Skip to main content

Анкета

 

КУЛТУРНИТЕ ПОТРЕБИ И КУЛТУРНАТА ПОТРОШУВАЧКА ВО ЛОКАЛНИТЕ СРЕДИНИ

 

Во пресрет на локалните избори, а во рамките на своите редовни и тековни истражувачки активности, Институтот за наука, алтернатива, култура и уметност ИНАКУ од Скопје спроведе анонимна анкета со 1220 испитаници. Темата на анкетата беше Културните потреби и културната потрошувачка во локалните средини, а целта е да се согледаат различните димензии на културните потреби и различните нивоа на културната потрошувачка на територијата на Република Северна Македонија.

Притоа, 10% од испитаниците беа на возраст од 18-25 години, 18,7% од 26-35 години, 23,9% од 36-45 години, 17,7% од 46-55 години и 29,7% над 56 години. Од нив 58,9% беа од женски пол, а 31,1% од машки пол. 1% беа ученици, 2,4% студенти, 7,2% невработени, 61,2% вработени, 28,2% пензионери.

Во анкетата, 7,2% одговорија дека воопшто не посетиле програми во културата во текот на целата година, а 20,1% дека тоа го направиле само еднаш годишно. Додека пак, 43,5% дека тоа го прават два пати годишно, 20,6% еднаш месечно, а 8,6% неделно.

Во однос на културната понуда, 15,8% се задоволни од понудата и велат дека е таа добра, 22,4% просечна, 19,6 лоша, а дури 42,2 одговиле дека не можат да ја оценат програмата.

Од испитаниците 61,7 % оценуваат дека недостасуваат театарски претстави и тоа на отворено, 45,9% филмски проекции, 20,1% изложби, 16,3% презентација на традиционални вредности (музејски артефакти и слично), 12,4% настапи на културно-уметнички друштва, 9,1% литературни манифестации, 33,5% конвецти на забавна музика, 15,3% концерти на класична музика, 45,2% концерти на народна музика, 60,8% хумор и сатира и слично.

На прашањето како се информирате за културните настани и програми, 56,5% одговориле дека добиваат информации преку социјалните мрежи, 20,2% преку електронските медиуми, 10,2% преку печатените медиуми, 8,8% преку роднини и пријатели и 4,3 % на друг начин (пораки преку телефон, плакати, флаери, огласи и слично).

Од анкетата прозлезе заклучокот дека културата, за жал, не е секогаш во центарот на вниманието и на неопходното ниво. Културните потреби како и нивното задоволување можат да бидат подобри, а на тој начин, ќе се постигне долгорочен и одржлив културен развој, со стимулација и поддршка и на независната култура и современите нови медиуми и уметнички и културни придобивки.

Културата и уметноста се подложни на постојани искушенија и предизвици, падови и растежи, и според испитаниците – евидентен е дисконтинуитетот и  кампањското работење и однесување.

Граѓаните очекуваат по локалните избори, во сите локални средини културата и уметноста да бидат повеќе застапени и издигнати на повисоко културно и уметничко рамниште, со цел населението да консумира поквалитетни, поразновидни и посодржајни духовни, културни и уметнички вредности и содржини.