Анкета на Институтот за наука, алтернатива, култура и уметност – Скопје
КУЛТУРАТА И УМЕТНОСТА ВО УСЛОВИ НА ПАНДЕМИЈА
Институтот за наука, алтернатива, култура и уметност – Скопје во рамките на своите анонимни анкетни истражувања, неодамна спроведе анкета на тема Културата и уметноста во услови на пандемија.
Притоа, онлајн беа анкетирани 1.125 испитаници од Република Северна Македонија, но и од странство. Од нашата држава беа анкетирани 986 испитаници, а од странство беа анкетирани 139 испитаници и тоа: 22 од Србија, 21 од Хрватска, 13 од Словенија, 12 од Босна и Херцеговина, 9 од Црна Гора, 3 од Косово, 10 од Бугарија, 5 од Албанија, 2 од Грција, 4 од Турција, 3 од Италија, 1 од Португалија, 1 од Шпанија, 2 од Франција, 2 од Англија, 3 од Германија, 2 од Шведска, 12 од Австралија, 5 од Канада, 3 од САД, 2 од Кина, 1 од Хонг Конг и 2 од Индија.
На сите испитаници им беа поставени десет прашања и беа добиени следниве одговори.
Според речиси сите испитаници периодот на пандемијата бил катастрофален во текот на целата година, а посебно во вториот и третиот квартал.
Најмногу биле погодени приватните институции и независните културни работници. Но, тие пак биле пофлексибилни и полесно и побрзо се прилагодиле на новите услови за работа.
Повеќе од половината од институциите од сферата на културата и уметноста се приспособиле на новонастанатите услови и ситуации, но една третина не се ни обиделе и не ни успеале да го направат успешно тоа.
Најбрзо и најлесно манифестациите со физичко присуство биле заменети со онлајн активности и дале единствено можен и задоволителен резултат.
Протоколите и мерките за дистанца и претпазливост делумно биле испочитувани и применети и дале симболичен и скромен успех.
Во услови на пандемија согледани се, прифатени и применеѕи нови предизвици, можности и перспективи за иницирање, афирмација и презентација на културата и уметноста и тоа е единствената позитивна страна и исходнод пандемијата – според испитаниците.
Најдобри практики и иницијативи се остварени со помош и поддршка на државните органи и институции, како во земјата така и во странство. Со тоа што балканските држави барале и добивале и странски спонзорства и донации, а економски поразвиените земји исклучиво се потпирале на сопствени извори.
Единствен и недвосмислен заклучок од анкетата е дека требало и морало да се смени начинот на работа и живот за да се продолжи да се опстојува, но и за да се опстане во иднина.
Исто така, сите испитаници како излезно решение и спас ја посочуваат дигитализацијата, интернетот и електронските платформи за култура и уметност.
Заедничка заложба на испитаниците се новите механизми и можности за културна продукција, дистрибуција и консумација.
Пандемијата беше и е шок за уметниците, огромна и неочекувана бариера за културата и уметноста кои во 2020 година мораа да се провираат низ иглени уши, уметниците и културните работници да преживуваат, а институциите најчесто да ги одложуваат манифестациите за наредната година.
Светли точки, сепак, се онлајн ликовните изложби, онлајн промоциите на книги, онлајн саемите, конкурсите, наградите и признанијата.
Сепак, во услови на вештачко дишење на културата и уметноста на шкрги, во карантински услови – постигнати се значајни резултати и создадени се бројни нови дела, што најилустративно говори за отпорноста и виталноста на културата и уметноста и во услови на светска пандемија, која сите уметници, творци и културни работници очекуваат и посакуваат што побрзо да биде надмината, да биде намалена и ублажена, но и неповратно да исчезне и да биде засекогаш победена, отфрлена и заборавена.