote social-emotional literacy. YC Young Children. 71. 80-86.
Hopkins, Emily & Weisberg, Deena. (2016). The youngest readers’ dilemma: A review of children’s learning from fictional sources. Developmental Review. 43. 10.1016/j.dr.2016.11.001.
Erikson, Erik H.; Erikson, Joan M. (1997). The Life Cycle Completed (extended изд.). New York: W. W. Norton & Company (објављено 1998). ISBN 978-0-393-34743-2.
Миочиновић, Љ. (2002). Пијажеова теорија интелектуалног развоја. Институт за педагошка истраживања.
Norton, D., & Norton, S. (2010). Through the eyes of a child: An introduction to children’s literature (8th ed.). Boston, MA: Prentice-Hall.
Вонр. проф. д-р. Марија Котевска Димовска
marijadimovski@yahoo.com
М-р Валентина Димовска
valentina_arsovska@yahoo.com