Воспитувањето и образованието на децата со посебни потреби – можности, програми и перспективи
Резиме: Конвенцијата за правата на децата терминот „дете со посебни потреби“ е дефиниран на следниот начин: „Дете со пречки во развојот е дете со посебни потреби, а дете со посебни потреби е ДЕТЕ“. Дете со посебни потреби е дете на кое му е потребна специјализирана нега поради физички, емоционални или здравствени причини. Секое дете има право на образование. Децата со посебни потреби имаат потреба од образование и социјализација. Во таа смисла неминовно е да се обрне внимание на образование и социјализација во склоп на основни училишта, со почитување на нивните индивидуални можности и способности.
Клучни зборови: образование, социјализација, попреченост, посебни образовни потреби(ПОП), училиштен инклузивен тим (УИТ) и индивидуална образовна програма (ИОП).
- „Дете со пречки во развојот е дете со посебни потреби, а дете со посебни потреби е ДЕТЕ“
Како одделенски наставник би сакала да го споделам своето искуство и мислење за воспитувањето и образованието на децата со посебни потреби.
Во конвенцијата за правата на децата терминот „дете со посебни потреби“ е дефиниран на следниот начин: „Дете со пречки во развојот е дете со посебни потреби, а дете со посебни потреби е ДЕТЕ“. Дете со посебни потреби е дете на кое му е потребна специјализирана нега поради физички, емоционални или здравствени причини. Видовите посебни потреби значително се разликуваат од физички предизвици до разлики и развојни болести.
Тие можат да бидат попречености во комуницирањето, да имаат попречувања и задоцнувања во развојот, емоционални пречки, попречувања во однесувањето, оштетен вид или слух, исклучителни здравствени потреби, попречувања во учењето и физички предизвици. Кај некои деца се среќава комбинација на неколку состојби.
За овие деца се кристи терминот „посебни образовни потреби(ПОП)“, а се однесува на децата и младите кои имаат потешкотии во учењето, или кои имаат попреченост што им го прави потешко учењето и пристапот до образование, за разлика од повеќето лица на иста возраст.
Децата со посебни образовни потреби имаат исти основни физиолошки, социјални и емоционални потреби како и другите деца. Вклучување во редовните училишта им овозможува рамноправен однос од страна на општеството. Инклузија е процес на вклучување на деца кои имаат посебни потреби во развојот и деца кои немаат посебни потреби во развојот, а се на иста возраст во средината каде што учат и играат. Децата не треба да се маргинилизираат и етикетираат, затоа што кај децата може да предизвика многу поголеми проблеми во учењето. Кога ќе се рече дека едно дете има одредени пречки, тогаш автоматски вниманието се фокусира на една општа особина или состојба, а останатото се потиснува. Ваквото стереотипно гледање на проблемот води кон симнување на прагот на за очекувањата што детето може да ги постигне. Многу наставници чувствуваат емпатија кон овие деца и се однесуваат премногу заштитнички. Се разбира дека внимателниот однос треба да биде одлика во наставата, но секогаш треба да се внимава на опасноста од потценување на детските можности. Наставникот со својата голема желба да им помогне на овие деца, допринесува до значително намалување на образовните постигнувања и тогаш нема образовен предизвик, ниту стимулација. Наставниците треба цело време да ги следат активностите и постигнувањата на учениците, како не би почувствувале конфузност и збунетост.
- Улогата на инклузивните тимови во училиштата и изработка на индивидуални образовни програми (ИОП)
Во секое училиште се формира училиштен инклузивен тим (УИТ), кој се грижи за инклузивните политики и практики на ниво на целото училиште.
Инклузивниот образовен тим (УИТ) го сочинуваат: педагог, психолог, дефектолог, наставници, директор и родители.
Училишниот тим во секое училиште треба:
- да ја определи и да ја ревидира својата политика во поглед на обезбедувањето на образованието;
- да изготви акциски и годишни програми;
- да ги објави пропишаните информации;
- да поднесе годишни извештаи до родителите за мерките преземени во
спроведувањето на училишната политика;
- соодведтна обука наставниците и друго.
Главна цел која треба да ја постигне стручниот тим е:
- активно учество во процесот на инклузијата и во помагањето на детето со пречки во развојот;
- усвојување на методи и техники за поттикнување на детскиот развој;
- развивање на советодавни вештини во работата со родителите на децата со посебни образовни потреби, наставниците и соработниците;
- оспособување за изработка на индивидуални образовни програми(ИОП);
- развивање и примена на план за евалуација и развој на училиштето според инклузивниот метод.
На ниво на целото училиште инклузивниот тим води грижа а за
изготвување и реализирање индивидуална образовна програма (ИОП).
Со учениците кои имаат попреченост при учење, ако потешко учат во споредба со поголемиот број на другите ученици од иста возраст со нив се реализира индивидуална образовна програма (ИОП).
Сите деца се различни, секое дете има свои способности. Ученици кои може да имаат потешкотии со учење најчесто ги вклучува: дислексија, синдром на хиперактивност, диспраксија, аутистички спектар, потешкотии со говор и јазик, спектар на скриени потешкотии во учењето …
3.Можности во воспитувањето и образованието на децата со посебни потреби
Најпрво да се диференцираат можностите на секое дете со посебни потреби и следен важен чекор е изработката на индивидуални образовни програми (ИОП).Функцијата на изработката на овие програми е на ученикот со посебни потреби да му се обезбедат специјализирана или индивидуална помош во училиштето. ИОП е пишан документ чија основна задача е на ученикот со посебни потреби да му се обезбеди специјализирана или индивидуална помош во образованието. Според законот ИОП за секој ученик со посебни потреби се базира врз неговите индивидуални, образовни, социјални и други потреби. Во креирањето на ИОП учествуваат родители на учениците со специјални образовни потреби, наставници од редовната настава УИТ.
По барање на родителите може да се вклучат и други стручни лица од оваа област и ако е можно и ученици со посебни потреби. При изработка на ИОП се поставуваат краткорочни и долгорочни цели.
При изработка на ИОП мора да се води сметка за неколку работи:
- моменталното ниво на можностите на ученикот и годишните цели;
- по извршената проценка на ученикот да се направат годишни цели за секоја област на развој и учење која сме ја идентификувале како слабо развиена или неразвиена;
- да се води сметка за приоритетните потреби на детето;
- годишните цели мора во потполност да им бидат јасни на сите членови на УИТ и на родителите.
Досегашната образовна практика на учениците со посебни потреби има сериозни проблеми во совладување на специјалната и редовната наставна програма, затоа што посебно одделенските наставници не се доволно специјализирани за работа со деца со пречки во развој.
Значајно е да се сфати дека оптимизмот е основа за успешно изведување на наставата особено со ученици кои имаат одредени пречки во развојот и со тоа имаат и посебни образовни потреби. За да се влијае врз намалувањето на потешкотиите на кои се наидува за време на наставата, наставникот треба да ја познава сложената мрежа на односи кои позитивно или негативно влијаат на овој проблем: однос дете-дете, дете-наставник, родителнаставник. Ученикот треба да стекне голема доверба кај наставникот, да се има обострана почит. Наставникот да верува во вредностите на ученикот, а ученикот во наставникот. Да се поттикнат децата (соучениците) на взаемна почит, да се поттикнат да си помагаат едни на други. Наставниците треба со својот однос да ги охрабрат децата да им помагаат на децата со посебни потреби. Родителот-партнер е концепт што се чини се повеќе го зајакнува својот кредибилитет. Укажувањата на тоа дека родителот поседува корисни информации за своето дете, можат да бидат од голема помош за наставникот. Само родител кој ја сфатил и прифатил состојбата на своето дете со посебни образовни потреби, може да му помогне и да биде успешен партнер со наставникот во решавањето на сите препреки кои ќе се појават. Инклузијата како процес на вклучување на учениците со посебни образовни потреби во редовните училишта, наметнува обврска за адекватна подготовка од страна на редовните училишта и градинки, наставници, ученици и родители на деца од редовната популација за прием на овие ученици. Тоа секако значи и службите за помош во редовните училишта мораат да бидат оспособени да даваат адекватна и соодветна помош и на наставничкиот кадар и на учениците со посебни потреби.
4.Перспективи во воспитувањето и образованието на децата со посебни потреби
Зголемените барања за инклузивно образование на учениците со посебни образовни потреби во редовните училишта, се почесто го интензивира овој проблем. Затоа е потребно е да се направат многу специфични промени за да има позитивни резултати за децата со пречки во развој:
- да се изврши обука на наставниците;
- да се вклучат директно дефектолози како придружни лица на децата;
- да се обучат лица од УИТ кои би ја координирале работата помеѓу членовите на екипата за да има координирана соработка.
Наставниот кадар во основните училишта, во својата работа, постојано се среќава со најразлични состојби со ученици со посебни потреби за кои се многу малку или воопшто не се информирани во текот на своето формално образование. Некои наставници сами се дообразуваат и самомотивираат, со цел да им помогнат и да постигнат повеќе со своите ученици со посебни потреби. Потребно е дополнување на формалното образование на наставниците и психолошко педагошката служба со предмети и содржини кои се однесуваат на едукација за работа со деца со посебни потреби. Бидејќи образованието е постојан процес, мора да постои и континуирана едукација (теоретски и практични обуки), поткрепено со придружна литература (прирачници). Неопходно е планирање на задолжителена едукација на факултетите за идните наставници и професори, каде што ќе се подготват со основните методолошки и методички знаења за работа со овие лица, како и воведување асистивна технологија и помагала, кои се од суштинско значење за инклузивниот процес. Освен намалувањето и лимитирањето на бројот на ученици во едно одделение, кога во него има ученик/ци со посебни потреби, наставниците треба дополнително да се мотивирани за својата работа со ученици со посебни потреби.
ЗАКЛУЧОК
Во последните години се зголемуваат барањата за инклузивно образование на ученици со посебни образовни потреби во редовните училишта. Затоа е потребно да се направат многу специфични промени: обука на наставници, поголема вклученост на дефектолозите или други стручни лица во самите паралелки како образовни асистенти на учениците, задолжителна едукација на факултетите за идните наставници и професори, воведување асистивна технологија и помагала и правилна распределба на учениците во паралелките.
Децата со посебни образовни потреби треба да се вклучуваат и во воннаставни активности и да им се даде можност да покажат што умеат и можат.
Учесник: Јадранка Клисарова – ООУ „Блаже Конески“ – Скопје, Република Македонија jadrankaklisarova@gmail.com