Skip to main content

Воспитанието и образованието на децата со посебни потреби

  • можности, програми и перспективи

 

Инклузивното образование во последните децении е во фокусот на многу интердисциплинарни истражувања ,законски регулативи и реформи на образовниот систем во нашата земја.Со интенција да се овозможи квалитетно образование за сите деца вклучително и за децата со посебни образовни потреби.

Во македонскиот модел на инклузивно образование, во групата ученици со посебни образовни потреби според законот за основно образование и како лица со ПОП се третираат оние лица на кои им е потребна помош од физиолошка,ментална или психолошка природа.

Воспитно –образовниот процес за нив  во основното образование се одвиваше во рамките на:

  1. 1. Посебни воспитно-образовни установи, каде што воспитно-образовниот процес се реализира според: прилагодена програма односно посебна програма.

2.Во редовните училишта, каде што воспитно-образовниот процес за овие лица се одвива во:

– редовни паралелки, почитувајќи го принципот на индивидуализација во наставата;

-посебните паралелки при редовните училишта, каде што се применува прилагодена наставна програма.

За да од јули 2019  година во  новиот предлог закон за основно образование се понуди тотална инклузија што би значело дека сите деца со посебни образовни потреби, независно од степенот на интелектуална или физичка попреченост, наместо во специјални училишта, своето образование да го имаат  во редовните основни училишта.

Секако овој предлог закон ја разбранува јавноста и  сѐ уште постојат сомнежи и тешкотии во теоретските размислувања и во практичната реализација на оваа идеја.Колку сме сите чинители спремни и подготвени за негова реализација и имплементација.Размислувањата водат во насока на интегрирањето кон можностите и перспективите  кои се нудат на сите инволвирани во овој процес.

Иако терминот инклузија е многу често употребуван ,особено кога станува збор и кога се зборува за образовните промени, во практиката и понатаму има недоволно разбирања за основните димензии на овој процес.Инклузијата подразбира постојан процес на вклучување на децата и прилагодување на нивните потреби, што е неизбежно поврзано со континуираниот процес на педагошки и организациски промени во рамките на редовните училишта..

За жал често како наставници  се соочуваме со мислења и коментарите дека успехот на вклучувањето на лицата со посебни потреби во редовна настава, односно успехот на самиот инклузивнент процес, во голема мера зависи од професионалците кои се директно вклучени во процесот – наставниците, како и од нивните лични ставови.

Но ако погледнете од другата страна ќе увидите дека сето ова да се имплементира успешно во училишна и социјална интеграција во рамките на редовните училишта подразбира и квалификуван, стручен едуциран персонал за рехабилитација кој работи со деца, родители, наставници и дава советодавна помош Примена на посебни образовни и рехабилитациски процедури за воспоставување на успешно функционирање на децата со посебни потреби, примена на специфични методи, алатки и опрема за реализација на едукативни и рехабилитациони задачи. Дете што има попреченост има право на образование, но потребни му се и неопходни  услови за тоа.

Примената на инклузивното образование бара неопходни реформи на повеќе нивоа во системот, како и на широк опфат на фактори. Овие вклучувачки промени во правна рамка подразбираат промени во терминологијата, обезбедување финансиски услови, но и промени во опсегот и видот на услуги што го поддржуваат образованието во континуираната едукација на наставниците, обезбедување соодветни услови и физичка пристапност во училиштата, секако овие промени треба да бидат вклучени и во  предучилишното воспитание и образование

 

Училишните инклузивни тимови во повеќето основни училишта во Република Северна Македонија имаат изготвено интерни акти, процедури и протоколи за сопственото работење (програма и акциски план за сопствената работа, процедура и образец за изработка на индивидуален образовен план за работа со ученик со посебни образовни потреби и процедура за следење на напредокот односно резултатите на ученикот што работи според индивидуален образовен план).Во редовните училишта се настојува да им се обезбедат персонални и педагошки асистенти во давање поддршка на учениците со посебни образовни потреби .

Информирањето и едукацијата на сите чинители во инклузивниот процес сметам дека е едно од клучните прашања на кое многу малку се посветува внимание.Социјалната интеграција според сите научни истражувања говори за фактот дека децата со попреченост и нивните врсници кои немаат попреченост  дава убава можност на сите деца да учат,играат и да добијат можност да се развијат во личности кои ќе се разбираат и почитуваат меѓусебно. Ваквите социјални интеграции ќе допринесат и за поголеми достигнувања на децата  во нивниот социјален и ментален развој.

Ова иницира многу дилеми и прашања за дискусии кои влијаат врз развојот и напредокот на инклузивната социјализација  Дали недостатокот на ресурси, особено човечки ресурси и наставни материјали како и просторни услови за реализација , се детектирааат како сериозно ограничување во имплементирање на инклузијата?  -Колку и дали доволно сме едуцирани во прифаќање на разликите?, Колку во воспитно образовниот систем е посветено внимание и едуцирање на децата без попреченост за нивните врсници кои имаат физичка или ментална попреченост? ,Дали сме се запрашале како чинители вклучени во инклузивниот процес, како менталното и емоционалното здравје влијаат врз учењето и социјализацијата на самите деца?Со кои вештини на однесување на децата без пречки во развојот во заедничките активности со децата со пречки во развојот  претходно сме ги запознале или научиле?.Дали во одделенијата каде нема вклучени деца со попреченост воопшто се едуцираат децата и на кој начин тоа се прави за да се надминат и прифатат разликите и тие да ги прифатат децата со попреченост?.Колку и како тоа влијае на социоемоционалниот развој на децата? Постои ли доволна меѓусекторска координација за поддршка и одржливост?

Ова се само мал дел од дилемите и прашањата  на кои треба час поскоро да се најдат и создадат соодветни решенија и реформи за процесот на инклузија да заживее во сите сфери на нашето општество. Само со идентификување и поткрепено аргументирање на социјалната инклузивност ќе им овозможиме правилен раст и развој на нашите деца.Сепак целта на инклузивното образование е на секое дете да му се овозможи активно учество во училишните активности и стекнување на позитивни искуства низ редовното образование.

 

Професор во одделенска настава

Лила Арсова

Велес