Васил Тоциновски: Во потрага по убавата песна

Васил Тоциновски

ВО ПОТРАГА ПО УБАВАТА ПЕСНА

На македонските поети кои живеат и создаваат во странство

Во потрага по убавата песна на македонските поети кои живеат и создаваат во странство се отвори приказната за прекрасната убавина на патувањето. Новата номадска авантура како форма и содржина што постои исто толку  колку што се долговечни светот и векот ја наметна Христо Петрески, кој едноставно речено е непресушен извор на недоброј најнеобични и најчудни идеи. Во патувањето човек се препознава и пресоздава себеси. Ги доосмислува и обединува традицијата и континуитетот, самобитноста и непокорот, идентитетот и коренот, родот и породот. Со нив единствено и може да го пронајде сопственото место, со него и значењето во постојаноста на цивилизацијата. Да се вдоми во мозаикот на егзистенцијата. Да се најде и да го исполни еднаш и кратко дадениот човечки живот. Само што се појавил на светлината од денот човекот ја прифатил номадската судбина.  Затоа е запишано или кон нив е допишана вистината за вечноста. Во тоа патување човек по многу години се сретнува со стари пријатели и уште побитно е што запознава многу нов свет. Тие пак од своја страна умеат да ве расположат и охрабрат, да ве поддржат и да дадат некоја нова идеја или пак да соопштат непочувствуван идеал. Пишувајќи ми за својата согласност на соработка белградскиот пријател Ранко Бебекоски меѓу другото забележува: Искрено ти благодарам за наумот да ме претставиш во идната антологија на песни од поети Македонци кои живеат и создаваат по целиот свет. Сјајна идеја и, колку што ми е познато, досега не сум сретнал антологиско издание на песни од македонски автори од расејувањето. Последниот збор вистински ме развесели, ме направи големо среќно дете, а зборот расејување прерасна во симбол за мојата голема научноистражувачка љубов и немерлива приврзаност кон дводомните автори.

Во животот нема случајности. Тоа не може да биде ни последна премисла на вечното патување во кое точно се одредени/дефинирани целите и задачите на авантурата. Како логичка загриженост може да  се појави премисла во првиот чекор што ги отвора новите времиња и простори кои ќе ги испишат приказните на срцето и разумот, на чувствата и мислата кои чекорат заедно, но никако притоа не одат рака под рака. За колективното поетско меморирање имаме два извонредно вредни примера. Научната вистина ги признава само аргументите. Македонското литературно друштво Григор Прличев во Сиднеј, Австралија, формирано е на 31 март 1978 година. Пишаниот збор како трајна трага го посведочуваат педесет и четирите броеви на списанието Повод издадени до 1990 година, а од неговите членови биле објавени седумдесет и осум наслови на македонски и англиски јазик. Во Библиотеката која е единствена од ваков вид во дијаспората, има повеќе од шест илјади наслови и богата архива со материјали и изданија од македонската заедница во Австралија. Друштвото и Библиотеката имаат триста и дваесет редовни членови.1) Од другата страна на светот во Торонто, Канада,  на 6 март 1987 година било формирано Македонското литературно друштво Браќа Миладиновци. Две години потоа, во 1989 година излегол и првиот број на списанието Литературна мисла.2)  Во потрага по убавата песна стигнавме во петнаесет земји ширум светот. И до седумдесет и два поети кои ги исполнуваат страниците на овој тематски избор. Да се стигне до нив не беше ниту лесно, ниту едноставно. Оттука книгата ширум ги отвора вратите за нови контакти, соработка, изданија. Едноставно од причина зашто длабоко и искрено сме убедени оти изборот не е целосен зашто до одреден број творци не стигнаа или не се одгласија на нашите замолби за разбирање и соработка.

Делбите и преселбите постојат откако стварност се човекот и животот. Меѓу нив се големи води, недогледни пространства, други и различни културни и јазични традиции. Народната мудрост непогрешливо препорачува оти пофалбата треба да се каже јасно и гласно, неа треба да ја слушнат сите, а покудата да биде изречена тивко и во четири очи. Наши сме си, свои, најблиски и најмили, та затоа македонските поети кои живеат и создаваат во странство/тугина не ги именуваме со дијаспора, откорнатици, преселници, мигранти и многу други формули, зашто древноста на дводомните автори како мера со појавата на писмото и книжевноста повикува/предупредува на внимателно или поточно прецизно и логичко дефинирање. Голем дел од нив се редовни членови во еснафското Друштво на писателите на Македонија. Учесници се во сите манифестации на македонското литературно и пошироко културно постоење и дејствување. Голем дел од книжевните дела се во издание на издавачи и институции во татковината. Носители се на најзначајните општествени и книжевни награди и признанија. Со еден збор нема заборавени, отфрлени, потценети. Поетското срце како што пееше Рацин може цел свет да го собере во себе. Тоа најдобро го потврдува податокот оти како по некое непишано правило нејчесто имаме двојазични изданија; со мајчиниот македонски и со јазикот на новата/другата татковина. Човекот/субјектот и луѓето/колективот го одразуваат стремежот оти да се пишува не е задача на денот, туку тоа е цивилизациско право и обврска да се сакаш и почитуваш себеси и само така да се сака светот во кој сме рамноправен партнер за дијалог и соработка. Во правилото оти во животот не постојат случајности е вградена и логиката оти ништо и никој не суштествува сам за себе.

Балканската парадигма како почетна точка во која што се поставува прашањето како Балканот го посмарта светот и како светот го посматра Балканот, може ли да се зборува за регионален/ареален балкански идентитет, како опстануваат одделните балкански етнокултурни идентитети, кои се споделените места на балканскита меморија, прашува Катица Ќулавкова.3) Од вистината нема бегање. Историските законитости строго одредуваат оти надвор од нив не можат да се сфатат ниту пак да се разрешат балканските парадокси. Оттука со право авторката заклучува оти опстанокот на Балканот како географска реалност не е доведен во прашање, но опстанокот на Балканот како особена зона на културниот идентитет би можел да биде, особено ако се продолжи со девастацијата на неговото наследно материјално и духовно културно богатство, како и на неговите човечки и природни ресурси. Истото, по аналогија, би можело да се проектира и врз одделните балкански државни и национални ентитети. Во таа смисла, интеркултурниот дијалог за Балканот е повеќе од неопходен. Проектот е всушност нова можност за воспоставување на дијалог. Тоа ќе рече оти е стремеж да се отворат нови порти за рамноправен и достоинствен просперитет вон од политика и политиканство, дипломатија и интриганство. Творештвото не ги поднесува дневните манипулации зашто е творечки миг со сопствена долгорочна и обмислена стратегија. Слободниот човек и уште повеќе творецот да може гласно да го каже тоа што го мисли и чувствува, да слуша и да биде сослушан/разбран со подеднаква волја за другиот и другото како единка и како колектив.

Го извлекуваме заклучокот од Балкански наративи на Катица Ќулавкова не само како ука и поука, туку и како можен аргумент за целите на потрагата по убавата песна на македонските поети кои живеат и создаваат во странство. Неоспорно е дека живееме во време во кое што се актуелизира архетипот циркулус витиосис со дезинтеграцијата на постојните државни целини и идентитети и повторните интеграции, но на едно друго, хиерархиски помоќно регионално, европско, па и глобално ниво. Југословенскиот дел од Балканот има свое трагично искуство со овој архетип на демонскиот или ѓаволски круг, така што би било логично да се верува дека од тоа искуство ќе бидат извлечени некои важни поуки и дека нема да се повторат фаталните грешки кои биле направени. Човечки е да се греши, како што простувањето е човекољубие. Правото подразбира уште поголеми одговорности. Злото не се повторува/обновува зашто е деградација на светот. Токму и затоа можеби поетите и никогаш нема да го сменат светот, но повеќе од сигурно можат да го разубават и да му вградат многу нови хуманистички димензии и вредности. Уште неколку напомени околу потрагата по убавата песна. Авторите се подредени според азбучниот ред на презимето. Одбраните песни не подлежат на лектура и било какви поправки, зашто јазичниот исказ сам по себе е тема за тоа како и колку воопшто се негува/чува мајчиниот македонски јазик. Јазикот на кој најдобро размислуваме и говориме. Поетскиот одбир според нашите знаења и умеења не беше во потрага по одредени теми и мотиви, туку по естетските вредности кои најмногу/најповеќе ја одразуваат автохтоноста на поетиката или со други зборови тајната на творечката лабораторија. Пријателите се големо богатство. Во оваа пригода сакаме да им заблагодариме на Искра Пенева, Душан Ристевски и Славе Николовски-Катин за соработката, корисните укажувања и забелешки.

Крвта вода не бива. Македонскиот идентитет едноставно и прекрасно го воспеал Зафир Хаџиманов во песната Брат. Драматичноста или поточно трагедијата на националната судбина во балканските граници луцидно е изречена во дијалошка форма. Поетовиот брат се разболел и прашајќи го како да може да му помогне, го добил одговорот или поточно обврската и тој да боледува со него. И така боледувал, боледувал… Потоа кога братот се расплакал, па се уморил бил повикан заедно да плачат и да умре со него. Се пробудил братот и среќен посакал да го прегрне. Прегрни ме, рекол тој, така лошо те сонував. Стихови кои автентично ни ја напомнуваат народната мудрост оти брат брата не рани, но тешко на оној што го нема. Каменот си тежи на своето место. Минале времињата и останале да болат спомените за луѓето и настаните кои некогаш биле живот. Во тие некои златни времиња се одгласува шепотот Ме болат авлиите на Душица Илин. Во мигови од тишина се наслушуваат отчукувањата на срцето. Срцето престорено во фреска. Срмените бовчи / Во затегнатите јазли / Ја чуваат / Тишината / На стариот ковчег / Мемлата / Мирисот на босилокот  / Од авлиите / Во кои боледувам. Секој стих е слика/приказна на првиот надворешен контакт со минатото со свои бои, мириси и вкусови. Ништо повеќе не е како некогаш. Во бовчите вткаени во моминските немири и копнежи скриени се темниот вез и нежниот допир во оној единствен, неповторлив миг од свечениот прелет на бавчите со мирисни леи. Било и поминало, ништо не останало, сега е некоја нова географија. Мислата и чувството се сокриле во душата и се таат во страв да не бидат откриени. Се идентификуваат во мигот возвишен во вечност. Пожарот / Од убавата опсесија / На ситниот вез / Со црн конец / Вплеткан во платното / Одново го враќа Времето / На Преселбите / Во авлиите / Во кои го боледувам / Непреболот. Од надворешната убавина на предметите во првата, во завршната строфа мислата ги открива најдлабоките и скриени чувства како отворени рани за кои нема мелем. Краткиот стих почнува со голема буква која што децидно ја означува приказната/приказните за Преселбите и за Непреболот во кои за душата исто така нема лек.

Градовите како луѓето имаат душа. Тоа се оние градови кои имаат сопствена историја. Душата на Ерол Туфан и душата на неговиот град Скопје се соочуваат меѓусебно во Багдад – кафе. Во воздухот се натрупале многу невремиња и поразии. Здробени од вистината за поделениот град. Дојден од другата страна на градот во уличките од калдрма простум самува. Чаша чај во оазата за дружба. / Багдад – кафе… и се редат сликите: кадар од филм, лик од романите на Достоевски, ориентален вкус на градбата и запис за минливоста на ненамерниот патник. Сам со себе и со болката поетот спознава Парцијаизирани сликички од животот / без ликот на русокосата. / Болката надоаѓа тивко и ме облева . / Копнееме по лагата наречена среќа. Состојбата на духот во освојување на просторот е тема во песната Соба од Звонко Танески. Неспокојството е поголемо зашто познат е поразот откако не му дозволиле да ја замени својата соба за да се  чувствува поудобно, и зошто тоа се случило кога и критичарите го менувале личниот метод за да бидат поактуелни/интересни во периодиката. Исправен пред реалноста му се натрупуваат минливоста и бесмислата, апсурдот и парадоксот на егзистенцијата. Додека сите се определиле за светли и пространи соби со проверен квалитетен мебел, тој ја премолчал новата и тврда фотелја, онаа другата што ја немало иако требале да бидат целина така како што литературата е неделива од науката за неа. Се редат многу дилеми: нестандардниот избор на интимна постела, желбата за експирементирање, иако литературата како одраз на животот барала свежи маски за моделирање, воден кревет, егзотичен партнер, непредвидлива авантура… Има ли одговори или поточно постојат ли вистини за вжештените состојби на духот, и неговото судрување со грубата реалност. Зошто тогаш главата ми личи на синтагматска оска / кога ми е спружена лесно на перницата, /  а станува хипертекст кога насоне пропаѓа длабоко во неа? Модерниот поетски сензибилитет на Танески прави обид/експеримент за обединување на поезијата со науката. Човекот како субјект има апсолутно право на сопствен поетски слободен испис јасно изразен како револт против бирократијата: Требаше ли, всушност, да ми ја земат слободата?! Интерпукциските знакови не бараат коментар, зашто конкретно ги жигосуваат моќта на диктатот и одзмениот/заробен простор на слободата и творештвото.

Во балканските идентитети рамноправно се вклучува и традицијата на словенството. Сесловенските просветители Свети Кирил и Свети Методиј со глаголицата словенските народи ги вклучуваат како рамноправни партнери во големото семејство на европските културни народи. Разбивајќи ја јазичната хереза со јазикот и писмото покажаа/докажаа дека словените го имаат природното право на сопствен говор зашто со сите други народи користат исти сонце, воздух, ветер, вода, земја. Соња Цекова Стојаноска во песната Идентитет откривајќи го просторот во говор на второ лице што молчејќи седи на каменот и чиј поглед едноставно се закачил на перката од малата плажица што со себе ја носи големата дебела книга на Светите браќа. Втората строфа од контекстот на словенството ги извлекува мислата и смислата на македонствувањето. Таа на памет / ја знае / содржината / на моќниот текст, / но сепак / секогаш повторно / со радост ги чита / големите умови / забележани / со златните букви / на домашен јазик. Тоа не е клуч од злато и сребро кој се свива, туку е клуч од челик кој не се крши и ги отвора сите врати порачуваше Теодосија Синаитски откривајќи ја големината и трајноста на народниот мајчин јазик. Поетесата мудро во завршната строфа предупредува дека и денес, сега Тој ја чита книгата од завчера со единствена цел и премисла за да се препознае себе си и задутре. Далеку од домашното огниште и од семејните гробови, од просторите и границите на татковината поетите сосема нормално нештата ги чувствуваат и доживуваат на друг/поинаков начин и го бранат идентитетот како возвишено човечко право и обврска.

Душан Ристевски во песната Под конаците на Св. Наум од словенските традиции ја извлекува како посебна македонската приказна. А таа има свој збор, простор и време. Во портата од ореово дрво биле забиени клинци за секоја приказна што се ткаела, зборот точно избран за националната  македонска припадност, покрај огнот на Охридското Езеро. Туѓите интереси и пропаганди недоброј пати ја отвориле и ја треснале татковината меѓу ѕидиштата од камен со единствена цел да ја присвојат. Науме / сокри ја тишината / во бунарот со желби / и испрати го аманетот / на Кирил и Методиј / по изворите несушни. И така се редат камен на камен приказни за Самоил, Климент, Миладиновци, Прличев. Бескраен е патот од недоумици и длабоки сенки (Мерење и премерување). Заминувањето не ретко го запечатува враќањето во својот роден сон. Се престорил тој во далечен горски ѕвон и билка што цвета во туѓи карпи. Враќање нема и тоа е проклетство запишано од Бошко Рајчовски-Пелистерски во песната Тој не се врати. Да се вслушаме во завршните две строфи. Во духот ги понесе огромните сенки / на студени води што во него бијат, / а в негови коски, ко тишина тенки, / родните птици сѐ уште спијат. // Тој не се врати назад и својата крв, / ни меѓу птици сал  за него што пејат тука, / опстана само болка в гради ко црв, / да ја грее на надежта топлата грутка. Крвта вика, татковината моли, судбината проколнува. Човекот растргнат на големиот крстопат едноставно не знае кој пат да го одбере ако тој воопшто и постои.

Во песната за момето Каранфила безимениот македонски гениј едноставно и величествено пее оти таа не носела каранфил но мирисала на каранфил. Во таа и таква посебност се откриваат поетот и песната. Тие постојано се напојуваат со мајчино млеко од едната и единствена мајка што прераснала и во симбол на татковината. Суштина на животот и на потомството. Постојано преобликувајќи се протекува низ неа – поетесата Ана Илјоска Богиќ (Љубов) со посвета на мајка ми, и тие се поврзани души како две тела од клепсидра низ кои кружи материјата. Не умеам да протолкувам / Твоја последица сум или причина: / колку што Ти ме создаде / толку јас Те обликував / она што Ти го зауми / несвесно в сон го изговарам / Твоите прсти невидливи / в коса ми се заплеткани. Така е тоа од памтивек и Таа има свое место во широк и светол простор во рожбата станувајќи музика што постојано одекнува низ бескрајот. Вера Благоевиќ во Осамена мајка ја открива сликата во која една постара жена замислена и со празен поглед ги бара своите чеда кои заминале некаде далеку. Среќата и топлината на домот и семејството заменети се со болка и самотија. Мислите потекуваат како река со копнежите што ги нема да ја посетат и видат, да ги помилува внучињата, заедно да се на трпеза и во вечерната молитва. Деновите се протегнале во години, а соништата ги исполнил чемер. Димензиите на општочовечкото/универзалното во песната Една старица на Соња Таировска Ѓурчак ја идентификуваат жената – мајка што минува по лицето на земјата, во очите буди сеќавања, дарува надеж, тагува и умее да го сокрие сонот кој уште спие. Одеднаш по улиците потекуваат солзи, празни се прегратките, а една старица ја минала земјата и оставила љубов во шамијата.

Срцето на мајката е широко како небо и длабоко како море. Во него се огледува радоста и тоа ги крие тајните на младоста на чедото, запишува Виолета Марковска-Јуван (Срцето на мајка ми) и додава оти во него има место за сите сакани и мили, во него исто закопани се нејзината/мајчината и мојата, маката на поетесата. Таму биле запишани трагите на среќните денови и непреболно во него крварат нивните рани. Сеќавањата за мајката го исполнуваат жедувањето за Враќање на Лилјана Димова Петернел кои го исполнуваат просторот со детски џагор од земјата до небото. На одење посакала да ја прегрне улицата зашто Таа чудно се однесувала. Дома за мојата игра како дете / зборуваа само нејзините очи / и куќниот праг истрошен од чекорот на / човечкиот бој не повисок од две педи од земјата. И така младоста како купче прашина останала заметена зад врата. Времето немилосрдно одминува, крикот о, мајко е глас на немоќ во кој сега ниту на еден кантар не може да биде измерен или поточно премерен пустиот живот пуст да би останал закопан во еден темел на потпорниот ѕид од векот. Не е возможно бегството од мајчината прегратка зашто таа е вечен извор на љубовта. Љубовта што ниту се продава ниту се купува.

Општествената функција на поетот, одговорноста пред пишаниот збор и возвишениот миг на пресоздавање се мигови на творечко самопреслушување. Или молитва оти се постигнало не колку што се посакувало, туку колку тоа било можно. Дали се тоа свои/сопствени стихови или пак пораки од желби и чувства на некој друг случајно или намерно преселен којзнае од каде и заскитан во творечкото сопство. Лилјана Илијоска Богиќ во песната Дилема ги открива вкрстените патишта во различни временски зони, на спротивни/спротивставени страни и во играта на огледалата кои предупредуваат на лицето и наличјето на нештата во човекот, животот и светот. Таму е некаде, позади / меѓу илјадиниците лица што се укажуваат / или тоа сум јас / а Тој е човекот напред / задлабочен во својот одраз / мечтае кога јас пеам / шепоти додека сонувам / и сѐ што создавам низ неговата рецензија минува / во сѐ има увид, дава конечен суд. И неминовно се наметнува дилемата за тоа чии стхови всушнсот Таа говори?! Дали се тоа можеби нејзини кули од зборови изградени или пак тоа е неговиот диктат што само несвесно го повторува! По образите потекуваат солзи. И пак ново прашање; дали таа е трогната или пак станарот се притаил и низ неа ја прелева својата тага. Треба ли воопшто песната да се толкува/објаснува? Таа едноставно  е Облечена во насмевка што ја стокмила Снежана Алексиќ Станојловиќ. Ние – / две мисли кои се допираат / и денес се допираме… / Со Песна / Наместо со врвотите од нашите прсти… Убавината својата суштина меѓу другото, ја има во недореченоста како магија постојано да се сонува/копнее. Да сакале боговите со бакнеж би ја будел и секое утро би започнувало со цвеќе и кафе во постела. Со Песна ме облекуваш во Насмевка… / Го растеруваш сивилото на моето небо… / Ми ја полниш палетата со бои… / Мечот ми го остриш со стихот… Сликите како заокружени целости брзо се менуваат. Така спакувана и подготвена песната ја испраќа во новиот ден за војување. И признанието оти облечена во насмевка таа/поетесата и не може мегданот да го заврши со победа. Едноставно песната извира од животот, но таа отсекогаш била и останува нешто повеќе од самиот живот. Вистината не е на одмет и да се повторува, не само за да се научи, туку и никогаш да не биде заборавена или отфрлена.

Гласот на поетот надоаѓа од сите страни и допира до најдалечните и скриени предели на мислата и душата. Ги совладува сите препреки, ги пресоздава семожните недоразбирања и интриги, го победува лажните и искривоколчени реалности. Разбери ја смртта,  забранета жено! / Тагувам по тебе и звукот што мине. / Од голема чаша ќе го пијам Денот, / дното да го најдам во твоето име. Жената и љубовта спротивставени една на друга и жестоко распнати меѓу дното и највисокиот врв. Тие се живот и смрт, вознес и проклетство, миг и вечност, слатка измама и грев. Затоа порачува: Не бегај со зракот на југ што се раѓа, / тврдината древна лажен мост ти нуди; / во нашите очи иста ѕвезда паѓа, / зборот што го мислиш од сонот ме буди. Не е можно бегство од блескотот на југот што може да биде географија на татковината, затоа ниту тврдината не е скривалиште од ѕвездата што паѓа во нивните очи. Зборот што таа го мисли, е таен и како премолчување поетот го буди од сон. Целиот живот е еден миг и мислата одненадеж занемела за било каков говор или дијалог. Црвена химеро, те имам во часот, / На скината жила од смртното чело / една сина нота го римува спасот / на твојата душа во моето тело, заклучува Алдо Климан во песната Глас. Таа и тој  кај Искра Пенева исто така се директно обраќање до Момче и сонце како единство на објектот до кого авторката ги упатува своите размислувања за жавотот и смртта, љубовта исполнета со средби и разделби, за извор кој нема да нуди само наслади туку и лек за раните зашто момчето со изгореници на грбот решително е заитан да го победи сонцето. Можно ли е такво досега невидено чудо! Неговата изгорена кожа / Огрубена од страдања / Се претвори во железен оклоп / Украсен од шарен пустински прав / Што залутал во порите. На себе носел тежок товар та неговите стапала оставале црвени траги во зрното што го донел ветрот. Магичната моќ на момчето за миг како да ја враќа надежта оти се можни чуда. Но во животот случајности не постојат. Окото ја сфаќа измамата и се идентификува кругот кој Земјата ја обвиткал двапати. Негов е оној пат што ќе го избере. Решението не е пронајдено, но затоа тука е конкретната состојба која што точно одредува оти во обидот да и се закани на својата сенка, што друго и било можно, туку момчето ги затворило очите и започнало нов круг. Нема крај животот, како што немаат крај болката и самоизмамата. Чуму сето тоа и што потаму!

Посветената песна на Душица насловена Завештание на Виктор Б. Шеќеровски длаби во дамна минатите времиња со катанец сочувани во древното дрвено ковџеже донесено од некои белосветски пазари како оази од долги патувања и возбудливи авантури. Барајќи го совршенството на духот поетот се определил на неговото вдомување во три катрени. Бројките три (вера, надеж и љубов) и четири (пролет, лето, есен и зима) како простор и време за совршеноста на зборот. Во украсеното јадро на каменот / Со твои букви пишувам завештание заедно / Од дрвото за мојата хартија која гори во пламенот / Со сонот и јавето заедно. Невидлив свилен конец е распнат меѓу сонот и стварноста. Во каменот исклесана е пораката како можен последен аманет. Молк натежнал и страв ја дебне душата. Дали само премолчаниот, неизговорен збор што се закопал во земјата ја изрекол/одредил судбината! Тишината трепери од неутешната болка на зборот. Горат и зборовите во свото молчење / Разболени во играта од твојата ладнотија / Како прав истурена по патот за клечење / На немиот страв во отмената самотија. Што е последниот круг како можен крај на долгите патувања низ пеколот, рајот и чистилиштето. Секако ни Данте го нема одговорот што затаил некаде во студенилото, празнотијата и грозомората на затворениот простор. Далечен глас што дошол само до него како шепотење го поучува: А кога со усна раката ти ја допирам со внимание / Зборот што ќе го речеш знам кој е / Ако го избришам запишаното завештание / Сѐ што ќе наследиш  е во бесмртноста мое. Со зборовите подредени/стокмени во песна поетите ја добиваат сопствената бесмртност во која се закатанчила пораката за постојано ослушување на тајните гласови во кои има многу неизлечиви/неодболувани вистини.

Песната со самото раѓање ја одредила сопствената вечност. Затоа и крај немал патот на кој Орфеј ја следел својата љубена Евридика без можност да се видат очи в очи за да ја изговорат тајната што ги измачувала. Или да ја искажат љубовта како олеснување на душата што потоа и можела да го напушти животот. Така и нашата потрага по убавите песни на македонските поети кои живеат и создаваат во странство за миг застана. Да здивне, да се опушти. Што потоа никој не знае. Што било пишано ќе биде и нема притоа ни што да се додаде ниту пак да се одземе нешто од пишаното на третата вечер. Излегувањето на книгата на светлината од денот единствено ги имаше добрите намери да се остави трајна, неизбришлива трага за она што сме биле, што денеска сме и што ќе сме во иднината. Да повториме дека се работи за избор кој потоа може да биде надограден со антологија. Значи, ниту во еден миг немавме такви претензии. На едно место се собраа македонските поети расеани по сите страни на светот. Како што веќе запишавме низ нашиот авторски критериум, вкус и разбирања се впуштивме со основното/елементарно правило на естетските стојности да одбереме што повеќе видови поетики, разновидни инспиративни кругови кои поседуваат универазлни, општочовечки димензии и релации. Добар дел од застапените поети имаат пообемен творечки опус изразен и од повеќе десетици наслови, податок што најуверливо потврдува дека за нив книжвноста не е задача на денот, туку е долгорочна и системна творечка стратегија. Песните се преземени, поинаку и не може да биде, од изданијата кои ги минале критериумите на издавачот за создавање вредна и убава книга. Тоа е реалноста што само се потврудва Во потрага по убавата песна. Во тој комплекс од прашања е и автохтоноста, оригиналноста на исписот. Нашата авторска тенденција и на Институтот Инаку во Скопје, нема уметничко дело без неа, беше да се освојат нови творечки простори и идеи за темата што ги исполнува страниците на книгата и можности на идно вклучување со нови поетски имиња, творби и резултати. Да нѐ води и натаму помислата оти еднаш посеаното семе постојано ќе дава  нови плодови за човекување и возвишување.

1.Тоциновски, Васил. Донски, Александар. Трпоски, Иван. Ристевски, Душан. 2018. Ѕуница. Сиднеј: Македонско литературно друштво Григор Прличев.

2.Тоциновски, Васил. 1991. Траги во времето. Скопје: Мисла.

3.Ќулавкова, Катица. 2018. Балкански наративи. Скопје: Три.