- јануари 15, 2021
СВЕТЛАНА ИВАНОВСКА
Светлана Ивановска е родена на 2.9.1962 година во Пробиштип. Вработена е во Издавачката куќа Феникс – Скопје. Таа е дипломиран новинар и долгогодишен уредник. Посебно е активна и неверојатно е значаен, драгоцен, специфичен и би рекле дури немерлив нејзиниот придонес на планот на издавањето книги, списанија и други публикации за децата, лицата со посебни потреби и граѓаните со хендикеп. Така, на пример, Светлана Ивановска како уредник, но и активен автор и креатор-соработник ги подготви изданијата: Аутизам, Рехабилитација, Учење низ игра, Знам зошто – знам како, Илустрирани енциклопедии, Македонски народни приказни, Интеракција плус и слично.
Светлана Ивановска е и активен преведувач на голем број странски изданија, а меѓу другите има преведено дела од: Хорхе Луис Борхес, Данил Хармс, Франц Кафка, Иво Андриќ, Николај Хајтов, Достоевски, Виктор Иго и многу други.
Посебно е значајна нејзината заинтересираност, посветеност и ангажираност на планот на издаваштвото и изданијата за деца и млади. На тој план, таа е автор и уредник на изданијата: Англиски за најмладите, Гатанки и загатки, За сите умни деца, Мојот прв компјутер, Флора и фауна, Најубави бајки и други.
Светлана Ивановска работи и на подготовката и реализацијата на Меѓународното списание за книжевност за деца и млади Нов круг, кое е прво и единствено од овој вид кај нас.
Носител е на бројни издавачки и културни проекти на Издавачката куќа Феникс и Фондацијата за научна и културна афирмација и презентација „Македонија презент“.