- јануари 19, 2021
Ели Маказлиева
м-р Ели Маказлиева е родена во Битола, каде завршува основно и средно (гимназиско) образование. Високо образование завршува во Скопје, на УКИМ, Филозофски факултет на Институтот за педагогија и постдипломски студии со што се стекнува со звањето Магистер по педагошки науки.
По дипломирањето работи како воспитувач, училишен педагог, за поголемиот дел од работниот век да го помине како уредник и главен и одговорен уредник во издавачката куќа ПРОСВЕТНО ДЕЛО, Скопје (1987 – 2013).
Последните години беше и вонреден професор, предавач на Универзитетот Американ колеџ во Скопје (УАКС) како професор по педагогија на студентите со наставна насока – англиски јазик.
По долгогодишното искуство во пишувачката и издавачката работа, во 2013 година ја основа издавачката куќа ЕДУКА МАК и е Претседател на уредувачкиот и редакциски одбор во истата до денес.
Била Претседател на ЗДРУЖЕНИЕТО на ИЗДАВАЧИТЕ и КНИЖАРИТЕ на Република Македонија, од 2007-2012 година.
Член е на ДРУШТВОТО НА ПИСАТЕЛИ НА МАКЕДОНИЈА.
Во текот на своето работење, учествувала во реализацијата на многу работилници и проекти како координатор, тим лидер на меѓународни проекти и раководител.
Учествува на многу меѓународни конференции и конгреси во земјата и странство а нејзините трудови се објавени во преку 40 зборници и меѓународни списанија.
Добитник е на многу сертификати, признанија, благодарници, дипломи.
Добитник е на повеќе награди на национално ниво: Награда „СТРУШКО ИЗГРЕЈСОНЦЕ“ за најдобра поетска книга за деца „ВЕСЕЛИ ПЕСНИ СО БУКВИТЕ ЛЕСНИ“ (2016); Награда за најдобра поетска творба за возрасни „ЕЗЕРОТО“ на ОХРИДСКИ ПОЕТСКИ БИСЕР (2018); Прва награда за најдобар краток расказ со наслов „Планина од полски цвеќиња“ од ОЖ на Општина Битола (2019); ТРИ НАГРАДИ за најдобри книги за деца во 2018 година, на ОХРИДИЈАДА 2019; Награда за печатење на поетската книга за возрасни „ ЗДИВОТ НА СТРАСТА“ на Дата песнопој (2020) и други.
Дел од нејзините книги се преведени на англиски, српски, албански и турски јазик, а книгата за деца „ЕКОДЕТЕ ПРИКАЗНА ПЛЕТЕ“ е преведена на бугарски јазик (2020)
Автор е на повеќе литературни проекти и тоа:
АВТОР е на идејата и реализацијата на проектот – литературната манифестација – ФЕСТИВАЛ НА ПОЕЗИЈА ЗА ДЕЦА „СТИХУВАЛКИ 2018“, „СТИХУВАЛКИ 2019“ и „СТИХУВАЛКИ 2020“ поддржан од Министерството за култура на РСМ. Истовремено е координатор, програмски уредник и организатор на истиот проект.
АВТОР е на проектот „ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКАТА ЛИТЕРАТУРА ЗА ДЕЦА – КИЦ на РСМ во Софија 2019 и 2020“ поддржан од Министерство за култура ма РСМ (Област-меѓународна соработка).
АВТОР е на проектот „КНИГА ЗА СЕКОЕ ДЕТЕ“ во рамки на проектните активности од областа на културата во интерес на Градот Скопје „Од центарот кон периферијата:Културата како алатка за социјален развој“, поддржан од град Скопје, за чија цел напиша публикација за воспитувачи и родители „Влијанието на литературата за деца во нивниот развој“.
Со пишување се занимава целиот свој живот, па освен што пишува поезија за деца и возрасни и проза за деца, пишува и учебници, прирачници за деца и ученици.
Со свои поетски творби настапува на бројни поетски и литературни манифестации во земјата и надвор. Дел од нејзини песни се објавени во 30 антологии и книги како и во 90 списанија за деца, учебници и зборници. Има објавено над 40 стручни трудови во различни зборници, преку учество на бројни конференции, конгреси, симпозиуми, стручни собири.
Идеен творец е на списанијата за деца „СМЕШКО“ (2913-2016) и „СУПЕР СМЕШКА“ (2016 –до денес), каде редовно пишува текстови и стихови за деца.
АВТОР И КОАВТОР е на над 60 објавени наслови –книги со различна содржина од кои:
25 книги (поезија и проза за деца и возрасни), 18 прирачници-едукативни книги за деца од предучилишна возраст (објавени од 1992 -2019), како и на првата Македонска илустрирана енциклопедија за деца (2017), 16 учебници и прирачници за ученици од основно и средно образование објавени во периодот од 1990 до 2009 година и 3 други книги за возрасни. Магистерскиот труд со наслов „Дидактички компоненти на учебникот“е објавен во 1995 година како книга-учебничка литература за студентите на Институтот за педагогија.
БИБЛИОГРАФИЈА
ПОЕЗИЈА ЗА ВОЗРАСНИ:
- „Интерни стихувања“ (1992);
- „Големото чекање“ (1993), НИО Студентски збор;
- „Сон недосонуван“ (1999), Матица Македонска;
- „Замисленото море“ (2002) Македонска книга;
- „Непознавање на познатото“ (2007), Дирекција за култура и уметност;
- „Мирисот на добрината“ (2019), ФЕНИКС;
- „Здивот на страста“ (2020) ДАТА ПЕСНОПОЈ, Битола.
ПОЕЗИЈА ЗА ДЕЦА:
- „Распеана броенка“ (1998)- сликовница во стихови, Просветно дело;
- „РАДОСНИЦА“ (2010) во првата година… My Baby Record Book. Римувани стихови, Просветно дело & Hinkler Books Pty LTD;
- „Новогодишна шумска прослава“ (2013)- сликовница во стихови;
- „Шумска олимпијада“ (2014), сликовница во стихови;
- „Песни и сказни за овошја и зеленчуци разни“ (2014) – сликовница во стихови;
- „Новогодишни детски желби“ (2014)- сликовница во стихови;
- „Новогодишна елка“ (2015) – сликовница во стихови;
- „Весели песни со букви лесни“ (2016) – сликовница во стихови;
- „РАЗИГРАНИ ЧАДОРЧИЊА“ (2016) – збирка поезија за деца;
- „Новогодишен подарок за Перко“ (2016) -сликовница во стихови;
- „ПЧЕЛКИ НА РОЛЕРКИ“ (2017) – збирка поезија за деца;
- „ГАТАНКИ погодувалки-пишувалки“ (2018), книга за деца;
- „ВЕСЕЛИ ВАГОНИ НИЗ ЧЕТИРИ СЕЗОНИ“ (2020) – поезија за деца;
ПРОЗА ЗА ДЕЦА:
- „4 ГОДИШНИ ВРЕМИЊА“ (2015) – книга со раскази и стихови за деца;
- „Авантурите на мачорот Перко“(2017) – раскази за деца;
- „Македонска илустрирана енциклопедија за деца“ (2017);
- „Среќен роденден“ (2019) – книга со раскази за деца;
- „ВОЛШЕБНАТА САНКА“(2019) – сликовница за деца;
Автор е и на 10 едукативни боенки и сликовници за деца од предучилишна возраст.