Skip to main content

 

Улогата и значењето на списанијата, прирачниците и другите визуелни, аудио и видео изданија и материјали во воспитно образовниот процес

 

 

Резиме: Улогата и значењето на списанијата, прирачниците и другите визуелни, аудио и видео изданија и материјали во воспитно образовниот процес е многу голема затоа што го развива когнитивниот развој кај децата, говорот го издига на повисоко ниво, интелектуалните способности, помага во емоционална и социјална развиеност на еден забавен и не наметлив начин, воедно ја развива и креативноста на учениците.

 

Клучни зборови: списанија, прирачници, визуелни, аудио, видео изданија, ученици, воспитание, образование.

 

Улогата и значењето  на списанијата

 

Како одделенски наставник би сакала да го споделам своето искуство за улогата и значењето на детските списанија. Детските списанија  секојдневно  се достапни на полиците на многу книжарници, киосци или маркети. Тие со своите шарени страници се предизвик за љубопитното детско око. Кај нас најчесто се користат следните детски списанија: „Смешко“, „Месечко“, „Росица“, „ Другарче“, „Развигор“,„Мини ЛИБИ“ , „Либи“  „Наш свет“…

Како наставник  имам цел да  образувам ученици со развиено критичко размислување и практична примена на стекнатите знаења, а тука ни помагаат и детските списанија. Децата уште од најмала возраст другаруваат со некое од детските списанија, а потоа продолжуваме и ние со учениците на возраст од 6 до 11 години.

Детските списанија  имаат значајно место и улога во процес на воспитание и образование (детски градинки, училишта) и семејството.

 

Детските списанија се богати со страници за:

  • едукација (текстови, песни, научни текстови, драмски текстови, изразување и творење, јазично катче)
  • содржини со странски јазик
  • математички страници
  • забавен дел ( боење, поврзување на поими или предмети, лавиринти,          крстозбори)
  • креативен дел (објавување на ликовни и литературни дела од ученици).

Детските списанија се дел од подрачјето Медиумска култура по македонски јазик и учениците од одделенска настава се обврзани да се запознаат со нив. Затоа наша цел е учениците да ги запознаеме со детските списанија, да ги мотивираме да ги читаат.

Јас како наставник редовно го користам списанието во наставата бидејќи преку нив учениците го богатат речникот, многу често им задавам задача од списанието (да прераскажат текст, да научат песна наизуст) ги драматизираме  драмските текстови  и тие ни се веќе подготвени точки за училишните приредби или пак гостување на тв – емисии.  Детските списанија имаат многу важна улога во образувањето на децата, во утврдувањето на стекнатото знаење на училиште, но и негово проширување на позабавен начин. Меѓудругото, списанијата постојат и за да ја задоволат желбата за љубопитство на децата, што е море без дно, а ја поттикнуваат и љубовта кон читањето книги.

Списанијата за деца со својата содржина, преку текстовите и илустрациите се значаен медиум во воспитно – образовниот процес затоа што децата:

  • стекнуваат нови сознанија
  • го развиваат критичкото мислење
  • ги будат естетските чувства и доживувања
  • создаваат, креираат и творат
  • комуницираат
  • го богатат речникот, го развиваат говорот и културата на изразување
  • ја развиваат емоционалната интелигенција
  • ја поттикнуваат својата интерактивност.

 

И за крај да не заборавиме ,,Децата се цвеќето, а ние…ние сме градинари кои го негуваат тоа цвеќе!“.

Прирачници

 

За успешна реализација на целите и задачите во наставата во училиштата, неопходен и важен  фактор се прирачниците за наставници и дополнителната литература. Прирачниците претставуваат дидактичко методички  обликувана  содржина, која му помага на наставникот за правилна реализација на образовно-наставната работа. Во истите се земени во предвид најзначајните педагошко, психолошки и методички принципи. Тие претставуваат „дидактички инструменти“ на наставникот  за неговата работа: анализа на некои непознати, значајни, ретки и специфични податоци, информации и факти во наставниот процес, го збогатуваат сознајниот  процес, знаењата ги прават побогати, појасни, поконкретни, поцелосни. Тие се употребуваат во сите нивоа на образованието и воспитанието како извор и помош во процесот на сознавање на сите наставни предмети.

Прирачниците за ученици се од друг вид, тие им помагаат на учениците полесно да ги совладаат целите или да ги прошират знаењата. Постојат повеќе прирачници (дополнителна литература) за ученици: „Боенки“, „Збирки задачи“, „Работни тетратки за лектира“, „Тетратката со елементи за пишување“, „Тетратката за убаво пишување КРАСНОПИС“ и многу други. Сите заедно имаат за цел да ги подобрат графо-моторните способности, негување на  вештината за убаво пишување и развивање на емоционалната интелигенција.

 

Со користење на прирачници за ученици, се постигнуваат повеќе образовни цели. Со нивната употреба се остварува принципот на очигледност и се постигнува поголем интерес кај учениците. Се остварува поголемо внимание и мисловни активности кај учениците, се врши побрзо и полесно пренесување на информациите, што придонесува за постигнување на подобар успех. Основните функции на прирачниците се: постигнување на очигледност, поттикнување на интензивирање на учењето и развојот на мисловните способности.

 

Визуелни средства

 

Од најмала возраст децата учат преку визуелни средства. Тие имаат потреба да видат и да допрат определен предмет, за подобро да го осознаат или е потребна соодветна слика или видео материјал. Истиот процес на учење и осознавање на нови работи кај училишните деца не може да се замисли без визуелни средства. Ако на учениците на часовите им се објаснува преку нагледни – визуелни средства, тогаш им е многу поинтересно и позабавно на час и на тој начин полесно ја совладуваат материјата. Децата се љубопитни и сакаат сѐ да допрат, да измерат, да проценат и да споредат. Новиот начин на едукација бара многу повеќе практична работа или истражување. Така произлегуваа и поголема потреба од примена на многу визуелни средства.

Под визуелни средства, спаѓа сето она што може да се види, да се допре, да се измери или спореди, или да се истражува. Во визуелни средства спаѓаат: плакати, сликовници, слики, модели, апликации, разни дијаграми, слајдови, предмети кои имаат определена намена.

Со примена на визуелни средства во образованието придонесуваме да се појави поголем интерес и интеракција кај учениците и постигнување на целите на часот. Визуелните средства се  посредници меѓу ученикот и надворешниот свет. Тие ја олеснуваат работата на наставникот и учениците, воедно претставуваат посредник меѓу наставните содржини, ученикот и наставникот. Преку интеракција меѓу наставникот како организатор на наставниот процес и ученикот како субјект во наставата, може да се постигнат резултати кои не се однесуваат само на знаења и вештини, туку и способност за формирање на ставови кај учениците.

 

                                                          Аудио и видео изданија

 

Во наставниот процес не е доволно само визуелни средства, се појавува потреба за аудио и видео изданија. Со развојот на технологијата се појавуваа потребата од примена на аудио и видео материјали. Со постојаниот развој на технологијата се појавија и многу аудио и видео изданија, кои се користат како наставни средства во наставата. Секое  училиште поседува аудио и видео уреди (музички систем, телевизор, компјутер, проектор, паметна табла). Аудио наставни средства се применуваат за слушање музика, радио емисии.

За да наставата биде поефикасна се применуваат нови мултимедијални наставни материјали, кои ги задоволуваат современите дидактички и методолошки принципи за реализација на наставата. Преку примена на нови мултимедијални наставни материјали учениците стекнуваат поголеми вештини и знаења. Но, сепак сета примена на нови аудио и видео наставни материјали зависи од  самиот наставник. На часовите по музичко образование или друг наставен предмет, не може да се замисли без користење на аудио записи, а многу често и на видео изданија. Наставниците многу често за реализација на наставната програма користат самостојно изработени презентации или  готови  аудио – видео наставни единици од образовен портал-ЕДУИНО.

Аудио визуелни изданија, претставуваат нагледни средства со кои се постигнуваат повеќе образовни цели. Со нивната употреба се остварува принципот на очигледност и се постигнува поголем интерес кај учениците. Се остварува поголемо внимание и мисловни активности кај учениците, се врши побрзо и полесно пренесување на информациите, што придонесува за постигнување на подобар успех. Основните функции на аудио визуелните изданија е да  се постигне очигледност, поттикнување на интензивирање на учењето и развојот на мисловните способности.

 

Заклучок: Со примена на списанија, прирачници и други визуелни, аудио и видео изданија и материјали во воспитно образовниот процес се допринесува за: полесно совладување на некои поими (прилагодени на возраста и интересите на учениците), модернизација на формите и методите во наставата, развивање на истражувачки способности, решавање на проблеми, развивање на креативноста, поттикнување на самостојноста и практична примена на стекнатите знаења. Затоа слободно можеме да кажеме дека голема е улогата и значењето на списанијата, прирачниците и другите визуелни, аудио и видео изданија и материјали во воспитно образовниот процес

 

 

Учесник: Јадранка Клисарова – ООУ „Блаже Конески“ – Скопје, Република Северна Македонија     маил: jadrankaklisarova@gmail.com