Skip to main content

Ирена Павлова Де Одорико

 

ЗА ЕМИГРАЦИИТЕ НА ДВОДОМНИТЕ ПИСАТЕЛИ

 

Емигрирањето не е ексклузивитет.

Емигрираме на многу начини, во различни контексти и од различни мотиви.

Излегувањето од матката е најмистериозната емиграција.Малото суштество се катапултира од една спокојна и знаена средина, во светот што е  една огромна непознаница. Додека сите му се радуваат на новиот дојденец, тој своето светско деби, го придружува со вресок.

Можеме да повлелеме паралела помеѓу споменатиот чин, излегувањето од матката на новиот гостин на векот со излегувањето од Мајчицата, Земјата, на творецот кој најубаво глаголи на сопствениот јазик.

Травматично е тоа искуство како што е и претходното.Со таа разлика, што дојденецот во една друга земја,  јазик и култура, во себе го носи и својот дом, своето огниште. Куферите му се полни со изобилство од спомени на еден минат труд, кој има материјална тежина и духовна згуснатост.Но, тој минат труд, во сите фази на престојот во чуждина, одново и одново се актуелизира во неговиот ментал, во неговата амигдала и во галеријата од емотивни и духовни состојби во миговите кога упорно, одново и одново, се сместува во својот јазик кој е всушност, негова татковина.

Во таа смисла, тој како никогаш да не заминал од својата земја, освен што можеби им се предал на катадневните навики на колективниот живот онаму каде што се засидрил, откако се откорнал.

Така, писателот, книжевно и духовно не ги менува простор, времето, геостратегијата на сензибилитетот.

Тој се разликува од другите емигранти според тоа што тие се принудени да се амалгамираат во новата земја и поинаквата култура на живеење, затоа што  лебот е императив Материјалната егзистенцијата е приоритет на современиот печалбар, како што била во друга форма но со ист мотив и на печалбарите што емигрирале во древни времиња.

Кај писателот, ситуацијата се одликува со вкрстени мотиви.

Може да се емигрира од сијасет професионални или приватни причини.

Но, истовремено, мора да се одржи и материјалната егзистенција и есенцијата на духот, што болно се откорнал од друга почва. Оттаму, дводомниот писател, никогаш доволно не може или нешто во него не сака да се адаптира во целост при живеењето во туѓина. Кога би и’ го предал своето бивство на друга култура, би се почувствувал како да ги изневерува коренот, генот, родот. Може да се минимизира, но срцевината ќе ја задржи морфологијата на колективниот национален, културен идентитет.Нешта, на кои им припаѓа од самото раѓање.

Секако, дводомноста може да значи привилегија, микс од две култури, една вродена, другата стекната. Експонент и промотор на разгранувањето на меѓите, проширувањето на границите на размислувањето и на бивствувањето.

Писателот всушност, мора да впива различија, за да го потврди сопственото уникатно огниште и воедно, зада го освести. Седелците поставуваат правила за емигрантите, но писателот што емигрира не е класичен преживувач на животот.Го бара својот леб во тивката писателско- емигрантска анархија на животот во далечина. Се држи до својата азбука, караден одново ги пребројува буквите, го глснцс јазикот, се преслупува во ноќта да не изумил некој значаен збор. Така, никогаш не може комплетно да се оствари среде ,,другоста”.  Не зашто ја дискриминира, туку затоа што доколку престане да постои во Матката ( сопствениот јазик), уште повеќе ќе бледнее и во привремената нова куќа во која живее заради сплетот на околностите

Писателот треба да им говори за и на својот јазик и на седелците на земјата во која дошол, промовирајќи ја културната грамадна заиставнина на предците.Како што, од друга страна, не треба да се чувствува грешно да се нурне во океанот од културолошки различија во земјата во која битисува, што може да го надградат.

Интимно, дводомниот писател, располага со неброени нијанси на носталгијата, кои понекогаш бесетно влегуваат во порите на неговиот верс, на неговото раскажување

Можеби во иднина би можел да се воведе некаков субжанр под наслов: ,,Носталгична книжевност од емигрантска провениенција”.

Најнакрај, во писателот, со текот на неговото живеење е вткаен еден круцијален страв: стравот од Големото заборавање Дека може да го заборави земјата, колегите, пријателите, блиските …

Затоа, треба често да се мисли на оние што се нашето духовно семејство, зашто колку писателот да гради мостови меѓу нациите, најголемата радост му е да биде дел од историската крв.

Не го заборавајте оној што заминал, а што глаголи како Вас, во ноќта, моќно, страстно, возвишено Оној што гради кули и споменици на својот род од етер,кои ќе бидат некаде запишани

И, дијаспората, личи на срцевата дијастола

Затоа,секој дводомник, има под креветот лакримариј, за да ги измие со своите солзи далечините

Сево ова што го напишав, интензивно го живеам.

 

М-р Ирена Павлова Де Одорико