Елеонора Николовска: Кратките книжевни форми

КРАТКИТЕ КНИЖЕВНИ ФОРМИ

 

 

Пишувањето за мене е ментална гимнастика така што едноставно мислите ги пресликувам во пишана форма без ограничување. Должината е релативна работа кога е во прашање креативноста и не треба да биде пресудна.

Креирањето кратки книжевни форми поконкретно кратките раскази кај мене е честопати спонтана творба. Морам да забележам дека кога има точно определен број на карактери или зборови делува обврзувачки, но истовремено е голем предизвик да се напише кратко писание. Во самиот зачеток се јавува потреба од економичност во збороредот односно бирање посуштински збори за да не се изгуби раскошот во изразувањето. Всушност збороредот може да биде од клучно значење како компензација на долгите и сложени реченици, а при тоа да се постигне истиот ефект. Во ваквите случаи е потешко да се напише краток расказ отколку подолг  бидејќи е потребна  вештина подолгата приказна да се срочи во краток текст.

Сакам да пишувам кратки раскази, некако ми се целисходни. Преточување на идејата во краток запис е споделување и не ретко своевидно интимизирање со читателот преку скратена порака. Читањето и создавањето на овој тип форми се вклопува во мојата временска рамка во напливот на секојдневието и потребата од книжевен жанр. Брзото консумирање на содржината, а сепак се постигнува целовитост ги прави допадливи кратките форми.

Веројатно токму поради брзото темпо на живеење, овие форми го привлекуваат вниманието на современиот читател и се наметнуваат како посебно популарни. Особено се важни за читателите во подем – децата, кои треба да се насочуваат од мали нозе да стекнат навика за читање што е многу тешко да се постигне во конкуренција на мноштвото избори кои постојат во денешно време. Изгледа дека на поголемиот дел од нив покажуваат заинтересираност токму кон кратките книжевни форми. Во овој случај пресудно е да се адаптираат книжевните форми за да ја  поттикнат љубовта кон читањето и запознавање со другите книжевни видови. Сметам дека кратките книжевни творби не ги загрозуваат ниту потиснуваат останатите форми , туку го збогатуваат творечкиот опус.

 

 

Елеонора Николовска