КРАТКИ КНИЖЕВНИ ФОРМИ
Кратките книжевни форми се привлечни четива, особено за современиот читател, кој е во постојана трка со времето, па тие му овозможуваат едно брзо, интензивно, возбудливо искуство. Но, ако погледнеме зад нивната форма, од аспект на писател, ако на формата и ја спротивставиме содржината/суштината, тогаш ќе воочиме дека кратките книжевни форми се предизвикувачки, промислени текстови кои наликуваат на мали „семиотички бомби“.
Историски гледано, кратките книжевни форми (во кои ги вбројуваме басната, анегдотата, вицот, бајката, сказната и др.) имаат значајна и долга традиција. Според Роберт Шепард во воведот на својата антологија Изненадна фикција (1986): „Името краток-краток расказ можеби е релативно нов, но неговите форми се стари како параболата и басната, митот и егземплумите. Оваа забелешка ја потврдува и Џејмс Кероул Оутс кога вели дека: „иако е современа, формата е и безвремена. Стара колку и човечкиот инстинкт да ја комбинира моќта и краткоста во зборовна структура.“
Токму таа можност на авторот да ја комбинира моќта на зборовите во една кратка зборовна структура е веројатно суштината на кратките книжевни форми и воодено и најголемиот предизвик при нивното пишување. За да се создаде кратка книжевна форма авторот мора да има конкретна идеја, точно да ја има дефинирано мислата и пораката којашто сака да им ја пренесе на читателите, што значи дека нема многу простор за импровизација. Истовремено, текстот мора да да ги има и сите елементи на осмислено книжевно дело и да ги задоволува теоретските, јазичните и естетски критериуми за истото. Всушност, во кратките книжевни форми замислениот текст на авторот поминува низ многу филтри, за на крајот, да се добие само суштината на мислата, на хартија да остане запишано само она што е највавжно. Во таа смисла, ако зборовниот контекст на книжевноста го споредиме со раскошно дрво, кратките книжевни форми се најблиску до она што би се нарекло самата срж’, срцевината на тоа дрво. Нема долги описи, ниту детали, па сепак кратките книжевни форми вообичаено нудат моќна порака и силна поента.
Пример за тоа се кусите раскази на Данил Хармс во кои тој гради остар контраст помеѓу сивилото на советското секојдневие и фантастичниот и апсурден свет на неговите длабоко психолошки портретирани ликови. Хармс успева своите кратки раскази да ги претвори во една комплетна приказна полна со необични настани кои индиректно го скицираат, односно го критикуваат тогашното руско општество, како и воспоставените правила и норми во руската книжевност.
Како автор на кратки книжевни форми, мојот предмет на интерес се кратките раскази, но најчесто и со особено задоволство пишувам хаику поезија којашто за мене е можеби најспецифичниот вид на кратка книжевна форма. Имено, традиционалното јапонско хаику има строго утврдена стуктура и се состои од три стиха, од кои првиот и третиот стих треба да содржат 5 слога, а вториот седум. Суштината на јапонското хаику е со само неколку зборови да долови една целосна слика од природата, да опише некој процес или дури и да ни претстави некој природен феномен. Современото хаику ја задржува оваа идеја, но отстапува од строгата 5-7-5 формација. Едно од моите понови хаикуа, кое треба да биде објавено во едно меѓународно списание, е пример за тоа:
Создадов бура.
Ги бакнав светулките
во дождливата ноќ.
Силвана Димитриевска,
дипломиран филолог на Општа и компаративна книжевност со македонски јазик