Никола Д. Сарајлија – Македонски: Како станав Хаиџин

КАКО СТАНАВ ХАИЏИН

 

 

Јас и Хаику. Само два збора, толку мали и толку едноставни. Реченица поминијатурна од самото хаику. Чиниш, тука е сè јасно, не може да има никаква приказна. Но во некое замислено интервју со самиот себе би имало многу што за припомнување. Многу приказни или поточно повеќе прикази на една иста приказна. Сепак, сето тоа ќе го спакувам со помалку зборови во стилот на хаику.

Мојата прва средба со Хаику нималку не беше случајна, но секако не била ни планирана. Се сретнавме минатиот милениум некаде во просторите меѓу праксата и теоријата на Зенот. Првично, повеќе љубопитен отколку посебно заинтересиран. Повеќе изненаден отколку восхитен од новооткриената поетска форма. Во неверување и предрасуди со вкоренетото поимање за поезијата.

Мојот Пат до Хаику – каде започнува и каде завршува!?! При пишување автобиографија или студија, вообичаено нештата се изнесуваат хронолошки, но во секој друг случај допуштена е творечка слобода. Впрочем, раскажувањето од почеток би траело подолго, па подобро да почнам со крајот.

Моето влегување во Светот на Хаику означено со мојата прва книжевна објава, повеќе експеримент отколку строго канонизирање. Резултат на мојата наклоност одреден период кон слободниот стих и кусите форми. Нестардизирани тристиси во духот на хаику и неколку класични четиристишија. Нешто како спој или пак судир на Западот со Истокот. Промени и спомени го здогледа светлото на денот во 1992 година во истата форма што ја имаше добиено десетина години порано, околу 1980 година. А впрочем, тие тристиси првично беа лирски моностихови и дистиси забележани некаде после 1970 година.

Хаику ме најде мене токму во времето кога размислував што со овие лирски минијатури. Така се роди идејата за нивна преобразба во нешто ново и дотогаш непознато за мене. Тогаш недоволно интересно и привлечно за идавачите, веројатно ниту за читателите. Да, навистина, јас не го барав хаику, туку тоа ме најде мене. Сосема случајно се сретнавме во книгата Зен будизам и психоанализа на Патот започнат во детските, односно младешки години. Во време кога Македонија го прифати Карате коешто тогаш беше повеќе од спорт, и не само вештина. За некои тоа беше начин на живот. Можеме ли денес истото да го кажеме за Хаику!?!

 

Никола Д. Сарајлија – Македонски