Виолета Николовска
ИНСПИРАЦИЈАТА / МОТИВИТЕ ВО ТВОРЕШТВОТО ЗА ДЕЦА И МЛАДИ
Креативнсота можеме да ја разбереме на два начина: од една страна, тоа е вдахновение, дар / дах Божји кај човекот; а од друга страна тоа е и занает што се учи.
Мотивите во традиционалната литература за деца, особено бајките на Шарл Перо, браќата Грим, Ханс Кристијан Андерсен, литературата за деца од 17 и 18 век, во основа го имаат народното творештво. Тоа биле приказни, чија намена била за заплашување на децата за да бидат мирни, како кај нас мотивот на баба Рога. Мотивите се пагански: магиски стапчиња, вештерки, ковчежиња, клучиња, но и принцови и принцези. Бајките изобилуваат со симболизам. Сепак, сметам дека оваа педагогија е застарена и дури штетна во извесна мера.
За мотивите во современата литература за деца ќе цитираме две авторки: Зорана Опачиќ и Ана Петреска. Авторската (книжевна, уметничка) бајка, според проф. Зорана Опачиќ од Учителскиот факултет во Белград е стилизирана чудесна приказна произлезена од фолклорната бајка, која со текот на времето се осамостојува и развива првенствено по принципите на авторскиот текст. Нејзиното преминување во пишуван облик (од усно творештво) не бил можен без видни трансформации и подредување кон други жанрови. Го подвлекувам она – трансформации и подредување кон други жанрови, значи тематското и жанровско ослободување на современата авторска бајка од магичното, но не и фантастичното, од иреалното и нејзиното доближување кон реалното. Според Ана Петреска („Детето во македонскиот современ расказ – најнова литературна продукција, ИНАКУ, Зборник 1) тоа е и карактеристика на македонските раскази за деца од крајот на 20 и почетокот на 21 век: „… третираат современи мотиви и теми и се одликуваат со луцидност, духовитост, читливост и привлечност. … Раскажувачкиот концепт и дискурс главно е дескриптивен, импресионистички и реалистичен, а многу помалку и ретко футуристички, имагинарен, надреален и научно-фантастичен“.
За односот литературно дело (бајка) / педагогија, ќе го цитираме Саша Делиќ: Во написот „Дечја књижевност“, Саша Делиќ, повикувајќи се на Црнковиќ и Тежак вели: „Детската литература не е ниту слугинка ниту помошничка на педагогијата во која било нејзина насоклитератураа, иако таа (детската) токму како книжевноста и уметноста и тоа како придонесува во воспитанието на децата“ (ИНАКУ, Зборник 1).
За креативно да пишуваме, треба најпрвин да научиме креативно да читаме. Да ги забележуваме работите околу нас. Да ги „слушаме“ предметите што зборуваат. Ремек делото во литературата за деца и млади, „Малиот принц“ од Антуан Де Сент Егзипери ги содржи само следниве елемнти: фантазија + пустина + возрасен пилот со расипан авион + дете Малиот принц. Но тоа е една исклучително длабока приказна за Љубовта и поука за животот.
Ќе набројам неколку обични мотиви за приказни за деца:
- Чорапата во барабанот на машината за перење: исповед на една чорапа која ја перат во машина, на која и се лоши од центрифугата, ѝ недостига допирот на баба Цана, ѝ ја губат другарката. Всушност приказната е матафора за модерниот живот во кој сите сме опкружени со машини и сме како во центрифуга, ни недостигаат допири, топлина и ги губиме другарите.
- Исповед на една стара блуза: девојчето Мира не сакала да ја замнеи со новата. Зошто? Што се може да раскаже една стара блуза? Какви се чувства да побуди, сеќавања? Кое ќе биде Соломонското решение на мајката? (да ја подари новата блуза на некој што нема пари да си купи, а детето уште малку да ѝ се порадува на старата, а потоа да гради нови спомени со нова блуза…)
- Исповед на едно цвеќе внесено преку зима од балкон во соба: како постапуваат со него домашните? Каква е разликата од Сонцето до сијалицата, од животот надвор, на балконот и внатре? Итн.
Инспирацијата е насекаде околу нас. Да се ослободиме и да креираме приказни, поуки, досетки. Хуморот е многу битен елемент. Духовитоста е разиграност. Ја победува темнината, стравот и други негативни појави.
И на крајот, за среќниот крај. Што е бајка? Едно од значењата е приказна со среќен крај. Идилично нешто. Среќниот крај е посебна тема за дискусија. Тој е нешто што ни е потребно на сите. Остварена љубов. Победа на правдата. На доброто над злото. Зошто ни е потребен срежниот крај во приказните? Затоа што мотивира. Дава надеж. Дава потстрек. Оснажнува.
И со среќниот крај ќе го завршиме нашето излагање. Со желба за повеќе среќни краеви и во литературата за деца и млади, но и во животот.
Во прилог исповедта на чорапата во барабанот:
ЧОРАПАТА И БАРАБАНОТ
Ме ставија повторно во машина. За перење. Не разбираат дека и ние, предметите имаме душа. Перењето пак се поднесува. Барабанот те врти, но полека. Ја вади нечистотијата од тебе. Но центрифугата! Ме збудале! Ме истресе! Па на 400, 600 вртежи, многу е бе, луѓе! Ми се сврте паметот! И ако после тоа ме стават на сушење на жица, ќе одморам малку. Ќе си дојдам на себе. Сонцето ќе ме расположи и загрее. Но ако ме стават во машина за сушење алишта – водата, маста ќе ми ја исцедат! И за крај, редовно ми ја губат другарката. Останала во машината, ја заборавиле и ќе ја фрлат неа и мене на крај по неа. Цела, неискината! А колку убаво ми беше кога нè переше баба Цана. Нè допираше со рака, знаеше и да затрие кај што е валкано, но добро, мора да бидеме чисти. И никогаш не нè делеше со мојата другарка и не нè губеше. Машините ни го заматија умот во центрифугата и на крај завршуваме во ѓубре. Какво време!
ЛИТЕРАТУРА
- Петреска, Ана. Детето во македонскиот современ расказ – најнова литературна продукција. ИНАКУ, Скопје, Зборник 1. https://inaku.mk/category/zbornici/zbornik-1/ (преземено на 22.12. 2021).
- Delić, Saša. Dječja književnost. ИНАКУ, Скопје, Зборник 5. https://inaku.mk/category/zbornici/%d0%b7%d0%b1%d0%be%d1%80%d0%bd%d0%b8%d0%ba-5/ (преземено на 22. 12. 2021).
- Opacić, Zorana. Oblici autorske bajke u nastavi srpskog jezika u osnovnoj školi, Inovacije u nastavi – časopis za savremenu nastavu, 2010, vol. 23, br. 3, https://scindeks.ceon.rs/JournalDetails.aspx?issn=0352-2334(преземено на 22. 12. 2021).
проф.д-р Виолета Николовска