КАКО ГЛЕДААТ УЧЕНИЦИТЕ НА ИНКЛУЗИЈАТА
Институтот за наука, алтернатива, култура и уметност ИНАКУ од Скопје направи анкета со учениците од основните и средните училишта од Скопје. Едно од праѓањата во анкетата беше: што е инклузијата, односно како гледаат учениците на инклузијата?
Во продолжение на овој текст издвојуваме и донесуваме неколку од покарактеристичните одговори од учениците на оваа тема:
- Инклузијата е образование достапно на сите;
- Инклузијата е можност секое дете да се запише и да го посетува училиштето;
- Инклузијата е повеќе од образование, таа е подготовка за живот;
- Инклузијата учи дека во светот има место за сите;
- Инклузијата говори дека различноста не пречи да другаруваме, учиме, да си помагаме, да се поддржуваме;
- И училиштата треба да бидат прилагодени на учениците, а не само учениците на училиштата;
- Училиштата треба да бидат места за спојување, а не за одвојување и раздвојување на учениците;
- Едно училиште за сите;
- Училиштето како место каде ќе се развиеме и оствариме до крајните можности и граници;
- Да ги согледаме нашите разлики и способности, но тие да не бидат секогаш пресудни;
- Инклузијата е нашиот однос кон послабите;
- Инклузијата е хуманост и човечност;
- Сите имаме исти потреби;
- Сите сакаме да бидеме сакани, прифатени, да другаруваме, поддржуваме, играме, учиме…;
- Да ги најдеме начините за задоволување на потребите на сите ученици;
- Инклузијата е огледало за сите и на сите;
- Ќе се унапредиме себеси и ќе напредуваме, само доколку ги прифатиме и им помогнеме и на другите;
- Само за разбирање и поддршка на другите – така се расте и се развива;
- Првите навики и искуства се стекнуваат во семејството, од родителите – гледајќи ги и слушајќи ги;
- Битно е секој како се однесува кон послабите, поинаквите, немоќните и различните;
- Има препреки кои се поголеми и од рампите, училиштата, зградите… тие се длабоко во нас;
- Секој може онолку колку што верува дека може;
- Знајте дека никогаш не сте сами;
- Соработка, разбирање, другарство, љубов и слога;
- Тргнете кон целта и ќе стигнете до неа;
- Едно и единствено образование за СИТЕ!