Славица Урумова-Марковска: Книжевното творештво за деца и млади

КНИЖЕВНОТО ТВОРЕШТВО ЗА ДЕЦА И МЛАДИ

(Излагање по повод онлајн конференцијата)

 

Факт е дека литературата за деца сѐ повеќе напредува и се надградува. Во секој возрасен живее едно дете, и во секое дете живее еден возрасен.  Затоа јас би сакала да зборувам за тоа како повторно го разбудив детето во мене.

Кога пред шест години се остварив како мајка, почнав да го набљудувам растењето на моите деца. Тие сега се првачиња и сѐ уште ме мотивираат, можеби уште повеќе од претходно. Бидејќи ги следам нивните згоди и незгоди во училиште, игри, како учат правилно да зборуваат, спонтано тргнав како родител во потрага по одговори за прашањата кои ми ги поставуваат, нивните размислувања (како на возрасни!) што ги добивав. Со брзината со која што растат они (а растат бргу!), растам и јас, па така се родија песните и резултатот беше создавањето на мојата книга Планета со две сонца која во 2021 год. беше поддржана од Министерството за култура. Оваа прва збирка која е напишана во моите веќе зрели години (не сметајќи ги збирките кои ги напишав во детските и младешките години!) наменета за децата, го разбуди повторно детето во мене. Внатрешното дете кое е збир од сето она што во детството оставило силен печат врз мене, преку моите родители и другите луѓе во мојот живот. Па оттаму во збирката се опфатени песни кои ним им се посветени, покрај оние песни што се мотивирани од сегашноста- моето родителство.

За секој писател детската литература е предизвик. Децата не знаат да лажат, тие се искрени и чисти и отворено ќе кажат – ми се допаѓа или не. Писателот не треба да ги освои најмладите само како читатели, туку и како слушатели, бидејќи малите деца не умеат да читаат. Впрочем моите Илина и Константин, се мои први и верни слушатели.

Со песната Папагалот Аго ќе се обидам да го разбудам детето во секој од вас!

 

 

Папагалот Аго

 

Се слуша гласина во шумата

велат Мецана му е кумата,

уметник дојде со пролетни бои,

вистина е дечиња мои.

 

Верувајте не ми беше драго

кога полета папагалот Аго,

влажен, мокар, полеан со бокал вода,

бели пердуви вели: Не се во мода!

 

Уметникот ги стисна очите

Им рече на сите: -Молчите!

Почна да избира боја

на четката од палетата своја.

 

Стави малку златно

да не е само сино и матно.

Не, не, подобро е и со црвено,

пилето не смее да изгледа дрвено.

 

А потоа додаде малку зелено

и бели светки како брашно сеено.

Мрмори уметникот без да земе здив.

Се слуша од сивото клунче: -Цив! Цив!

 

Аго ја погледна својата уметничка слика

И и се восхити на својата лика:

-Ах, колку сум убав сега!

Како виножито и морам да бегам.

 

Рашири шарени крилја,

за миг помина една милја.

Од радост се вртеше во круг,

-Доста е уметинку!-вели, бои некој друг.

 

Се разлета над морето,

па како далга се вивна низ полето.

Ех, овој сличен на ѕуница папагал…

направи шумски карневал!

 

 

 

 

13.12.2022 год.                                                                   Славица Урумова-Марковска