- јануари 21, 2021
Ѕунка Дончева
М-р Ѕунка Дончева е родена на 23.03.1977 година во Струмица. По завршувањето на општа гимназија во родниот град се запишува на додипломски студии по Македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески”- Скопје.
Во 2004 година, дипломира и се стекнува со титулата Професор по македонска книжевност и jужнословенски книжевности со македонски јазик.
Во учебната 2005-2006 година заминува за Америка, во Кембриџ, на Универзитетот Харвард, каде што со статус на слушател има можност да следи изборни предмети од областите: образование и психологија.
Од 2008 -2010 година, Дончева се запишува на втор циклус студии од научната област Македонска книжевност на Филолошкиот Факултет „Блаже Конески”- Скопје на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”.
Поради преселување во Австралија, ги прекинува студиите, иако веќе е пред завршување на истите.
Во Мелбурн (Австралија), каде што живее во наредниот период, се стекнува со дополнителни доквалификации во областа на едукација на деца со посебни потреби.
Од 2012 година па се до денес Дончева работи како стручњак од практика – бихејвиорален терапевт, при што ги користи авторитетните методи: АБА терапија и Ран почеток на Денвер Модел.
Веќе седум години Дончева неуморно работи и помага за подобрување на општото здравје на децата и нивната способност поефикасно и поуспешно да се едуцираат, преку индивидуална работа со деца и ученици со посебни потреби.
Во 2017 година комплетира диплома од Health Science, (Naturopathy) на Универзитетот Southern School for Natural Therapies во Мелбурн, Австралија. Главниот фокус на ова едукација е како со алтернативен медицински пристап со исхрана, билки и хомеопатија да се одржува оптимално здравје.
Во 2018 година од Лондон, се стекнува со сертификат за Специјализиран ГАПС Практичар. ГАПС е специјализиран начин на исхрана кој ја следи филозофијата дека ‘исхраната директно влијае на психата’. Од овде и кратенката GAPS (Gut and Psychology Syndrome или Синдром на поврзаност на дигестивниот систем и психологија).
Во учебната 2018-2019 година повторно го активира уписот на втор циклус студии од научната област Македонска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески”- Скопје, каде што ги комплетира и завршува обврските од тој степен, се до денот на одбраната на магистерскиот труд.
Во периодот од 2006 до 2011 се занимава со издаваштво преку издавачката куќа „Кокиче Прес” и развива специјализирана издавачка дејност од областа книжевност за деца.
Во учебната 2018-2019 година во периодот од февруари до мај, била ангажирана како стручњак од практика по предметот Теорија на книжевност (теорија на проза и поезија) на Филолошкиот факултет „Блаже Конески”- Скопје, каде што одржувала вежби по тој предмет.
Дончева е автор на пет сликовници за деца: Авиончето Мате, Бројки и овошје, Бројки и зеленчук, Бројки и линии, Бројки и форми.
Со реферати учествувала на меѓународни конференции во земјава и странство.
Редовно објавува текстови од повеќе научни области, меѓу кои и науката за литература.
Дончева, одлично ги владее англискиот јазик, групата на јужнословенски јазици со исклучок на словенечкиот и има значително познавање на рускиот јазик.