Виолета Николовска: Улогата на техниката во образовниот процес на примери од високото образование

 

УЛОГАТА НА ТЕХНИКАТА ВО ОБРАЗОВНИОТ ПРОЦЕС НА ПРИМЕРИ ОД ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ

 

Во трудот си поставивме за цел да анализираме два различни пристапи во наставата во високото образование. Наставата се одвиваше он лајн, во летниот семестар 2020 година и во зимскиот семестар 2020/21 година. Анализирана е работата со две различни групи студенти: едната група броеше 5 студенти и наставата беше од менторски тип, а другата група броеше триесетина студенти и наставата се одвиваше со класични часови за предавања и вежби. Различниот пристап во наставата беше условен од бројот на студенти. Групата со помал број на студенти ни овозможи индивидуално работење со секој студент и следење на неговите резултати од учењето во текот на целиот наставен процес.

И едната и другата група на студенти располагаа со иста достапност на учебни помагала: учебник, достапен во е-библиотеката, наставни материјали достапни на платформата за е-учење и дополнителна литература од предметниот професор (научни статии објавувани во научни списанија, на научни собири и конференции) со која можеа да ги прошират и надградат своите сознанија на определени теми од научната област која ја изучуваат. Секако, им беше препорачано и самите да истражуваат и бараат автори кои пишуваат на темите кои се обработуваат.

Целта на нашето излагање е да ги споредиме различните пристапи во изведувањето на наставата и да ги истакнеме нивните предности или недостатоци.

Ќе започнеме со анализа на работата со помалата група студенти. Наставата се изведуваше на платформата за е-учење. Од студентите се бараше сами, однапред да се запознаваат со материјалот што беше предвиден за учење. Заеднички беа соопштенијата, водењето низ наставните содржини и тестовите за проверка. Останатото беше индивидуална работа. Секоја недела, во терминот за час, студентите добиваа прашања кои требаше да ги одговорат, кои се однесуваа на содржината на материјалот за учење. Прашањата не беа просто прераскажување, репродуцирање на факти, туку бараа размислување и поврзување на содржините (тоа ни го овозможи материјалот што се изучуваше – предметот беше Лингвистика). Секој одговор беше индивидуално проверуван и секој тест содржеше препораки: каде згрешил студентот, што не разбрал добро и потоа она што не беше добро разбрано беше објаснето на крајот од тестот од страна на професорот. Доколку имаше потреба, во соопштение им беше нагласувано на студентите на што најмногу грешеле и им беа понудувани објаснувања.

Во текот на наставата, студентите изработија два колоквиуми, во писмена форма, за проверка на знаењето. Ваквиот пристап во наставата се покажа многу плодотворен. Студентите кога само слушаат предавања се пасивни учесници во наставниот процес. Со менторскиот тип на настава, тие станаа активни учесници во наставниот процес. Беа раководени, сами да го подготвуваат материјалот и беа континуирано проверувани. Тој начин ни овозможи да ги следиме како учат, да ги мотивираме и да ги поправаме онаму каде што имаа погрешен или површен прситап. Имавме на пример, студнтка што учеше на памет. Во текот на наставата почна, правилно насочувана да учи со разбирање. Резултатите од колоквиумите беа подобри, пониска оценка од 8 немаше на испитот. Некои од студентите, во одговорите на континуираните проверки во текот на наставата, излегоа од задолжителната литература и се користеа со статии од е-репозиториумот, што беше пријатно изненадување. Испитот се одвиваше усно, на платформата Зум.

Втората група беше поголема и бараше друг приод во наставата. Тоа беше класична настава по Европски кредит – трансфер систем: со предавања, вежби, изработка на проектни задачи, колоквиуми. Се одвиваше, поради условите на пандемијата, исто така он лајн, на платформата Микрософт тимс. Студентите беа редовни, речиси сите изработија вежби и проектни задачи, на часовите за вежби беа активни. Проверката беше на колоквиумите и на испитот. Предметот беше малку поразличен. За разлика од предметот Лингвистика, кој е теориски предмет, како философија на јазикот, ова беше Македонски јазик со култура на изразувањето, кој опфаќа теорија, пракса но и граматички вежби кои бараат прецизни одговори како математички задачи. Првиот колоквиум се однесуваше повеќе на теориски знаења. Се покажа дека студентите полесно усвојуваат информации, отколку да поврзуваат знаења. Кога од нив се бараше да раскажуваат лекции (делови од лекции) тие беа подобри. Од можни 20, просекот на освоени поени беше 15. Во вториот колоквиум требаше да се поврзат знаењата. Прашањата беа од граматиката, личеа на математички задачи. На пр. Напишете ја личната заменка за второ лице еднина, форма за индиректне предмет; Кое граматичко време се употребува во конструкции на иреален услов?; Напиште со какво значење е употребена формата избега во реченицата Трчај, ни избега автобусот (и напишете во форма за кое време е). Овде студентите се покажаа послаби. Тие лесно учат информации, но тешко ги поврзуваат знаењата. Овој факт е во согласност и со резултатите од ПИСА истражувањата кои покажуваат ниско ниво на функционална писменост на нашите ученици. Просечните освоени поени на вториот колоквиум беа 11 (од можни 20).

На ова место би сакале да се задржиме и на примената на аудио и видео (помошни) материјали во текот на наставата. Секако дека примената на овие материјали (средства), зависат од научната област, предметот што се предава. На пример, наставата по физика, хемија, музика, ликовна уметност, без вакви материјали би била само зборување. Во нашиот случај, при класичните предавања, се користевме со видео презентации (кои со оглед на предметот, беа текстуални). Презентациите, како помошно средство во наставата ги сметаме корисни, бидејќи го одржуваат вниманието на студентите (читаат, се ангажираат).

Од спроведената анализа на двата различни пристапи на настава, можеме да заклучиме дека менторскиот тип на настава, во кој студентот / ученикот е активен учесник во наставниот процес е многу поплодотворен. На завршниот испит од класичната настава, имаше оцени од 6 до 10, имаше и студенти што не го положија испитот, иако малку. Во менторскиот тип на настава, студентот само-истражува, размислува, поврзува факти. Сепак, ваков тип на настава е можен само во помали групи (за група од 100 студенти е невозможен, доколку студентот континуирано се следи во текот на наставниот процес).

Целта на образованието, според некои истакнати учесници во овој процес и во светот, не е студентите / учениците да меморираат и да репродуцираат факти. Информации има на секој чекор. Доволно е да се отвори Гугл на дадена тема. Целта на образованието треба да биде да ги оспособи студентите / учениците да менаџираат со знаењето, да го користат, да поврзуваат факти, да бидат креативни и во крајна линија со ова знање да го направат светот подобро место за живеење за секој човек (тука ја вклучуваме воспитната компонента на образовниот процес).

На крајот, ќе се осврнеме и на техниката. Ќе го поставиме прашањето дали е таа корисна или не во образовниот процес? Одговорот е: нештата имаат употреба и злоупотреба. Секако дека и таа има употреба во образовниот процес. При тоа, ќе нагласиме дека таа не е цел во наставата (освен во часовите по информатика, на пр.), туку помошно средство. Секако дека ништо не може да го замени односот профеоср – студент, учител – ученик, кој е личносен однос, однос заснован на љубов.

 

Проф. д-р Виолета Николовска

Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип