Воспитувањето и образованието на децата со посебни потреби
Секое дете има право да има еднакви можности во својот развој.
Денес, во современиот свет се тргнува од ова право и секое дете може да се образува и да има редовно обрзование. Токму инклузивното образование, образование во кое ќе се почитуваат различностите претставува основа за праведно општество.
Со оглед на тоа што децата со посебни потреби имат некоја форма на попреченост, која може да биде од ментална, психолошка или физиолошка природа, некое психијатриско нарушување, тешкотија во учењето, хронично заболување, ним им е потребна посебна, специфична подршка и поголемо внимание во семејството и во воспитно-образовниот процес.
Денес во современиот свет изборот на образование е разновиден и се нудат повеќе опции, но секпак опциите зависат и од земјата во која детето живее. Генерално, децата со посебни потреби имаа можност да се образуваат во три вида училишта:
-образование во редовно училиште
-образование во специјално училиште
-образование во болнички услови-болничко образование
Кое образование да го одбере родителот за своето дете, секое од нив треба да нуди специфични ресурси како што се: лична поддршка, адаптација на наставните програми, индивидуално внимание, сево ова со цел да им се помогне на децата да ги надминат бариерите со кои се соочуваат во учењето и да им се даде еднаков третман.Каде ќе се образува детето со посебни потреби целосно зависи од карактеристиките на секое дете, околностите, опциите кои им се достапни на родителите и од изборот кои тие ќе го направат.
За да има инклузивно училиште, потребно е да постои образовна поддршка за децата со потешкотии во учењето. Најинклузивна опција за детето со посебни потреби е редовното училиште. Денешното редовно училиште се стреми и поттикнува целосна интеграција на сите ученици. Во редовното училиште детето учи и стекнува знаење заедно со учениците кои немаат потешкотии. Детето е дел од редовното образование, но истовремено истото е прилагодено на неговите потреби. Присуството на децата со посебни потреби во редовните училишта повлекува и едукативно и животно искуство за сите останати деца во паралелката. Клучна улога во тој процес има наставникот. Токму тој е најодговорен за создавање атмосфера за разбирање и прифаќање на различностите, преку промовирање на взаемна почит, соработка, разбирање и прифаќање на разликите.За да успее да го спроведе сево ова наставникот треба:
– да користи инклузивни методи и материјали кои ќе овозможат учење на сите деца . во паралелката;
-да се стреми кон индивидуализација на настава – оставрување на индивидуалните потенцијали на секое дете, меѓу .кои и децата со посебни потреби;
– да се стреми секое дете да го развива сопствениот и највисок потенцијал;
-За да постигнува видливи резултати со децата со посебни потребни,наставникот треба да добива помош и поддршшка од институции како: училиштето, центри за социјална работа, здравствени установи, и локална власт. Сите заедно треба да се стремат кон приспособување на образовната средина на потребите на децата со посебни потреби. Со ваков пристап на сите институците кон децата со посебни потреби може да се очекува остварување на максимумот на индивидуалните потенцијали на секое дете. Во редовното училиште ,учениците со посебни потреби можат да учат на два начина:
-во училницата на паралелката, каде сите деца добиваат релевантно внимание;
Со оглед на тоа што учениците со посебни потреби имаат потреба од работа по специјално прилагодена за нив наставна програма-тие може во рамките на редовното училиште да работат во :
– посебна училница (училница за поддршка)
Образованието во специјално училиште се препорачува во исклучителни ситуации ,кога детето има значителна интелектуална попреченост. Дефектолозите секогаш се за работа на децата со попреченост во реална, нормална училишна средина.
Предноста пак на овој вид училишта е тоа што во овие училиштата се нуди адаптирано образование според:
-образовните потреби на ученикот; специјално обучени наставници во овој вид училишта; користење на соодветни технички ресурси и методи; индивидуализирана настава;
Поддршката од дефектолозите и асистентите за децата со посебни потреби е исклучително важна за развојот на децата со потешкотии во учењето. Тие всушност се најголема поддршка во училишната средина. Тие се од голема помош и за наставникот.
Болничкото образование
Децата со посебни потреби кои подолго престојуваат во болнички услови,кои страдаат од хронични болести кои бараат долгорочен престој во болница ,кои имаат тешки ментални и психијатриски нарушувања имаат можност да се едуцираат и во овие услови. Некои болници овозможуваат курсеви за едукативна поддршка.Оваа алтернативна можност која во болнички услови им се нуди на децата со посебни потреби е со цел спречување на маргинализација на учениците кои се соочуваат со вакви проблеми, а се на училишна возраст.
Важна алка за правилниот развој на децата со посебни потреби е успешната соработка и довербата помеѓу домот и образовната установа. Добрата соработка со родителите генерално создава подобри услови за помош и поддршка на децата. Разјаснувањата за очекувањата кои ги имаат двете страни од детето со посебни потреби е исто така важна алатка при градење взаемна доверба на релација родител – образовна установа.
Праксата во училиштата сеуште покажува голема флексибилност за децата со посебни образовни потреби низ образовниот процес. Флексибилност во однос на обемот на зададени барања, квалитетот на содржините кои ги изучуваат, оценувањето на постигањата . Од овој пристап на работа треба да се ослободува нашиот образовен систем за да се создадат услови децата со посебни потреби да не бидт на маргините на општеството во текот на целиот живот, туку напротив да бидат реализирани личности, во еднаква позиција со сите останатите и конкурентни на пазарот.
,,Секоје генијалец. Но, ако и се суди на риба, според нејзината способност да се искачува на дрвјата,таа ќе го живее целиот свој живот во верување дека е бескорисна”. – (Алберт Ајнштајн)
Секое дете треба да ја добие шансата во општеството,секое дете треба да биде риба во море во кое ќе учи и научи да плива. На секоја риба треба да и се даде шанса да плива. Секоја риба треба да го најде своето море, морето во кое ќе се чувствува вредно и ќе живее.
Данче Костовска-Јакимовска
Одделенски наставник во ООУ,,Дане Крапчев “- Скопје