Зорица Милкова: Воспитувањето и образованието на децата со посебни потреби – можности, програми и перспективи

Воспитувањето и образованието на децата со посебни потреби

– можности, програми и перспективи

 

Ќе започнам со извадок од Конвенцијата за правата на децта:

Член 23 „Државите членки признаваат дека ментално заостанатото или физички инвалидното дете треба да ужива полн и достоинствен живот, во услови кои го обезбедуваат неговото достоинство, ја поттикнуваат самостојноста и го олеснуваат активното учество на детето во заедницата.“

Член 28 „ Државите членки го признаваат правото на детето на образование, и со цел за постепено остварување на тоа право на еднакви можности, посебно го прогласуваат за задолжително и бесплатно за сите.“

Член 29 „ Државите членки се согласни дека образованието на детето треба да биде насочено кон развој на личноста на детето, развој на надареноста и менталните и физички способности до крајни граници.“ ¹

Не случајно ги избрав овие три члена од Конвенцијата за правата на детето, тие се двигател на нашата благородна работа а тоа е учителството.

Како одделенски наставник, досега сум се сретнала со секаков вид на ученици кои се разликуваат меѓусебе како снегулки, ниту едно не е исто. Имав прилика во две мои генерации да имам ученици со посебни образовни потреби  кои ми го променија начинот на живот, пристапот кон учениците и ми всадија уште поголема љубов кон работата.

Да се биде наставник кој работи со ученици со ПОП и ученици со нормален развој воопшто не е лесно. Инклузивно образование значи вклучување на сите деца во наставните и вон – наставните активности на училиштето. На сите деца треба да им се овозможи потребната поддршка во процесот на учење, да се почитуваат сите разлики помеѓу децата по возраст, пол, етничка припадност, јазик, попреченост, социјален статус. Ние сме тие кои треба да изградиме образовна структура, систем и методологија која ги задоволува потребите на сите деца.

Со првиот мој ученик со ПОП се сретнав на мојот прв работен ден во централното основно училиште. Се најдов во ситуација да морам да побарам помош од мојот ментор и од стручната служба бидејќи немав никаква обука, подготовка за работа со овие ученици. Така започна предизвикот за дополнително лично усовршување и надградување на моето знаење за работа со ученици со ПОП.

Првиот чекор започна со формирањето на Училишниот инклузивен тим (УИТ). Започнавме со подготовка на индивидуални образовни планови но и побаравме дополнителни обуки од БРО и други приватни провајдери.

Обуките кои што се реализираат во нашата држава, барем оние кои јас сум ги посетила, не ги задоволуваат нашите потреби како наставници за наша лична подготвеност за работа со овие ученици.

За да се работи со децата со посебни образовни потреби, најпрво треба да има ресурси кои би ни биле на располагање во секое време, треба да се подигне свеста на родителите за поимот „ПОП“ како би немале отпор за нивна инклузија. Треба да се обучат поголем број на наставници кои во секое време би споделиле добра практика еден со друг, а исто така треба да имаме и стручни лица како дефектолог, психолог кои би ни биле поддршка за непречено одвивање на образовниот процес. Но за жал во реалноста многу малку од тоа имаме.

На повеќето од обуките на кои сум била до сега, се споредува воспитно – образовниот процес во другите земји како Англија, Шпанија, Италија итн. Се прават споредби со тоа како наставниот кадар таму работи со овие ученици и колку време им посветува, но се заборава дека ние во нашата држава функционираме со различен модел. Тие имаат наставник, заменски наставник, индивидуален образовен асистент, дефектолог, социолог, психолог а ние имаме наставник и понекогаш психолог или дефектолог. На обуките ни претсавуваат образовни планови кои се реализираат беспрекорно затоа што ги имаат сите потребни човечки ресурси и материјални ресурси, а овде ние индивидуалните образовни програми често „ги препишуваме“ едни од други, заради оскудно обучените кадри, немаме помош од човечки ресурси а уште помалку од материјални (секоја чест за училиштата кои имаат услови за тоа).

За еден образовен систем да биде на ниво како Европските држави, најпрво треба да вложиме во себе, мислам на остручнување на воспитно – образовниот кадар а потоа тоа да го имплементираме во воспитно – образовниот процес како што треба. Образованието на децата со ПОП не значи пишување на ИОП, тоа значи труд и индивидуална работа со тие деца.

Јас би започнала со кампања за подигање на свеста на родителите и охрабрување на родителите на децата со попреченост да го прифатат фактот дека на нивното дете му треба посебен вид на образование. Често се соочуваме со родители кои видливо нарушените ментални способности на своето дете ги знаемаруваат. Тоа ги врзува нашите можности за правилно насочување и работа со овие деца и се случува истите да се „провлекуваат“ најчесто неписмени низ погорните одделенија до завршување на основното па и средното училиште. Кога би имале поддршка од родителите и соработка со нив, верувам дека резулатот би бил одличен, секако според можностите и способностите на детето.

Потоа би дала предност на професионалното усовршување на образовниот кадар. Што повеќе обучени наставници – толку поголем резултат. Тука би ставила акцент на методолошкиот пристап кон учениците а потоа и кон индивидуализираната настава со овие деца. Откако наставниците и стручната служба би имале повеќе знаење во однос на потребите на овие деца индивидуалниот образовен план, самите часови и наставни материјали би имале поголема тежина и би вродиле плод.

Да не заборавиме дека од големо значење е и социјализираноста на овие деца со останите ученици. Неизбежни се креативните работилници преку кои на учениците ќе им се појасни поимот „посебен“, „различен“ и би се намалиле предрасудите кои тие за жал сеуште ги имаат за децата со ПОП. Средината во која децата растат, се развиваат и учат е еден од најважните фактори за тоа во каква личност ќе се развијат.

И за крај, светот би бил поубаво место за живеење кога секој од нас ќе сфати дека насмевката на сите е иста.

 

Одделенски наставник Зорица Милкова

ООУ „Тошо Велков – Пепето“ Кавадарци