Skip to main content

Улогата и значењето на списанијата, прирачниците и другите визуелни, аудио и видео изданија и материјали во воспитно-образовниот процес

 

Апстракт: Овој напишан текст ќе послужи одблиску да се претстави значењето и незаменливата улога на списанијата, прирачниците и други аудио-визуелни средства, за воспитувањето и образованието на децата. Во не многу далечното минато,  општоприфатен начин на учење и подобрување на воспитувањето, беше користење на овие средства во наставата и надвор од неа. Но денешниот модерен развој на општеството и забрзаниот процес на технолошки иновации, нуди други можности за пристап до децата уште од нивното раѓање. Модерниот телефон, таблет или ајпад, најчесто ги заменува сликовниците, играчките, таблите за пишување, списанијата за деца. Се прашуваме зошто е тоа така? Каде исчезна читањето приказна пред спиење, каде е раскажувањето на бајките од Андерсен или браќата Грим и сказните со кои ние пораснавме?

Брзото темпо на живеење во модерното општество, бара родителите да наоѓаат различни начини да му го свртат вниманието на  детето да биде мирно или да спие. Зошто и тие треба да се одморат од напорниот ден, нели!!! И, дали би можело тука нешто да се смени? Да, може и тоа како. Задолжителна едукација на родителите од содветни институции, уште од самото раѓање на детето. Објаснување зошто сликовницата треба да биде првиот детски предмет, а не телефонот.  Зошто сликовницата овозможува прв начин на насочување кон правилно воспитување. Со неа, перцепцијата ќе одигра важна улога во секојдневниот живот и за секоја понатамошна активност на детето, без разлика дали е аудитивна или визуелна. Сетилата природно се надополнуваат едно со друго. Слабоста на видот, се надополнува со добриот слух, и обратно. Така се поврзуваме со околината. Затоа сликовницата, списанието и  книгата,  треба да бидат мост на тоа поврзување.

 

Клучни зборови: сликовница, дете, родители, општество, модерен развој

 

 

 

Улогата и значењето на списанијата, прирачниците и другите визуелни, аудио и видео изданија и материјали во воспитно-образовниот процес е многу голема и од важен интерес. Тие можат да помогнат во полесно перципирање на секојдневните појави. Родителот и воспитувачот мора да наоѓаат најразлични начини на нивна примена. Денес постојат многу аудитивни книги, аудио учебници, книги со Брајово писмо, музички сликовници…  Тие се скапоцено помагало за развивање на детското спознавање на предметите од природната околина. Со нив децата учат, се развиваат, стекнуваат знаења. Ја развиваат својата имагинација и својот поглед кон светот. Улогата на овие материјали е уште повеќе важна, ако тие се прилагодат на детската возраст и на детскиот развој. Случките и доживувањата на „Снежана и седумте џуџиња“, „Црвенкапа и волкот“ или „Трите прасиња“, ќе му помогнат на детето да научи и да распознава праведност, искреност, чесност од лага и измама, кога ќе чуе за нив уште од најмали нозе. Во прикажаните ситуации, всушност, детето ќе го препознае доброто од злото и ќе научи како да се справи со нив.

Што е наша цел?  Целта нам, на родителите, воспитувачите, наставниците и сите што работат со деца, треба да ни биде постојано користење на вакви материјали. Зошто? За да му помогнеме на детето да го научи животот. Да може лесно да ги прифаќа секојдневните ситуации. Да му го покажеме правилниот пат кон својот развој и да му ги зајакнеме позитивните емоции и чувства.

Како да ја оствариме таа цел? Одговорот е да го вратиме значењето на аудио –визуелните материјали на пиедестал, со тоа што ќе организираме едукативни работилници за родители, читачки работилници за деца и ќе им овозможиме полесен пристап на децата до книгата.

Да се обидеме уште веднаш…..Еве на пр: подарокот чоколадо да го замениме со подарок сликовница…

 

 

Напомена: Идеите и ставовите во овој текст се лично мои и се темелат на повеќегодишната работа во училште како одделенски наставник на деца до десетгодишна возраст.

 

Елизабета Јанева – професор по одделенска настава во

ООУ „Ристо Шуклев“, Негорци

b.eti1977@hotmail.com