Христо Петрески: Позитивни примери од училишната пракса

Позитивни примери од училишната пракса

 

1.

 

В.Б. имаше проблеми со читањето и пишувањето, па не можеше да ја следи наставата со исто темпо и на ист (брз и лесен) начин како другите триесет ученици. Успехот што го постигнуваше В.Б. беше лош, односно слаб и недоволен.

Затоа, по првото полугодие, наставникот подготви индивидуален образовен план за ученикот В.Б. Од тогош ученикот многу побрзо и полесно ја следи наставата и постигнува многу подобри резултати во наставните и воннаставните активности.

 

2.

 

Р.Ш. беше дете со церебрална парализа. Тој беше еден од најдобрите ученици, а посебно му беше омилен часот по ликовно воспитување. Р.Ш. имаше неверојатна, вродена дарба за цртање и сликање.

Затоа, сите ученици бараа од него тој да им ги нацрта или доцрта цртежите. Така, стана омилен, сакан и баран – не само во своето одделение, туку дури и во целото училиште.

Р.Ш. освои многу награди на натпреварите за цртежи во училиштето, градот, Републиката, но и во странство.

 

3.

 

Кога требаше да се запише ученичката М.Л. во прво одделение во основното училиште и двете наставнички не беа многу заинтересирани таа да биде примена во едно од двете одделенија кои тие требаше да ги водат од прво до четврто одделение.

Директорката на училиштето, за да нема недоразбирања меѓу нив, откако виде дека тие самите не можат да се договорат, се одлучи за еден непопуларен, но ефикасен и функционален начин, а тоа беше фрлање жрепка за тоа во кое одделение да се запише ученичката М.Л.

И, замислете какво изненадување: М.Л. беше најдобра ученичка не само по првото полугодие, туку и на крајот од четвртото одделение. Наставничката на која и припадна М.Л. беше радосна и пресреќна, а другата наставничка се каеше поради стравот, предрасудите и скепсата и беше лута на себеси и многу разочарана.

 

4.

 

О.Х. кога се запиша во прво одделение во основното училиште, наставничката одлучи таа да седи во првиот ред, најблиску до наставничката и таблата, за да може подобро да гледа и слуша.

Но, она што потоа одлучи и го направи наставничката – беше од пресудно значење. Наставничката по првото полугодие предложи до О.Х. да седне најдобрата ученичка во одделението.

Најдобрата ученичка толку многу и помагаше на О.Х. како да беше втора нејзина наставничка и успехот на крајот од годината беше неверојатен и загарантиран.

И О.Х. го заврши прво одделение со одличен успех и со големо знаење.

 

5.

 

 

Кога се запишала ученичката К.И. во прво одделение во основното училиште не била со радост пречекана од нејзините другарчиња, затоа што седела во количка и не можела да ја следи наставата со истата брзина како другите ученици.

Но, благодарение на наставничката, која уште од првиот ден посебно се грижела за К.И., и не дозволувала никој да и се потсмева, да ја навредува и слично, веќе во второто полугодие К.И. полека но сигурно почнала побрзо и полесно да ја следи наставата и многу да не се разликува од другите ученици.

Наставничката, исто така, на секој час ги пофалувала сите ученици кои и помагале на К.И.

Улогата и значењето на ангажманот, помошта и поддршката на наставничката биле пресудни, К.И. не само со одличен успех да ги заврши основното и средното образование, туку и да магистрира.

 

6.

 

Н.А. е дете кое има проблеми со говорот, одењето и моторичките способности.

Поради забавената фина моторика Н.А. оди на прсти, има краткотрајно внимание и намалена концентрација.

Во училиштето најмногу сака да слуша и да одговара усмено.

Н.А. има посебни афинитети за учење англиски јазик.

Наставничката по англиски тоа го негува и развива кај ученикот на редовните часови, но и во дополнителната настава.

 

7.

 

 

З.П. е ученик во шесто одделение. Има проблеми со видот, затоа му е потребно повеќе време за да ги заврши определените активности.

Наставничката секогаш работи и индивидуално со З.П., односно му ги приспособува методите и времето за работа.

На ученикот З.П. повеќе му одговара усмено да одговара, отколку да пишува, бидејќи тоа го прави бавно и нечитко.

Писмените задачи за него се со заокружување, дополнување и поврзување, а не од отворен тип и со пишување.

 

8.

 

С.К. заедно со своите другарчиња од прво до четврто одделение учеше во училницата на првиот кат.

Но, кога требаше да продолжи во петто одделение, а наставата се одвиваше во посебни кабинети за математика, хемија, физика, биологија и странски јазик – се појавија и најголемите проблеми.

Родителите сакаа нивните деца да учат во кабинетите, а директорот и наставниците укажуваа дека тоа не е можно и за С.К.

Затоа, одржаа заеднички состанок, на кој се договорија да нема веќе различни мислења и недоразбирања, туку за оние предмети за кои не е неопходна кабинетска настава – таа да се одржува во училницата на приземјето од училиштето, а кога е кабинетската настава учениците да и помогнат на С.К. и таа да ја посетува заедно со нив. Покрупните и посилните момчиња ја носеа С.К. и нејзината количка, а девојчињата пак, торбата, заедно со книгите, тетратките и приборот.

 

 

 

 

С.К. има церебрална парализа, се движи со туѓа помош.

Седи во првата клупа за да гледа и слуша подобро.

Има потешкотии при пишувањето.

Поради С.К. нејзиното одделение е преместено на приземјето, најблиску до влезната врата на училиштето.

 

 

10.

 

 

Ученикот Д.П. има оштетување на слухот и носи слушен апарат.

Родителите се определиле да посетува редовно училиште.

Набрзо наставничката забележува дека кога дава инструкции за сите ученици, Д.П. треба посебно да го гледа директно во очи.

На тој начин, преку невербална комуникација, наставничката гледа и знае дали ученикот ја разбрал, или треба да ја повтори задачата за него.

 

Подготвил:

проф.д-р Христо Петрески,

Институт за наука, алтернатива, култура и уметност – Скопје