Марија Стојановска: Воспитувањето и образованието на децата со посебни потреби – можности, програми и перспективи

Воспитувањето и образованието на децата со посебни потреби-

можности, програми и перспективи

 

Инклузијата во образованието претставува процес на меѓусебно уважување на

различноста на секој ученик и на неговите потреби, каде што ученикот е во центарот

на вниманието, а образовниот систем треба да се справи со предизвиците

исправени пред сите ученици. Ова подразбира материјална, финансиска и

кадровска подготвеност на училиштата да одговорат на потребите на различните

ученици во редовната настава, овозможување на наставни програми и помагала што

ќе бидат адаптирани на индивидуалните капацитети и потреби и ќе одговараат на

нивните афинитети.

Инклузија е процес на вклучување на деца коишто имаат посебни потреби во

развојот и деца кои немаат посебни потреби во развојот, а се на иста возраст, во

средината каде што учат и играат. Децата со пречки во развојот имаат исти основни

физиолошки, социјални и емоционални потреби како и другите деца. Вклучувањето

во редовните училишта ќе им овозможи рамноправен однос од страна на

општеството. Неприфаќањето ја продлабочува болката што ја чувствуваат тие и

нивните најблиски, а останатите ги остава посиромашни за една многу важна работа

во животот, да дадат дел од својата љубов и хуманост на децата со посебни

потреби. Етикетирањето на учениците со посебни потреби треба што побрзо да се

надмине. Етикетирањето на децата може да предизвика многу поголеми проблеми

во учењето од било која друга активност што ќе ја преземат наставниците. Кога ќе се

рече дека едно дете има одредени пречки, тогаш автоматски вниманието се

фокусира на една општа особина или состојба, а останатото се потиснува. Ваквото

стереотипно гледање на проблемот води кон симнување на прагот за очекувањата

што детето може да ги постигне. Многу наставници се однесуваат премногу

заштитнички кон овие деца. Се разбира дека внимателниот однос треба да биде

одлика во наставата, но секогаш треба да се внимава на опасноста од потценување

на детските можности. Честопати желбата да им се помогне и да се заштитат овие

деца доведува до значително намалување на образовната програма и таа не

претставува ниту предизвик ниту стимулација. Наставниците треба за цело време да

ги следат активностите на учениците како не би почувствувале конфузност и

збунетост. На тој начин ќе можат да оценат кои активности да ги стимулираат.

Потребно е наставниците да ги прилагодат програмите според можностите и

способностите на децата.Да се изработуваат индивидуални образовни програми за

секое дете во согласност со нивните индивидуални способности. Целите и задачите

треба да бидат добро осмислени и дефинирани.

Целите треба да се јасни, конкретни, остварливи и мерливи,важно е да се

дефинирани така што ќе може да се измери нивното постигнување.

Остварливоста на целите се проценува не само во однос на можноста на детето туку

и на реалните можности на родителите и на училиштето да се вклучат во

стимулирање на детето. Високо поставените цели може да доведат до стагнација

или регресија во развојот на детето, да имаат негативно влијание врз

самодовербата и мотивацијата.

При поставување на целите многу е важно да се одреди редоследот или

приоритетот. Понекогаш е важно прво да се создадат услови за да биде успешно

детето во некоја активност, со цел да се подигне нивото на самодоверба, а потоа да

се работи за да се постигнат некои повисоки образовни цели.

Додека пак задачите се потребните чекори што треба да се преземат за да се

постигне конкретната цел и треба добро да се разработат и да се конкретизираат.

Кога ќе се определуваат конкретни активности што ќе доведат до постигнување на

целта, не смееме да заборавиме да одговориме на прашањата: кој, кога и каде да ги

спроведе планираните активности.

Значајно е да се сфати дека оптимизмот е основа за успешно изведување на

наставата особено со ученици кои имаат одредени пречки во развојот и со тоа имаат

и посебни образовни потреби. За да се влијае врз намалувањето на потешкотиите

на кои се наидува за време на наставата, наставникот треба да ја познава

сложената мрежа на односи кои позитивно или негативно влијаат на овој проблем:

однос дете-дете, дете-наставник, родител-наставник. Ученикот треба да стекне

голема доверба кај наставникот, да се има обострана почит. Наставникот да верува

во вредностите на ученикот, а ученикот во наставникот. Да се поттикнат децата на

взаемна почит, да се поттикнат да си помагаат едни на други. Наставниците треба

со својот однос да ги охрабрат децата да им помагаат на децата со посебни

потреби. Родителот е партнер една од најважните алки во овој процес.

Укажувањата на тоа дека родителот поседува корисни информации за своето дете,

можат да бидат од голема помош за наставникот. Само родителот кој ја сфаќа и

прифаќа состојбата на своето дете со посебни образовни потреби, може да му

помогне и да биде успешен партнер со наставникот во решавањето на сите

препреки и проблеми кои ќе се појават во воспитно образовниот процес. Инклузијата

како процес на вклучување на учениците со посебни образовни потреби во

редовните училишта, наметнува обврска за адекватна подготовка од страна на

редовните училишта наставници, ученици и родители на деца од редовната

популација за прием на овие ученици. Тоа секако значи и службите за помош во

редовните училишта мораат да бидат оспособени да даваат адекватна и соодветна

помош и на наставничкиот кадар и на учениците со посебни потреби.

Во нашиот образовен процес се прават секакви напори за правилно и целосно да

функционира инклузивното образование.Но за жал нашите наставници , ученици и

родители не се подготвени во целост за реализација на истиот. Наставниците не се

кадровски и стручни подготвени, училиштата немаат соодветни услови и адекватни

наставни средста за децата со посебни потреби, учениците се чувствуваат

неприфатени а родителите тешко можат да ја прифатат таквата состојба на

сопственото дете. Навистина е тешко но време е да почнеме да го применуваме и

реализирме инклузивното образование. Сите заедно да се обидеме да им дадеме

можности на дечињата со посебни потреби да имаат еднаков пристап до редовното

образование прилагодено на нивните индивидуални карактеристики. Сите заеднички

да се обидеме да направиме еднаков свет за сите,свет на инспирации и

креативност, свет заеднички за сите , свет од кој ќе ја градат својата иднина.

 

Изработил:

Педагог Марија Стојановска

ООУ„Рајко Жинзифов“ – Оризари, Велес