Skip to main content

 

РАЗВИВАЊЕ НА КРЕАТИВНОСТА ПРЕКУ ЈАЗИКОТ ВО ЛИТЕРАТУРНОТО ТВОРЕШТВО ЗА ДЕЦА И МЛАДИ

 

Една од потребите на човекот и детето како млад човек е да биде креативен. Тоа е една и од неговите суштински карактеристики. Тоа е егзистенцијална потреба на духовен и на душевен план, затоа што човекот не е само тело. Во духовните потреби спаѓа естетиката, уметноста во живеењето, а таа потреба ја задоволуваме, ја исполнуваме и преку уметноста на зборот.

Литературата за деца и млади е книжевна уметност прилагодена за возраста на децата и младите. Таа е потешка за создавање, според мое лично мислење, бидејќи децата и младите се освојуваат со искреност, едноставност и чистота. Тешко е да се создава за деца и млади затоа што треба да се открива и негува детето / младиот во себе.

Јас би сакала да се задржам на еден аспект од литературата за деца (особено на пониска возраст), а тоа е јазикот. Каков треба да биде јазикот во книгите со уметничка вредност за деца? Ќе проговорам од лично искуство и како тетка на внука и како педагог – учесник во образовен процес. Јазикот, особено јазикот во литературата за деца треба да биде едноставен. Но едноставен не значи упростен. Соодветно за возраста, во него треба да влегува она што е поетски (книжевно-уметнички) стил на јазикот, поетска лексика од типот: полет, блесок, вие, пој, цути… Така, децата ќе се искачуваат една скала погоре од нивниот вообичаен лексички фонд и во пракса ќе ја усвојуваат креативноста како неодвоив аспект од животот. Јазикот е креативен, располага со многубројни, необични средства (тука спаѓаат и метафорите и други стилски фигури) и човекот е креативен. Креативноста, значи, може да се усвојува и преку јазикот. Секако, при тоа децата во наставниот процес треба да се охрабруваат да прашуваат. Тие можеби нема да ја разберат поетската форма на зборот, или зборот што не им е секојдневен, но треба да научат да прашуваат. Како ќе го постигнеме тоа? Ме научи внуката. Читаше басни од Езоп на глас и ги дискутиравме (учевме заедно). Имаше во една басна еден архаичен збор и не праша што значи. Ја прашав јас, не знаеше. Е тогаш и реков: Зошто не праша? Децата треба да научат да прашуваат. И соодветно на нивно ниво, да си го збогатуваат јазикот со поетска лексика и изразни средства.

 

проф.д-р Виолета Николовска