Филип Димкоски: Улогата и значењето на списанијата, прирачниците и другите визуелни, аудио и видео изданија и материјали во воспитно-образовниот процес

Улогата и значењето на списанијата, прирачниците и другите визуелни, аудио и видео изданија и материјали во воспитно-образовниот процес

 

 

 

Со текот на времето образованието постојано трпело и трпи многу промени. Дел од нив добри и позитивни, но за жал голем дел од нив се негативни, деградирачки и промени кои предизвикуваат големи и трајни последици во образованието на децата. Сепак, образовниот систем зависи од државниот апарат кој го оформува и регулира тој систем, па често поединците се спречени да придонесат во неговиот развој и потребните промени. Но токму авторите на книги, учебници, прирачници, дидактички материјали, аудио-визулелни материјали и весници и списанија кои доколку творат вон системот, се неприкосновени во она што го прават, можат во огромна мера да придонесат за квалитетно дополнување во воспитно-образовниот процес но и за развивање на додатни вештини, знаења и спсообности кај младите восприемачи на тие материјали.

Од слободата на авторите на содржините, кои денес за среќа на многу начини можат слободно да дојдат до децата и до родителите, произлегува и огромната одговорност кај тие автори. Што да се напише? Како да се напише? Колку  да се напише? Кога да се напише и како напишаното, односно снименото и објавеното да се претстави, промовира, доближи до потенцијалните негови читатели, слушатели…

Живееме во материјалистички свет каде секако, од изданиајта за деца, се има предвид и заработката. Па така, разни издавачи следат разни светски текови, објавуваат најразлични материјали со цел да ги донесат светските нешта кај нас. И секако тука нема ништо лошо, се додека не се дојде до момент каде се заборава функцијата на тие изданија, туку се гледа само целта односно профитот. Тука веќе имаме проблем, каде по цена на пикање во фиока и во подрум на македонски квалитетни изданија, се промовираат неквалитетни и со компромитирачка содржина и лоши преводи кои со добра реклама и пристапни цени им се сервираат на младите читатели. За жал такви изданија се сретнуваат и меѓу оние од домашната продукција.

Води ли некој сметка и понесува ли некој одговорност за лошиот материјал сервиран пред одние кои нештата ги впиваат како сунѓер? И бидејќи, се е толку либерално и  се е дозволено, веќе не може да се бара одговорност од некоја приватна фирма, издавачка куќа или институција, туку треба да се повеќе да се бара одговорноста кај поединците. Јас верувам во свесноста на луѓето и во можноста за нивно освестување. Доволно е само да се помисли вака: „Ова што јас сега го пишувам, им го сервирам на децата и нивните родители, иако не е квалитетно, туку е штетно, утре можеби ќе го чита моето дете, моето внуче“.

Во еден поширок контекст, а сосема логичен, свесноста за она што го создаваме односно, пишуваме, снимаме или сликаме за децата е свесност и грижа не само за изданијата, туку свесност и грижа за децата односно за општеството и човештвото.

 

Би можело да се пишува уште многу на оваа тема, но на крајот, пак ќе сфатат оние кои барем малку се освестени или оние кои имаат потенцијал да се освестат. Затоа, случајните читатели нема потреба ниту да го читаат ниту да го слушаат ова. Напишано е за неслучајните, а со цел и со интерес и пред се од љубов кон децата и желбата за нивнниот здрав психо-емотивен развој, за нивниот правилен напредок и за создавањето на зрели и стабилни личности.

Улогата и значењето на списаниајта, прирачниците и другите визулени, аудио и видео изданија и материјали имаат голема и значајна улога во воспитно-образовниот процес и токму затоа заслужуваат голема одговорност, голема стручност и посветеност при нивното креирање, а сето тоа единствено може да произлезе од безусловна љубов кон децата.

 

 

Филип Димкоски,

поет, уредник на „Полжавче“ – списание за училишните  активности на Слоу Фуд Македонија,