- ноември 14, 2024
„Интеркултурна комуникација на танцови идентитети“ е оригинален научен труд на Јоана Шишкова – Медаровска кој ги вреднува современите тенденции за повторно и нагласено фокусирање на интересот на општествените науки и хуманистиката кон проблематиката на невербалните, симболички и стилизирани форми на комуникација, особено на оние генерирани во рамките на уметничката пракса. Во таа насока, тука му е посветено внимание на танцот и на неговите атрибути како, покрај останатото, средство за интеркултурен дијалог, можност на човекот да се изрази и да комуницира со сопственото тело како во простор така и во време кое го надминува притисокот на егзистенцијалниот или сурвивалистички, практичен чин и дејствување. Книгата e иновативен, исклучителен и оригинален ракопис кој претставува многу значаен и конкретен придонес за градењето и развојот на корпусот на сознанијата од областа на социологијата на културата, социологијата на уметноста, медиумските истражувања, комуникологијата, интеркултурната комуникација, естетиката и антропологијата на уметноста. Тука е демонстрирана несекојдневната способноста на авторката за интелектуално длабока, елегантна и рафинирана елаборација, епистемолошки креативна и иновативна практика и темелно истражување на повеќе аспекти на танцовата уметност, особено во доменот и контекстот на деликатните проседеа за нејзиниот интеркултурен карактер, односно медиум за интеркултурна комуникација. Проф. д-р. Антоанела Петковска