ОНЛАЈН КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА АУТИЗМОТ
Здружението „Интеракција плус“ – Скопје во соработка со Институтот за наука, алтернатива, култура и уметност – Скопје, организираат онлајн конференција на тема „Аутизмот кај децата – искуства и препораки“.
Во текот на конференцијата ќе стане збор за најчестите проблеми и потешкотии со кои се соочуваат децата и учениците, а последиците од тоа ги чувствуваат родителите и членовите на нивните семејства, но и пошироката општествена заедница.
Конференцијата ќе стави акцент врз искуствата и препораките како да се ублажи, подобри и надмине оваа тешка и се помасовна состојба.
За аутизмот во градинките и училиштата и воопшто, во секојдневниот живот, ќе говорат стручњаците (дефектолози и логопеди), но и воспитувачите, наставниците и родителите кои постојано се среќаваат и се соочуваат со аутизмот кај децата и учениците и перманентно работат со најмладите нудејќи им и пружајќи им сесрдна поддршка и неопходна помош.
На конференцијата ќе бидат споделувани искуства од практичната работа со децата и учениците, како и избор на методи кои се користат во логопедската и дефектолошката пракса со децата, како и совети и препораки за родителите, како можат да им помогнат на своите деца и на учениците во поттикнувањето на говорно – јазичниот и севкупниот воспитен и образовен развој.
На конференцијата може да земат учество родители на деца, воспитувачи, наставници, педагози, логопеди, дефектолози и сите заинтересирани лица.
Конференцијата ќе се одржи на 11 февруари 2020 година (четврток), со почеток во 12 часот.
Сите учесници на Логопедската онлајн конференција, по нејзиното завршување, ќе добијат сертификати од страна на Институтот за наука, алтернатива, култура и уметност – Скопје.