КРАТКИТЕ КНИЖЕВНИ ФОРМИ
Во современите услови на живеење кога според многумина времето злато вреди и кога се нема време за сите активности кои се сака да се постигнат, се мисли дека пишувањето на кратки дела ќе го предизвика интересот на читателот односно доколку делото е пократко побрзо ќе се прочита. Јас не би се согласил со тоа гледиште бидејќи тој што сака да чита би ја прочитал и четиритомната Војна и мир, а тој што не сака да чита не би прочитал ни басна или хаику песна, или пак афоризам. Сведоци сме на ограничувања при литературните читања и конкурси колку да бидат долки литературните творби. Некогаш и со многу малку зборови се кажува многу.
Уште од мали нозе ни читаа басни или ни поставуваа гатанки и мислам дека треба да се негува овој вид на творештво бидејќи на овој начин би ја постигнале и целта, да ги заинтересираме најмладите да ја засакаат книгата и да ги поттикниме на читање. И дури мислам дека треба да се стимулираат авторите да издаваат книги со басни, гатанки или друг вид на кратки творби и тоа претежно за најмладите читатели . Имам впечаток дека трудови за најмладите читатели има многу малку од поновите автори.
Лично јас како автор пишувам поезија, но исто така и афоризми. Се пронајдов во тој жанр и соработував и со „Остен“ весник кој сега не знам ни дали излегува. И мојата прва објавена книга беше збирка афоризми „Црно и бело“. Во продолжение би напишал само неколку од моите афоризми:
- Го овенчаа со ловоров венец, сега лисјата ги употребува како зачин.
- Кога отиде во пензија му подарија фотелја. На друго не беше учен да седи.
- Ги ловеше елените поради роговите, додека не сфати дека одамна носи рогови.
Зоран Котевски